Stefan.V.CHetvtok.jpg

 Св.Теофан Затворник : 1.Молитвата – дишење на духот (Речник на христијанскиот живот - 69)

 


Stefan.V.CHetvtok.jpg

2. Оладување. Причини за оладување

 Оладувањето за кое зборувате настанува или од душевна исцрпеност, или затоа што душата се презаситила од она што е душевно (погледнете за тоа во книгата „Што е духовниот живот“), или затоа што на телото му е дадено премногу спокојство и секакво изобилие, или од вообразеност и други страсти кои ја вознемируваат и исполнуваат душата. Сето тоа е спротивно на духовниот живот во кој царица е молитвата, сето тоа го валка и заградува изворот на молитвата. А се случува по Божјо допуштање, и после одстранувањето на благодатта. Кога вашата душа пламти од усрдност, тоа е дејство на благодатта, го допира Божјото со душата. Се случува, кога ова долго ќе потрае, душата да почне да мисли дека таа е мајстор за молитва, заборавајќи дека животот на молитвата не е нејзино дело, туку дело на благодатта божја која нам ни е својствена. За таквото размислувања благодатта заминува и ја остава душата сама... а таа самата од себе не може да се придвижи на духовно... што и е оладување или мрзливост... Што да се прави? Главно е, да се потрудиме да ги отстраниме причинита за таквата состојба. Потоа да постапувате така како и што постапувате: да се исполнува правилото, без оглед на мрзеливоста, да се трудиме да се соберат мислите и да се обноват чувствата кон Бога. Заради трпението и смирението, благодатта ќе се врати... и истиот час ќе ја растера мрзеливоста, како што ветрот ја растерува маглата.
3. Како да се поттикнува молитвата и да ја обновуваме во секоја доба
 На моитвата кооја се одвива без собраност и со ладна душа не треба да ù се одредува граница и крај. Како паднати, ние сме се оладиле и треба долго да се поттикнуваме себеси за пак да би се загреале. Напорот е, значи, неизбежен. Но, ако издржиме, постојано и разумно, тој секогаш се крунисува со успех, и тоа не од нас, туку од милоста Божја која е безгранична.
 Исусовата или некоја друга кратка молитва е добра ако се прилепи за јазикот. Погрижете се само при тоа со вниманието да не бидете во главата, туку во срцето, и останете така не само во време на стоењето на молитва, туку и во секое друго време. Потрудете се во срцето да образувате некоја раничка... Постојаниот напро тоа брзо ќе го постигне... Не е во прашање ништо особено. Тоа е природна работа (тоа, што ќе се појави раничка). Но, тоа ќе доведе до поголема собраност. Главно е дека Господ, видувајќи го трудот, ќе ни ја дарува потоа и Својата благодатна молитва. Тогаш во срцето ќе се воспостави сопствен ред.
4. Непрестајната молитва
 Што значи да се молиме без престан? Значи непрестајно да се биде во молитвено расположение. Молитвеното расположение е да се има  истовремено и мисла за Бога и чувство кон Бога. Мислата за Бога е мисла за Неговата Сеприсутност – дека Тој е секаде, сè гледа и сè држи. Чувството кон Бога, тоа е стравот Божји, љубовта кон Бога, ревносната желба да Му се угодува само Нему, со желба да се избегне сè она што Нему не Му е угодно, и главно, беспоговорно предавање себеси на Неговата света волја и прифаќање на сè што ќе се случи како да доаѓа од Неговите раце. Чувствотоо кон Бога е прикладно со сите наши дела и работи, во сите околности, ако веќе го пронижало срцето, а не уште да се бара.
 Мислата може да ја одвлекуваат различни предмети, но и тука е можна навиката да не се отстапува од Бога, туку секоја работа да се извршува во светлоста на сеќавањето на Бога. Да се грижиме треба првенствено за тие два: за мислите и чувствата кон Бога. Кога тие постојат, постои и молитвата, иако нема молитвени зборови.
