(Продолжение)

sv.Serafim.Sarovski1d.jpg

I
БЕСЕДА НА ПРЕПОДОБНИОТ СЕРАФИМ САРОВСКИ ЗА ЦЕЛТА НА ХРИСТИЈАНСКИОТ ЖИВОТ

4.
СТЕКНУВАЊЕ БЛАГОДАТ

- Па, брате, што е со другите доблести заради Христа во поглед на стекнување благодат на Светиот Дух? Вие ме удостоивте само за молитвата да ми говорите?
Стекнувајте благодат на Светиот Дух и со сите други доблести, тргувајте со оние, кои ви носат најголема духовна добивка. Собирајте капитал на благодатно изобилство на Божјата благост, ставајте го во вечната Божја заложувалница, каде што се прима камата, и тоа не по четири или по шест проценти, туку сто проценти на една духовна рубља, и дури неброено повеќе од тоа. На пример: Ако ви донесува повеќе Божја благодат молитвата и бдението, тогаш бдејте и молете се; ако постот ви донесува многу Дух Божји, тогаш постете; донесува ли повеќе милостината, давајте милостина. И така расудувајте за секоја доблест што ја творите заради Христа.
Еве, јас ќе ви раскажам за себе, бедниот Серафим: Јас сум родум од куртски трговци. И така, додека се уште не бев дојден во манастир, ние тргувавме со стока која ни донесуваше повеќе приход. Така и вие, брате, постапувајте. Како што во трговската работа не е вештината во тоа, само да се тргува, туку во тоа, да се добие повеќе приход, така и во христијанскиот живот не е вештината во тоа човек само да се моли, или да прави некое друго добро дело. Затоа што, иако апостолот вели: молете се без престан, тој сепак, како што се сеќавате, додава: подобро да кажам пет зборови со својот ум... отколку илјада зборови со јазикот. А Господ вели: нема секој што ми вели: Господи, Господи, да се спаси, туку оној што ја твори волјата на мојот Отец, т.е. оној кој го твори делото Божјо, и тоа со стравопочит, бидејќи е проклет секој кој го твори Божјото дело со немарност. А делото Божјо е ова: да верувате во Бога и во Оној кого Он го испрати, Исуса Христа. Ако правилно се расудува за за-поведите Христови и апостолски, јасно е дека нашето христијанско дело не се состои во зголемувањето на збирот на добрите дела, кои служат само како средства за цел на нашиот христијански живот, туку во извлекување на што поголема корист од нив, т.е. во големо стекнување на преобилните дарови на Светиот Дух.
Толку би сакал, ваше богољубие, и вие да го стекнете овој пребогат извор на Божјата благодат и секогаш да испитувате дали се наоѓате во Духот Божји или не. Па ако се најдете во Духот Божји, нека е благословен Бог! Тогаш нема зошто да се тагува, бидејќи може, ако треба, веднаш да се појде на страшниот Христов Суд, зашто "ќе судам според она што ќе го затекнам". Ако не, тогаш треба да се дознае зошто Господ Бог Свети Дух посакал да се оддели. Така треба да се постапува се додека бараниот Господ Бог Свети Дух не се најде и додека повторно да биде со нас со Својата благодат. А оние што не оддалечуваат од него, треба да се напаѓаат се додека правта не им се расее, како што рекол пророк Давид: ќе ги побарам своите непријатели и ќе ги стигнам, и нема да се вратам додека не умрат, ќе ги огорчам да не можат да станат, ќе паднат под моите нозе.
Така е тоа, брате! Значи така, повелете и тргувајте со духовните доблести. Раздавајте ги благодатните дарови на Светиот Дух на оние што имаат потреба, по примерот на запалената свеќа која и самата светли горејќи со земен оган и, не намалувајќи го својот оган, ги пали и другите свеќи, за тие на други места да им светлат на сите. Па кога е така во поглед на земниот оган, тогаш што да кажеме за благодатниот оган на Сесветиот Дух Божји? Затоа што, земното богатство се намалува од раздавање, а богатството на небесната Божја благодат, кај оној кој го раздава, колку повеќе се раздава, толку повеќе се намножува. Така и Господ и кажал на Самарјанката: кој пие од водата што ќе му ја дадам, нема да ожедне довек, туку водата што ќе му ја дадам во него ќе стане извор на вода која тече во живот вечен.

 

 (Продолжува)

Св.Серафим Саровски - ПОВИК