Vecerna.Ksenija.jpg

Претерани грижи

Само пазете се: вашите срца да не бидат оптоварени со прејадување и пијанство, и грижа за овој свет, за да не ве затекне оној Ден ненадејно (Лк. 21, 34). Оној ден, то ест последниот ден на светот или на секого од нас, доаѓа како крадец и фаќа како замка; затоа Господ и порачува: Бдејте во секое време и молете се (Лк. 21, 36). А бидејќи ситоста и претераните грижи се први непријатели на бденијата и молитвите, однапред е кажано дека не треба себеси да си допуштаме да се оптеретуваме со храна, пиење и светски грижи. Оној кој се најадел, напил, се провеселил и спиел – па се наспал и пак се прифаќа за истото, како ќе биде способен за бдение? Дали му дошло до молитва на оној кој деноноќно е обземен со светски грижи? Што да се прави? - ќе прашаш. Без храна не се може, а таа треба и да се набави. Ете грижи. Но Господ не рекол: Не работи, не јади, не пиј, туку: срцата ваши да не отежнуваат од тоа. Со рацете работи, а срцето нека ти биде слободно; ако ти е до јадење – јади, но не преоптеретувај се со храна; и вино напи се кога е потребно, но не допуштај да ги помати главата и срцето. Раздели го своето надворешно од своето внатрешно и ова последното постави го како главно дело на твојот живот, а првото како додаток; овде биди со вниманието и со срцето, а таму само со телото, рацете, нозете и очите: бдеј во секое време молејќи се, за да би се удостоил без страв да застанеш од десната страна на Синот Човечки. А да би се удостоил за тоа, потребно е уште овде, во својот земен живот, да застанеш пред Господа; за тоа постои едно средство – бодра молитва која со умот се извршува во срцето. На оној кој ќе задобие такво расположение, оној Ден нема да му дојде ненадејно.

Празнословието

Не можете да го оставите празнословието... Празнословието е најразорно дело. Нему рамно зло му е кога шетаат не пазејќи на сетилата... И едното и другото многу го попречуваат успехот во молитвата...
Јазикот?! Нема поштетна работа под небесата. Добро би било така да се уреди, за секоја недоличност од негова страна да се нешто да го убоди (макар малку). Така би бил посмирен, а вака е како апаратче кое пее песни... како да го навиле, пуштиле и ... тра-ла-ла.
При многу зборување не се избегнува гревот (Изрек. 10, 19). Христијаните кои пазат на себеси, сите сетила ги нарекуваат прозори на душата – ако ги отвориш, сета топлина ќе излезе надвор.А најширок отвор и големи врати кои обилно ја пропуштаат таа топлина представува јазикот, на кому се допушта да говори колку и што сака. Многуте зборови нанесуваат на вниманието и внатрешното устројство еднаква штета како сите сетила заедно, зашто многоглаголивоста се допира до предметите на сите сетила и ја принудува душата не гледајќи да гледа, не слушајќи да слуша, не допирајќи да допира. Она што внатре е мечтаењето, тоа надвор е многуглаголивоста, но ова последното е попогубно, затоа што е реално и со тоа повпечатливо. Со тоа, во блиска врска со многуглаголивоста се умисленоста, дрскоста и самоволието – тие бури слични разорители на внатрешното устројство, кои зад себе оставаат бесчувствителност и заслепеност. Како после сето тоа да се избегне гревот во многуте зборови?!
Лекарите по јазикот ја препознаваат состојбата на телесното здравје, а зборот ја покажува состојбата на душевното здравје. Умните зборови покажуваат умен човек, побожните зборови – благочестив, а развратните – развратен.

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: З. Д.