5. Молитвеното чувство. Треба да се поттикнува
 Кога ќе ве посети некое молитвено чувство, застанете се на него и поттикнувајте го, сè додека тоа се држи во душата. Кога едното ќе замине, повикајте друго, и така цел ден. Тоа ќе биде непрестајна молитва. Чувството понекогаш доаѓа само од себе, а понекогаш треба да го призиваме. Како? Со богомислие или со размислување за сите тајни на верата, посебно за домостројот на спасението... и за крајот на сè. Често со мислите поминете по сите тие предмети, па некој неминовно ќе ја допре душата. И ете чувства.
6. Како треба молитвата да се совршува навечер, кога телесно ќе се измориш, и за што да се молиш
 Како да биде досадно со Господа? И како да се посакуваат било какви разоноди?
 Вие не се молите. Значи, сте се расрдиле на Господа... или ве обзело самозадоволството. Сити сте! И не сакате да се молите.
 Кога сте уморни навечер... Почнете да се молите клечејќи на колена или дури седејќи, а потоа стоејќи. Но, секако треба да се молите. Да Му благодарите на Господа за изминатиот ден, да молите за добра претстојна ноќ, да се каеме за она што било лошо.
7. Молитвата треба да биде пропратена со покајно чувство
 Тоа што кај вас се појавуваат покајни чувства на молитва и солзи – тоа е вистинска работа. Без покајни чувства молитата и не е молитва, за таквата треба да се смета – како да не ја ни имало. Молитвата без овие чувства е како некое мртвороденче. Такво е мислењето на Светите Отци. А солзите – распалувајте ги... Научете да ридате над себеси како над мртовец... Зашто главна идеја или место каде во мислите треба да се држите, е часот на Судот или оној момент кога Господ се спрема да објави: пријди или заминнувај! О, Господи, спаси! И како човек да не плаче, ако не може доверливо да тврди дека Тој нема да му рече: заминувај!?
8. Брзање на молитва. Како да се избавиме од тоа
 Вашата совест ја вознемирува брзото извршување на молитвословието... Со причина. Зошто го слушате непријателот? Тоа ѓаволот ве тера... брзо, побрзај... Затоа и не чувствувате никаков плод од молитвата... Но, поставете си како закон да не брзате... туку молитвите да ги произнесувате така што ниеден збор да не биде изговорен без свест за неговата смисла и по можност чувство... Прифатете се за тој напор со одлучност на главнокомандувач во војска, за да не би имало никакви приговори од страна против тоа... Ѓаволот наговорува час на едно, час на друго, а вие одговорете: и без тебе знам што треба да правам, тргни ми се... Погледнете како молитвата ќе трегне... А вака, имате само молитвословие, а молитва нема. Душата ја храни само молитвата... Затоа и се чувствувате незадоволено...
 Погледнете на саат колку време повеќе ќе помине ако не брзате... и ќе видете дека се работи за неколку минути. А штетата од брзањата, колкава е!!?
9. Расејаноста на умот на молитва и борбата против неа
 Трудете се со вниманието да бидете во срцето и никаде на друго место. Тоа што умот после неколку молитви бега од срцето и се оддалечува од сеќавањето на Бога, тоа е од слабоста на вниманието и од рамнодушноста кон молитвата. Душата не ја цени молитвата и брза што побрзо да се одвои од неа, па ја промумлува било како. Задобиј страв Божји, со него пристапи на молитва и моли се, држејќи го вниманието на смислата на молитвените зборови. Потоа се употребуваат кратки молитви и молитвата Исусова, да би го привиле кон срцето чувството кон Бога и така би го приковале вниманието. Но ако кон молитвата се однесуваме невнимателно, тогаш никогаш нема да напредуваме во неа. Имај на ум исто така дека молитвата сама никогаш не е совршена, туку заедно со сите добродетели. По мерата на усовршување во добродетелите, се усовршува и молитвата. Најважни од нив се: стравот Божји, целомудреноста, смирението, скрушеноста, умртвувањето на телото, трпението, љубовта... Кога  постојат овие, ќе се појават и други, а со нив и молитвата.
