III
БЕСЕДА НА ПРЕПОДОБНИОТ СЕРАФИМ САРОВСКИ ЗА ЦЕЛТА НА ХРИСТИЈАНСКИОТ ЖИВОТ

(Од ракописните сеќавања на Мотовилов) Во разговорот за целта на христијанскиот живот со симбирскиот спахија и поротен судија Николај Александрович Мотовилов, отец Серафим бил видно зафатен со Духот Божји

ПРЕДГОВОР

"Во она време, додека Аполос беше во Коринт, Павле минуваше низ горните земји, па дојде во Ефес и, откако таму најде некои ученици, им рече: ,Кога поверувавте, примивте ли Дух Свети?', а тие му одговорија: Ние не сме ни чуле дека има Дух Свети'. Тој им рече: 'А во што се крстивте?' Тие одговорија: Во Јовановото крштавање'. Павле рече: 'Јован крштаваше со покајно крштавање, велејќи му на народот да верува во Оној, Кој иде по него, односно во Исуса Христа'. А кога го чуја тоа, тие се крстија во името на Господа Исуса. И кога Павле ги положи рацете над нив, слезе Духот Свети на нив, и тие почнаа да зборуваат на разни јазици и да пророкуваат. А вкупно беа околу дванаесет души" (Дела 19,1-7).
"И ете, сега, сврзан со Духот, одам во Ерусалим, не знаејќи што ќе ми стане таму, освен она, кое Духот Свети го посведочи по сите градови, велејќи дека ме чекаат окови и маки" (Дела 20,22-23).
"И словото мое, и проповедта моја, не се состоеше во убедливи зборови на човечка мудрост, туку во појава на Духот и силата, та верата ваша да се утврди не во човечка мудрост, туку во силата Божја" (1. Кор. 2,4-5).
" А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот испитува се, па дури и длабините Божји" (1. Кор. 2,10).
"Душевниот човек не го прима она, што е од Божјиот Дух: за него тоа е безумство; и не може да го разбере, оти треба духовно да се испита" (1.Кор. 2,14)
"Еден неделен ден бев обземен од Дух и зад себе чув силен глас како од труба, кој велеше... Јас сум Првиот и Последниот" (Отк. 1,10 и 17).
Еден месец пред Највисокиот указ во Светиот Синод за (побрзување на делото на прославување) на светиот угодник Божји Серафим Саровски, Господ пак ме приведе во Саров и во Дивеево. Од трите современички на отец Серафим што ги сретнав за време на својата прва посета, жива ја најдов само Елена Иванова Мотовилова. Наскоро по моето заминување, во 1900 година, мајка Ермионија заминала во населбата на праведните, а на Пасха по две години по неа заминала и мајка Евантија.
И Елена Иванова за тие неколку години видно ослабела: се свиткала, а до неодамна светлите и проникливи очи почнале да темнеат. На Серафим повеќе не му се потребни земни сведоци и тој ги повикува кај себе во местото на вечниот покој, да ја видат и да ја споделат со него неговата слава, нетрулежна, вечна и несвенлива, која Господ од века им ја подготвил на оние кои Го љубат, "каде што лицата на светите и на праведниците блескаат како сонце!"
Меѓутоа, свежината на умот и сеќавањата се уште не ја беа напуштиле милата старица. Минатото живее и цвета во нејзините сеќавања и времето над нив нема власт!...
На моја молба и со дозвола на игуменијата, Елена Иванова ми даде цела корпа хартија која останала по нејзиниот маж, Николај Александрович. Секој што се интересира за житието на отец Серафим треба да знае за тоа име кое толку тесно е поврзано со името на братот и со Дивеевското сестринство кое тој го устроил. Додека бил жив, тој човек бил несфатен, а и смртта го снашла непризнат, иако и за време на животот бил "слуга на Серафим", како што самиот сакал да се нарекува. Тоа останал и по смртта. Меѓу неговите списи успеав да најдам такво богатство, кое со право може да се нарече најголемо сведоштво на верата. Таа скапоценост јас сакам да му ја покажам на православниот читател.
С. А. Нилус
19 мај 1903 г.