Stefan.V.CHetvtok.jpg

Епитимијата

 Господ на секому кој согрешил му дава соодветна епитимија, која се состои во тоа што Тој покајникот веднаш го прима во милост, но претходното (претходно задобиеното) не му го враќа веднаш, туку чека да види кога ќе се појават скрушеност и смирение. Ако некој непоштедно се помачи, брзо ќе го поврати, а ако си попушта себеси, нема брзо.
 Треба да добиете епитимија за тоа што сте прекинале со читање на Светото Писмо. Но тоа може да се одложи ако се земе во оглед вашата желба да се поправите. Не треба многу да се чита... доволно е (за вас) да го читате она што е одредено од Светата Црква, то ест Евангелие и Апостол секој ден.
 Вие имате епитимија. Исполнувајте ја точно и без попуштање. Сè друго прилагодувајте на неа.
 Ставам на вас епитимија. Повелете да правите три земни поклони наутро и исто толку навечер, говорејќи: опрости ми Господи, што неразумно патам заради својата ќерка и се противам на твоите одлуки. Тоа правете го сè додека тагата не помине, па со спокојна душа ќе гледате на ќеркината смрт.
 Тешко на богатите, ситите, на оние кои се смеат и на оние кои ги фалат; напротив, блазе на оние кои трпат секакви клевети, удари, лишувања, исцрпувачки работи – тоа е сосема спротивно од она што луѓето обично го гледаат и чувствуваат! Мислите Божји се далеку од човечките како небото од земјата. А како и да биде поинаки? Ние сме во изгнанство; а навредите и понижувањата и се состојат од лишувања и напори. Ние сме болни, а на болните им се корисни горки лекови. И Самиот Господ Спасителот целиот Свој живот немал каде глава да приклони и завршил на Крст – зошто Неговите следбеници би имале поинаква судбина? Духот Христов е дух на спремност сè да се претрпи и мирно да се поднесе секоја неволја. Утехите, почестите, раскошот и задоволството се туѓи на неговите стремежи и вкус. Неговиот пат се простира низ неплодна и тмурна пустина. Пример е четириесетгодишното скитање на Израилците во пустината. Кој ќе оди по тој пат? Секој кој зад пустината го гледа Ханан, преполн со мед и млеко. Во текот на неговото странствување тој добива свој леб, но не до земјата туку од небото, не телесно, туку духовно. Сета слава е – внатре.
 Епитимија?!! Требало тоа сами да го направите... А сега кога грешката е исправена, таа веќе не е благовремена...

Солзите

 Солзите се голема милост Божја. Меѓу Златоустовите молитви постои: „Господи, дај ми солзи, сеќавање на смртта, и умиление“.
 Солзите во текот на молитвата и во црква и дома се благотворни... но не треба да се покажуваат. Тоа се духовни цветови... но од покажување венеат... и го губат својот сјај и вредност. Подобро е да се плаче дома, а во црква да се кријат солзите, оставајќи во срцето солзно расположение... или дух скрушен и срце скрушено и смирено.
 За солзите неосновано судите. Тоа е милост Божја кон вас – заштита од ладноста на срцето и окаменетоста на чувствата. Ѓаволските солзи носат суета, сакаат да се покажуваат и не траат долго... Тие брзо поминуваат, баш како што и ѓаволот е непостојан. Не треба да сакате да ги загушите, а суетата прогонувајте ја ако се појави и наместо неа подтикнете смирение и скрушени чувства.
 Солзите се – плач за гревовите. Кога заради солзите ќе се појави суета, вие погледот свртете го на гревовите... и речете ù на душата своја: „Гледаш ли со што се гордееш? Има ли тука причина за гордост?!“ Ако искрено ова го направите, наместо суета ќе задобиете горка скрушеност, за која секогаш треба да се трудите да ја имате под солзите.
 Плачот кој сте го имале на душата, исто така е нејзино очистувачко движење. Него можете да го сакате и да го поддржувате...
 Солзите не се само од сиромаштво, туку од сите животни околности, и внатрешни и надворешни, за кои не ни е дадено да ги согледаме.

Сеќавање на смртта

 Па така, бидете будни, зашто не знаете во кој час ќе дојде вашиот Господ (Мт. 24, 42).  Кога сево ова би го помнеле, не би имало грешници; меѓутоа, не паметат, иако знаат дека тоа е несомнено вистинито. Дури и подвижниците, најстрогите, не биле во состојба слободно да го држат сеќавањето на тоа, туку се труделе да го утврдат во свеста како не би поминувало: Некој држел мртовечки сандак во својата келија, некој своите соподвижници ги за сандакот и гробот, некој чувал слики од смртта и судот, и на тоа слично. Смртта како да не се однесува на душата, таа на неа и не помислува. Но душата никако не може да биде рамнодушна кон она што ќе следи после смртта; за тоа таа веќе не може да не се грижи, зашто тука се одлучува нејзината судбина за вековите на вековите. Зошто заборава? Самата себе се залажува дека тоа нема да биде брзо и дека ќе помине некако поволно за нас. Несреќница! Од ова е веќе несомнено дека душата која се држи до таквите мисли е мрзлива и дека си попушта себеси, па како тогаш мисли дека делото на судот ќе помине поволно за неа? Не, таа треба да се држи како ученик на кој му предстои испит: што и да прави, испитот не му излегува од глава; сеќавањето на тоа, не му дозволува макар и минута да потроши залудно, туку сето време го употребува за подготовка на испитот. Ех, кога и ние би можеле така да се држиме.
 Препуштајќи го својот живот и сè друго во рацете Божји, од час до час поминувај со мисла дека ти е последен. Во животот после тоа ќе се смалат бројот на пустите утехи; а во смртта тоа лишување ќе биде безброј пати наградено со радост која нема ништо еднакво меѓу радостите во животот.

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: З. Д.