 „Дали себеси треба да си одредиме количина на молитви и поклони, или треба повеќе да се погрижиме околу вниманието?“ Без внимание молитвата не е молитва. Значи, тоа е главно. Но при тоа, како правило треба да се одреди и количината на молитви и поклони. Тоа е за домашното молитвословие. За успех во молитвата најдобро да се оди во црква на сите служби и таму да се трудиме околу побожната молитва. Погледни ја во словенското „Добротољубие“ приказната за Максим Капсокаливит и угледај се на него. Кога ќе го добиеш тоа што тој го добил, тогаш ќе имаш вистинска молитва. Без мака нема наука...
10.Навика на молитва
 Ве притиска помислата дека не сте направиле сè кога станува збор за молитвословието. Тоа се случува од свеста дека тоа не е извршено како што треба: мислите лутале, надошле несоодветни чувства и грижи за било што. Веднаш треба да се каете за тоа, да се изборите со себеси и да ја прифатите намерата да бидете исправни. Потрудете се да ви стане навика завршувањето на молитвословието да не го сметате за крај на молитвата... туку пребивањето во молитвата и после тоа да го доживувате како своја должност. Ова се исполнува со неодстапното сеќавање на Бога, со побожност и предавање на себеси на Божјата волја. Тогаш на душата ќе ви биде... така што со заминувањето од молитвословието не заминувате од молитвата, туку само еден нејзин облик го менувате во друг.
 ... Со навикнувањето на молење по готови молитви, треба да се почнува по малку и со молење со сопствени зборови, во зависност одсвоите потреби – душевни или надворешни. А духовните потреби, штом се пробудат, веднаш се насочуваат кон Бога. Повикот за обраќање кон Бога понекогаш станува и без некои одредени потреби, туку само од жед за Бога. Во која мера и во кој вид тој повик и да се појавува, никогаш не треба да го оставаме незадоволен, туку веднаш треба да се завртиме на молитва и да се молиме во онаа положба во која тој повик не затекнал: ако е на работа – тука треба и да се молиме, ако е во тек на читање – во тек на него треба и да се молиме, ако е во одење – во одење и треба да се молиме. Но, секако е подобро и поплодотворно, доколку е можно, да се застане на место за молитва и да се заземе положба за молитва. Колку поусрдно би се исполнувале овие обраќања кон Бога, толку почесто ќе се појавуваат, подолго ќе траат и подлабоко ќе се вкоренуваат. Немојте ова да ги симнете од умот. Тоа е најдобар метод за усовршување на молитвата. А молитвата и е главна меѓу нашите дела.
11. Како да се научиме на умно извршување на молитвата?
 Сте посакале да учите умна молитва. Добро! А претходно каква молитва сте имале?! Молитвата во суштина и е умно дејство, и ако не сте се молеле умно, тогаш и воопшто не сте се молеле. Но, ќе ви речам дека нема никој кој не се моли умно. Сите се молат умно. Сите кои се молат во мислите Бога го претставуваат присутен и пред Него ги изнесуваат своите потреби. Ако и читаат молитви, сепак се трудат во мислите да ги вознесат кон Бога. Само што тоа го прават несовршено, со прекини дури и во текот на самото молитвословие и, што е главно, без чувства. Значи, доколку би сакале да дојдете до совршенство во молитвата која умствено се вознесува кон Бога, тогаш советот гласи: барајте и ќе најдете.
 Како сте научиле да пишувате?! Вежбајќи пишување со желба да пишувате исправно според примери. Така правете и кога молитвата е во прашање, и ќе научите. Сама нема да дојде, треба да се учи.
 1) Навикнувајте се да одите во присуство Божјо, пред очите Божји со чувства кои на тоа одговараат.
 2) Штом сте слободни правете поклони, со чувство на скрушеност и смирение.
 3) Читајте книги само за молитвата и размислувајте за неа.
 4) Со сите сили трудете се пред сè црковното богослужение да го поминувате во сеќавање на Бога, а потоа и домашното (молитвено) правило.
 Душата треба да се загрева. Кога ќе се појави топлина, тогаш и мислите ќе слегнат, и молитвата ќе стане чиста. Сè е од благодатта Божја. Затоа и треба да Му се молиме на Господа да подари молитва.
