Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (31)

Monahinja.namolitva1.jpg

Семеен живот

Граѓанскиот и семејниот живот се од Богомблагословени...
... Мажот е глава на жената во онаа смисла во која Христос е глава на Црквата. А Христос е глава на Црквата како Спасител на тоа Свое тело. Нека и мажот биде глава на жената заради својата спасоносност за неа. Во тоа за мажот нека биде основа неговото главарство, а за жената – поттикот за покорност.
... Господ се предал Себеси за Црквата; соодветно со тоа и мажите во својата љубов кон жените треба да одат до спремност за нив да го жртвуваат и самиот живот.
Покорноста на жената кон мажот во христијанството добива возвишен карактер, зашто произлегува од страв Божји и се изедначува со делата на Богоугодување кои Му се прават дирекно на Господа. Жената се понизува на мажот во уверение дека Господ тоа понузување го прима како да Му се укажува директно Нему.; тоа значи дека му се покорува не како на појак или доминантен по природен поредок, туку како на претставник Господов.
Бог мажот го поставил да биде женин чувар. Тој често и несвесно ù дава на жената допуштенија или забрани на кои го надахнува Господ.
Добро е што мажот ве сака. Вие го сакате мажот... и тоа е – вашиот рај.
Многу е тешко да се расудува за брачните врски. Постојат жени вештици, а постојат и мажи лути ѕверки. Овде мажот бега од жената, таму жената – од мажот... а телото го бара своето... Кај младите – ќе пукне љубовта... и доаѓаат децата. Не се работи тука за признавање на незаконските врски, туку во тоа да се заштитат децата, кои ништо не се криви. Ми се чини дека е можно вакво решение: оставајќи ја незаконитоста на челото на оние кои раѓаат, да се смета воспитувањето и подигнувањето на родените за законито, и тоа да се бара од родителите – да не се пренесува дамката од нивното чело на децата кога тие ќе стапат во друштво... зашто децата не се криви.
Она што Бог составил, човек да не разделува (Мк. 10, 9). Со овие зборови Господ ја утврдува нераскинливоста на бракот; укажано е само на еден законски повод за развод – неверството на сопружникот: но како да се постапи ако се открие такво нешто? Да се претрпи. Ние имаме сеопшта заповед – да го носиме бремето еден на друг; а  уште побрзо ова треба да го исполнат лицата кои се заемно така блиски како сопружници. Одбивањето да се претрпи распалува непријатности и ситнивите се натрупуваат додека не се претворат во ѕид кој раздвојува. Зошто ни е даден умот? Да го исправуваме животниот пат. Расудувањето ќе ги разреши противречностите на кои ќе се наиде. Противречностите и не се разрешуваат сред недостаток на разбирање и расудување, уште повеќе заради одбивањето добро да се размисли за состојбата на работата, а најмногу затоа што во животот се нема друга цел освен насладите. Кога насладите ќе се прекинат, престануваат да бидат задоволни едниот со другиот; уште малку и – ете развод. Колку потривијални стануваат целите на животот, толку почесто стануваат разводи од една страна, а незаконските миновни заедници од друга. Изворот на тоа зло е во материјалистичкиот поглед на светот и животот.
Сопружништвото има многу утехи, но е следено со многубројни невоњи и страдања, понекогаш многу тешки. Имајте го тоа на ум, па кога ќе се случи нешто слично, немојте да ве изненади. Сега живеете двојно: и радостите се поголеми и страдањата полесни – зашто се делат на половина.
Светата Тајна брак неодложно се должни да ја примат сите христијани, ако се христијани. Но, кој на властите ќе им забрани и беззаконата заедница да ја признаат како законска, не заради тие беззаконици, туку заради децата, кои воопшто не се криви за беззаконијата на своите родители. Заради нивно обезбедување, потребни се некакви одредби, зашто тоа беззаконие расте и се шири... Црквата кон властите има само една молба – да не се воведуваат новотарии... а потоа оние кои стапуваат во заедница без знаење на Црквата, да се сметаат за беззаконици и да се потпаднат под соодветните епитимии, со барање да се разидат. Доколку не послушаат, останува само да се третираат како незнабошци и митници.
Чувствата на мажот кон жената и жената кон мажот се – природни. Но тие секогаш може да се држат во границите во кои нема да се колебаат исправните одлуки на волјата.
Кој живее во семејство, нему и спасението му доаѓа од семејните добродетели. Но не е работата во тоа сè да се прикаже сјајно, туку да се направи она што е потребно.