12. Што да се прави кога молитва не доаѓа на памет
 ... Ако е во прашање домашна молитва, тогаш може малку да се одложи – за неколку минути... Доколку и после тоа не оди... тогаш себеси треба да се присилите на исполнување на молитвеното правило,  напрегајќи се да го разберете и почувствувате тоа што се зборува... како кога дете не ќе сака да се поклони, па го фаќаат за прамен од косата и го повлекуваат.
 Манастирот и потстригот представуваат силен поттик, но не сами по себе, туку преку мислите кои при тоа се неизбежни... На некои меѓутоа ни тоа не влијае.
 Во Црква понекогаш не се слуша или не разбира тоа што пее или чита: во тој случај стојте пред Господа и творете Исусова молитва... Секое дејство во Црквата има свој смисол. Кој со своето разбирање и сфаќање ја следи таа мисла, тој за душата непрестајно ќе добива хранливи влијанија од другиот свет... и по завршувањето на богослужението ќе излезе од црква онака како што се станува од богато и разновидно поставена трпеза.
 Поклоните при извршувањето на Исусовата молитва се препуштаат на волја и усрдност... на малите чворови правете појасни поклони, а на големите – земни. Колку? Колку на вашата душа ù е угодно, но тоа сепак да го одредите еднаш за секогаш... Подобро е да одредите време за оваа молитва – четврт час, или повеќе или помалку.
 Ноќта е најдобро време за молитва... особено полноќ. Можно е потполно да се одречете од употребата на месо, но можно е и да се ограничувате на помала количина.
 Добро е да се читаат и акатисти и канони онака како што е востановено. Погледнете во Поредокот на Псалтирот, на крајот. Псалтот ќе ви помогне. Но немојте да земете многу. Тие може да се заменат и со поклони со Исусова молитва. Тоа исто така погледнете го. Така ќе биде и подобро. Во текот на правилото можно е да се молитее и со кратките молитви на светиот (Јован) Златоуст, кои се наоѓаат меѓу молитвите пред одење на одмор, изговарајќи ја секоја пет, десет, петнаесет и повеќе пати.
 Евангелието може да се чита седејќи, но побожното чувство да не биде смалено. Колку да се чита псалтир? Колку ù е на душата угодно... Една катизма, две, три... или неколку псалми...
 Да се пеат псалми – значи да се читаат отегнато, како што ги читаат во црква, на пример на вечерната после „Господи возвах...“.
 Многу е добро почесто да постите, но како тоа ќе го уредите – видете сами. Одете на оние црковни служби на кои можете, во зависност од вашите обврски во гимназијата, а оние на кои не ќе стигнете, дома заменете ги со поклони со Исусова молитва, како што е одредено исто така во Поредокот на Псалтирот.
 За читање претплатете се на списанието „Душекорисна литература“... Добри се и билтените – Троицки и Атонски... Од моите книги имате сè што се однесува на духовниот живот... Почесто читајте го „Патот кон спасението“, посебно третото поглавје.
 Што значи - да се има чиста совест во однос кон тварите? Значи да не ги злоупотребуваме, туку да ги користиме разумно, придавајќи им колку е можно помало значење. Тоа е манастирско правило. Да се подвизувате во тек на Божиќниот пост – тоа е многу добро. Бог нека благослови. Одете во црква на вечерни, бденија или на утрени и тогаш можете да се причестите на Литургија... А во останатите денови од постот секоја служба можете да ја замените со поклони и со Исусовата молитва... Погледнете во поредокот на Псалтирот и препишете го тоа за себе. Читајте ги житијата на светиите кои се слават тој ден. За гревовите кои се веќе исповедани и разрешени говорете: биле, но се покајав и добив разрешување.
 Богомислието може да се замени со Исусова молитва, но зошто такво нешто би било неопходно? Тие се едно и исто. Богомислието е држење во мислите некои вистини: Воплотувањето, Крстната смрт, Воскресението, Сеприсутноста и друго, без никакво насочување на мислите.
13. Како да се совршува молитвата да би била угодна на Бога. Акатистите
 ... Знајте дека не е работата во зборовите и во поклоните, туку во вознесувањето на умот и срцето кон Бога. Можно е човек да го изговори сето тоа што е кај вас напишано и да ги направи сите означени поклони, а при тоа воопшто да не се сети на Бога, или пак тоа да биде со расејани мисли и лутање на умот, та без молитва да се изполни молитвеното правило. Ќе испадне – молитвата – грев пред Бога. Боже сочувај! Делото Божјо треба да се извршува со страв и трепет, тоа имајте го на ум. Својски потрудете се умот да биде таму каде што ќе биде зборот или, како што вели светиот Лествичник, да го заклучувате умот во зборовите на молитвата. Пристапувајќи му на молитвословието, треба со вниманието да се застанете пред Бога и да не отстапувате од Него.
 Читањето молитви од книшки многу расејува. Подобро е да ги научите напамет. Исто така листањето да би се нашол овој или оној икос или кондак, исто така го расејуваат вниманието. Пробајте да правите вака: утрените и вечерните молитви научете ги напамет, со разбирање и чувствување на она што во нив се говори. Потоа кажувајте ги како да доаѓаат од срцето. Од Псалтирот исто така изберете ги оние псалми кои ви се јасни и блиски на срцето, па научете ги... Нив на молитва исто така читајте ги напамет. Читајте ги и вака – кога некаде одите или работите нешто... Дневното Евангелие читајте го после молитвата, со размислување и изведување на потребен заклучок за себеси. Помјаник составете по пример на испечатените (во Поредокот на Псалтирот), според своите потреби и околности и кажувајте го напамет.
 Акатистите сите претворете ги во поклони... Не читајте од книги, туку духовно обраќајте му се кому треба... и правете поклони... За тоа што нема да го прочитате, додајте по некој поклон. Сè друго е во ред.
 Колку помалку би имале потреба за молитвеник, толку подобро. Навикнувајте се пред сè да бидете во сеќавање на Бога и сеќавање на смртта. Жртвата пред Бога е – духот скрушен. Сметајте дека добро сте се помолиле тогаш кога од молитва заминувате исполнети со скрушеност и самоунижување. Дење, наместо пребирање на бројаницата, трудете се со молитвата Исусова да бидете со умот пред Бога. Како што Ангелите се секогаш пред лицето Божјо, така и ние треба да ср трудиме. Тие принесууваат жртва на пофалба, а ние – на скрушеност.
 Вообичаените молитви се читаат по свој ред и во нив постојат многу големи молења, но тие само се читаат, а тоа како што ми е познато, никако уште не е молитва или молење. Да се застане со вистинска молитва пред Господа и да Му се принесе молење не може поинаку, туку со исправување на своите односи кон Него.
14. Како треба да се молиме молитвата да би била непогрешна и да би ја чул Бог
 Зад сите стои еден грев... ќе се поклонат еднаш, двапати... и сакаат да го добијат она што го  сакаат... Ако не им се даде по нивната желба, тие почнуваат да роптаат и хулат на промислата Божја. Ето заради што и ништо не добиваат. Тоа значи – да Му се командува на Бога. Не треба така, туку вака: „Господи, Ти гледаш дека ми е потребно тоа и тоа, тоа и тоа ме оптеретува. Помогни ми и уреди како што е угодно на Твојата света волја, а не како сака мојата волја!“
 Кога човекот ќе задобие такво расположение, треба да се моли долго време... денес, утре... недела, месец, година. Постојано да вопија и вопија: „Господи, избави! Господи, помогни! Но сепак, да не биде мојата волја, туку Твојата!“ Така Господ говорел во Гетсиманската градина, а вдовицата во приказната... му досадувала на судијата, па го добила она за што молела. Кај светиите и постои таква изрека: треба да Му се досадува на Господа и Неговите светии.