Вие сте семејни луѓе. Не можете без секојдневни грижи. Тоа не е ни забрането; напротив, заповедано е да работите како би сте се издржувале и на другите би им помагале. Потребно е само да не се гушите себеси со грижата и кога работите, сета надеж да ја положите на Бога; а сè што бог ќе ви даде како вишок, преку сиромасите Нему да Му го враќате како данок.
Брачниот живот не ги затвора дверите во Царството Небесно, а ни на духот не мора да му смета да се усовршува. Но тука не се работи за надворешниот поредок на работите, туку за внатрешното расположение, чувства и стремежи.
Совршенство може да се постигне и во брачниот живот... Потребно е само да се гасат и искоренуваат страстите. На тоа обратете внимание.
Повеќе од сè чиувајте се да не ја изгубите или разнишате меѓусебната доверба. Зашто тоа представува темел на среќниот сопружнички живот.
Заедно со жената чувајте ја својата љубов. Тоа е извор на среќниот семеен живот. На тој извор треба да се внимава, да не се извалка.
Вие сте жена, мајка и домаќинка. Обврските кои од тоа произлегуваат се – ваше спасение.
Делата на служење не се суета – тоа се дела Божји. Само секогаш извршувајте ги заради Бога, а не заради било што друго. Исто така, вам ви лежи обврската и во семејниот живот... Не е суета да се исполнува. Но тие дела треба да ги извршувате со свест дека ја исполнувате вољата Божја.
Еве, сега сте домаќин и домаќинка. Запомнете дека од сега станувате родоначалници на нов нарастај. Работите треба да се водат така, на децата не само да им се остави наследство, туку претходно да им се даде и здраво тело и бодра душа...
Жена, мајка и домаќинка – тоа е делокругот на вашата власт. Вашите министри се главата, рацете и нозете, душата со нејзините сили. Законски кодекси се – заповедите од Евангелието. Строго пазете на своите министри; тие се секогаш подготвени да ја искористат невнимателноста на владарот и сè да завртат на своја корист, а не на општото добро.
Држете се до Господа и Неговите заповеди, па сè ќе биде добро. Не треба да се прифаќате за она за што се способни само луѓето кои се одрекле од светот. Ним им е својствено потполно одсуство на грижи; вие имате работи и работи. Вие сте маж, татко и поседник, а можете да бидете и нешто друго. Секоја од тие титули ви наложува и обврски одредени од со заповедите Божји. Нивното исполнување – е ваш труд на спасение. Бог вам така ви досудил. ВО тоа и останете!..
Се жалите на грижите во домаќинството, дека ве одвојуваат од други омилени занимања... Што да се прави? Домашните работи се такви. Тука вам ништо друго не ви преостанува освен трпение... Овој живот и е наменет за тоа да се работи во потта на лицето свое, а не да се философира. Тоа е наша сеопшта епитимија. Но потрудете се тоа бреме некако да го олесните... Со што? Понекогаш со интелектуални занимања, понекогаш со естетски задоволства, понекогаш со утеха од братски разговор со други... А најмногу со задоволување на своите религиозни потреби и тежнеења.
Додајте ја на тоа уште и навиката душата да ви се занимава со домашни работи тогаш кога некоја таква работа мора да се изврши, акога ниедна конкретна домашна работа не е навидик, тогаш душата посветете ја на нешто друго – најпрвин на она што се однесува на Бога. Ако малку се потрудите, мислам дека таква навика може да се стекне.
Не се спасуваат луѓе само во манастир. Се спасуваат и низ семеен живот и во секој назив и положба.
Општиот заклучок од зборовите Господови е таков, дека семејните односи треба да бидат потчинети на духовните потреби... И воопшто, тонот на учењето Господово никако не е поволен за семејните и светските односи... А тоа што проповедал љубов и мир... за практикување на овие добродетели има повеќе простор во манастир отколку во светот.
Добро правиш што секогаш си дома... Искуството е едно: Секој ден треба да се започнува така, како да е прв после свадба. Учи како да живееш. Тоа е голема мудрост... Но стравот Божји сè ќе нè научи.

 

(AdamiEva.jpgПродолжува)

Подготви: Златко Дивјаковски

  •  Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (21)
  •  Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (22)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (23)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (24)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (25)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (26)
  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (27)
  •  Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (28)

  • Св. Теофан Затворник - „Речник на христијанскиот практичен живот“ (29)

  •