 Вистина, вистина ви велам, дека што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви даде – рекол Господ и тоа е уште со посебна потврда: вистина, вистина ви велам (Јн. 16, 23). Каков срам за нас што не умееме да користиме толку вистинито ветување! Но, добро би било кога би се работело само за нашата срамота – зашто тоа фрла сенка и на самото ветување, како да е тоа преголемо и неостварливо. Не, сета кривица е на нас, воглавно затоа што не се доживуваме како верни слуги Христови и затоа што совеста не ни дозволува да очекуваме било каква милост од Господа. Освен тоа, се случува некој понекогаш и пристапува да би го замолил Бога за нешто, тоа го прави неискрено: споменува на поминување по еднаш или два пати во текот на својата молитва, па тогаш отстапува и вели: „Бог не слуша“. Но кога нешто посебно се бара, треба да се биде непопустлив и неуморен во молитвата, како вдовицата која со своето досадување го натерала грубиот судија да го задоволи нејзиното барање. Вистинските молитвеници кога бараат нешто на молитва со молитвата го соединуваат потот, бдението, одрекувања од разни видови и исполнуваат секакви добри дела; а освен тоа не молат еден ден, ни два, туку месеци и години – затоа и добиваат. На нив угледајте се ако сакате да имате успех во молитвата.
15. Во што е нејзината сила: во надворешната форма или во молитвениот дух
 Но силата (на молитвата) не е во формата, туку во молитвениот дух. Тоа што вие се трудите на молитва длабоко да го почувствувате, тоа за молитвата е најпогодно. Некој од отците како суштина на молитвата го одредил тоа, дека во нејзиниот тек треба да се чувствуваме како осуденик. Некаде, не се сеќавам точно каде, стои следново прашање: како е најдобро да се стои на молитва? И одговор: „Стој како на Судот, насочувајќи го погледот на усните Господови, од кои е спремна да излезе поледната пресуда за тебе: дојди или оди си“. И повикај: Господи, помилуј! Тоа кај вас и се случува. Мене уште ми се чини дека со молитвата Исусова може да го замените било кое правило, доколку таа не биде само на зборови, туку и на дело (во умот и во срцето).
16. Суштина на молитвата
 Суштината на молитвата е во стоењето пред Господа, во обраќањето на Господа со чувство на благодарност, или славословие, или молење, или со чувствување скрушеност, или страв, или надеж, или со други слични чувства кои се однесуваат на Господа; доколку нема некое чувствокон Господа, молитвата не е молитва. Кога во некого пламтат чувствата, тој нема кога да обраќа внимание на надворешната положба како на целото тело, така и на разните негови делови – устата, јазикот, прстите. Со вниманието треба да се стои во срцето, но не пред срцето, туку пред Господа. Ако вниманието не е насочено кон Господа, тогаш нема ни молитва...
 Вие правите многу поклони. Тоа е добро, но трудете се при тоа да биде и вниманието пред Господа и чувствата (или свеста). Чувство кое најмногу ни доликува е скрушеноста: дух скрушен, срце скрушено и смирено Бог не ќе презре. Тоа станува од стравот Божји, а стравот Божји оживува од сеќавањето на смртта и Судот Божји. Секој пат кога пристапувате на молитва, обновувајте ги во себе стравот Божји и скрушеноста, а тогаш молете се не допуштајќи им на тие чувства да ослабат. Во стравот Божји и скрушеноста најлесно е да се биде во црква. Потрудете се во црква секогаш да бидат присутни тие чувства. А потоа нека бидат присутни и домa... И блазе вас!
17. Плодот на молитвата
 Монахот од манастирот П. ... добро прави што се труди околу молитвата Исусова. Но, да не заборава можеби дека тука не се работи за зборови или за количината на молитвите Исусови, туку во навиката секогаш да се живее во сеќавање на Господа. Добро е да се држи до одреден број молитви, за зовек да не би се смрзливил, но главно е при тоа мислите и чувствата да бидат свети. Главни плодови на молитвата не се ни топлината ни сладоста, туку стравот Божји и скрушеноста. Нив секогаш треба да ги поттикнуваме, треба да живееме со нив, да дишеме со нив.
18. Преку ноќта, кога ќе се разбудиме , молитвата можеме да ја извршуваме и лежејќи
 Кога ви напишав ноќе повеќе да се молите, мислев на молитвите пред спиење; а кога ќе се разбудите , не е лошо ни да се молите лежејќи, зашто тоа е добра замена за напразното мечтаење во прекините на сонот. Добро е да знаете напамет неколку псалми, за да би ги читале во тоа време.
19. Зошто Господ не ги исполнува секогаш вашите молитви?
 Кој ги заглушува ушите свои од викот на сиромавиот, ќе вика и самиот, но нема да биде услишен (Изрек. 21, 13). А ние често се чудиме зошто Бог не ги слуша нашите молитви? Ете причина! Затоа што веројатно имало случаи кога сме ги затнувале своите уши пред зборовите со кои не преколнувал сиромавиот; така и нас не нè слуша Господ. Но тоа сеуште не е големо зло, ако не се чуе молитвата за било што минливо , вистинска несреќа е ако Господ не би не слушал кога ќе почнеме да се молиме за простување на нашите гревови. А нема да слуша ако повиците на оние кои сме ги презреле бидат посилни од нашите молитви. Треба да побрзаме да ја отстраниме таа крајна несреќа, по примерот на Закхеја, на кому заради неговите мудри одлуки Господ му рекол: денес дојде спасението на овој дом (Лк. 19, 9).
 Молитвата никогаш не пропаѓа залудно, без оглед на тоа дали Господ го исполнува молењето или не. Ние од незнаење често го бараме она што нам ни е некорисно или штетно. Не исполнувајќи го тоа, Бог нам заради трудот околу молитвата ни дава нешто друго, што ние самите не го забележуваме. Затоа забелешката: „еве, се молите на Бога – и, што сте добиле?“ е неразумна. Оној кој се моли, бара за себе некое добро или укажува на него. Гледајќи дека тоа што се бара нема да биде на корист, Бог не го исполнува молењето и со тоа прави добро: зашто доколку би го исполнил, оној кој моли лошо би поминал.
 Пазете, колку е опасно да се оди среде овој лукав век!
 Еве одговор на прашањето зошто нашите молитви често не биваат услишани. Затоа што своите молења кон Бога не ги вознесуваме усрдно туку како на поминување, и тоа така, што кога еднаш ќе се помолиме, веќе утредента сакаме исполнување на својата молитва и не помислувајќи на тоа дека на молитва треба да се помачиме. Нашата молитва не се слуша и не се исполнува затоа што самите не се држиме како што треба за она што за молитвата е одредено како закон: непрестајност, со надеж и усрдност.
 Нашите молења често личат на барање змии или камења. Ни се чини дека бараме леб и риба, а Отецот Небесен гледа дека тоа што го бараме за нас ќе биде камен или змија – и не ни го дава бараното.
 Не присвојувај си го правото да бидеш услишен, туку на молитва пристапувај како да не заслужуваш никакво внимание и дека само по безграничното снисходење Господово кон нас грешните се осудуваш да ја отвораш устата и да вознесиш молитва кон Бога. Ни на памет нека не ти паѓа мисла: направив тоа и тоа – дај ми тоа и тоа. Сè, што и да си правел, сметај го за неопходно: си бил должен тоа да го направиш. Да не си го направел би подлегнал на казна, а тоа што си го направил тука нема што да се наградува, зашто не си покажал ништо посебно. Еве, фарисејот набројал на што сè го заснова своето право да биде услишан, па излегол од црква без ништо. И тука не е лошо она што го правел, зашто така и требало да постапува, туку е лошо што тоа го истакнувал како нешто особено, иако на тоа повеќе не требало ни да помислува. Избави нè Господи од овој фарисејски грев! Ретко кој така говори, но во срцето ретко кој не чувстува така. Зашто заради што се молат лошо? Затоа што чувствуваат дека и без тоа се исправни пред Бога.
 Кога дознал дека Господ поминува покрај, слепиот од Ерихон го подигнал својот глас. Неговиот повик дошол до Господа; и ништо од она што Господа го опкружувало не можело да го заглуши тој вик. Господ го повикал слепиот и му го вратил видот. И во секое друго време и на секое друго место Господ е тука, а не само во поминување. Тој управува со целиот свет; судејќи по човечки мерки, има значи многу грижи; при тоа и зборовите на Ангелите го опкружуваат со своите славословија. Но, ако умееш да го подигнеш својот глас како слепиот од Ерихон, ништо нема да засмета твојот вик да стигне до Господа; Тој ќе го чуе и ќе го исполни твоето молење. Зашто Тој е близу и сè што ти е потребно кај Него е веќе спремно – ти си на потег. Биди во состојба да го подигнеш својот глас во таа мера да би те чул Господ и веднаш ќе добиеш сè. Која е таа мера? Прашај го оној кој се молел и кој го добил тоа што го барал – ќе ти рече: „молев за тоа и тоа, и добив што молев; сега ми е потребно тоа и тоа, се молам и не добивам, а знам и зошто: зашто никако не можам да ја издигнам до онаа мера молитвата која ја имав претходно“. Испаѓа дека мерата на молитвата не може да се одреде со буквална точност. Доверливо е само тоа, дека во прашање е работа која зависи од нас. Штом ќе станеш способен да примиш, сигурно ќе добиеш.
20. Кратко молитвословие
 И уште нешто за растроеноста на вашите молитви... Ви пишував за кратките молитви, а вие одговоривте дека сте ги собрале како што ви реков. Тогаш повелете и наутро и навечер да се молите само со тие молитви. Наутро со полно внимание прочитајте ги: Откако станавме од сон... и друга ... благодарење на Света Троица. А потоа молете се со тие молитви... поновувајќи ја секоја најмалку три пати (не смета ако биде и повеќе)  - без брзање, со размислување и чувствување. Завршете со обраќање кон сите светии кои ги спомнувате... и со спомнување на своите живи и умрени... тоа е доволно... исто правете и навечер... а и преку ден некогаш прочитајте сè по ред... посебно кога одите некаде. Ништо така не го погодува собирањето на вниманието прад лицето Божјо, како тие кратки молитви. Молитвата Исусова ставете ја во средина, како што ќе најдете дека ви е позгодно... после три или пет молитви.
 Соберете ги (кратките молитви), три, четири, пет, десет... Поновувајте ги по десет пати... и тоа ќе биде вашето правило – наутро и навечер.
 Изговарајќи ги молитвите вдлабочувајте се во нивната смисла, применувајќи ги на себе... Прв плод... нема да забележите кога ќе помине времето.
21. Собраноста на умот на молитва и средства за тоа 

 За на молитва умот да не би свртувал на страна, сето време треба да се сеќаваме на Бога – и на работа, и во одење, и дома, и надвор, и насамо, и со сестрите. Кога тоа ќе се постигне, тогаш умот и за време на молитвословието ќе се држи за делата кои ги извршува... ќе се сеќава на Бога и побожно ќе се вознесува кон Него.
 Најдете исто така некое дело од редовите подвижнички, да биде напорно и тешко за исполнување... и прифатете го како неодложен закон за себе... исполни го тоа па макар и умрел. Колку тоа би било благотворно за поттикнување на духот! Сте напишале: „ќе одстоиш на молитва час – два... а во душата и понатаму безживотно“. Зошто е тоа? Мислам дека затоа што вашето внимание сега е насочено само на тоа да отстоите и да ги наброите сите, да барате она што е пропишано... Треба да се внимава и на тоа, но не пред сè, туку на трето или петто место... А пред сè треба да се истакне чувството на грешност... Потоа – смртта само што не е, Судот и пресудата. А Каде човек да се сокрие? Нема каде на друго место, туку во прегратките на милосрдието: „Боже, биди милостив...“ Под сенката на крстот... „искини го Господи на него ракописот на моите гревови“. Ако секогаш пред молитва овие чувства се чуваат во срцето, тогаш таа не може да остане без плод. Еден старец говорел дека најприродно место за молитва – стоењето со вниманието на судот Божји, во очекување дека секој час ќе ја чуе пресудата!.. Се молиме без соодветните подготовки и молитвата тогаш не е за ништо... Таква станува и затоа што се присетуваме како порано била добра нашата молитва, па мислиме дека и сега таа ќе биде таква, само треба да станеме... и сè ќе тргне на добро, но таа никако да тргне... Сега треба да се потрудите... Тоа се глупости, кога велат дека ова не може да се поправи... па и не пробувај. Господ е близу! А Тој никогаш не го остава оној кој искрено го бара.

 

 

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: З. Д.