Храмот

 Crkva.Blagov3.jpgСветот – за нас е туѓа земја; нашиот дом е на небото, а предворје на тој дом е – земниот храм. Поитајте таму, како што од туѓа земја брзаат под родителскиот покрив. Тука секојпат ќе наидувате  на Очевата прегратка. Како што децата итаат да си одѕвијаат на повикот на саканата мајка, сакајќи да се насладат од нежноста на нејзините зборови, така и вие поитајте во храмот. Тука вас, Нашата Мајка – Црквата, со љубов ќе ве прегрне и обилно ќе ве нахрани со секакви духовни сладости.
 ... Храмот е сенка на небото – ако се гледа на неговото уредување, на дејствијата кои во него се совршуваат и на претставите кои го исполнуваат. Може да се каже дека тој е самото небо на земјата во кое благоизволил да се всели Господ, а со Него и светите Ангели, нашите постојани чувари. Небесниот Отец го прима во прегратка секој кој доаѓа и побожно тука престојува; поради тоа секој добронамерен овде доаѓа до благотворно општење со ангелите и светителите.
 Влегувајќи во храмот, чувството е како да си во сионската горна одаја, каде што Господ ги причестувал светите апостоли и добро внимавај на она што се чита или пее, управувајќи ги помислите кон тоа, дека Самиот Господ ти припрема спасоносна вечера.
 ... Секоја служба е една целина – и само со целокупната своја содржина донесува потполна корист. Како што храната е вкусна само тогаш кога ги има сите состојки, така и службата во потполност го задоволува духовниот вкус само тогаш кога се слуша во целина. Соодветно на тоа, оној кој го пропушта почетокот или не го дочекува крајот, тој се труди и воедно самиот себеси се лишува од плодот на тој труд или со едната рака ѕида а со другата руши.
 ... Зборот напишан со одушевување го одушевува и оној што чита. Чувството сочувано во зборовите, преку нив преминува во душата на оној кој слуша или чита. Така и и со црковните песни. Псалмите, химните и црковните оди претставуваат од Духот придвижувани изливи на побожни чувства кон Бога. Духот Божји ги исполнувал Своите избраници, а тие полнотата на своите чувства ја изразувале преку песни. И обратно, оној што ги пее како што треба може да влезе во чувствата кои се преку нив изразени и исполнувајќи се со нов, да се приближи до состојбата во која би бил способен да го приме дејствувањето на благодатта на Светиот Дух или да се подготви за Него. Улогата на црковните песни е точно тоа – со нивно посредство да се распламти искрата на благодатта која се крие во нас. Оваа искра ја даваат Светите Тајни. Да би се таа распламтeла и претворила во пламен, воведени се псалмите и духовните песни. На искрата од благодатта тие делуваат еднакво како што ветрот делува на обична искра, сместена внатре во некоја согорлива материја.
 Заминувањето во црква претставува најдоброто средство за пронаоѓање на молитвенио дух, со кој срцето не ќе може да се окамени.
 Ако можете, почесто престојувајте во храмот Божји. Никаде така не се поттикнува молитвениот дух како во храмовите, кога внимателно и побожно се пребива во нив. Ако така постапувате, наскоро ќе видете плод... Сепак, не после првото или второто престојување во храмот... Треба да поминат месеци и да се покаже постојаност и трпение во тоа.
 Црквата е – вашата утеха. Фала Му на Господа кој ви дава да ја почувствувате благотворноста од пребивањето во црквата. Свети Златоуст често споменува дека е можно да се помолиме и дома;  но, така како во црква, дома нема да се помолиш.
 Во црквата некогаш или не се слуша или не се разбира она што е пее или чита: во тој случај стојте пред Господа и кажувајте ја Исусовата молитва... Секое дејство во црквата има своја смисла. Кој со своето разбирање и сфаќање ја следи таа смисла, тој за душата непрестано ќе добива хранливи впечатоци од другиот свет... и по завршувањето на богослужението ќе излезе од црквата онака како што се станува од богата и разновидно поставена трпеза.
 Не е пријатно да се плаќа  во Црква! (На секој начин чувајте се од покажување... Ништо не правете така да се види... Со тоа треба да се соедини и заборавањето на своите дела). Таму (во  црквата) чувајте ја скрушеноста на духот, а дома дајте им слобода на солзите. Скрушениот дух е вистинскиот дух... Што почесто се држиш во таа состојба, толку подобро.
 Погледнете ги оние кои се отстрануваат од храмовите и откријте го нивното духовно расположение! Зошто од нив провејува ладност како од гроб? Затоа што нивниот духовен живот или е ограничен или сосема угасен со одсекувањето на себеси од храмовите и целокупниот нивни поредок.
 Кога се подига храм, тоа е како да се открива обилен извор во бесплодна пустина, или како да се подигнува сеисцелувачко лечилиште во место заразено од секакви болести, или како да се прави расадник во кој се собираат секакви духовни билки и каде што се наоѓа сè што прилега за неговиот раст.
 Користејќи се така со црковните служби како што треба, ние малку – по малку ќе го достигнуваме она главното, поради кое и ни се даваат овие видливи храмови – поточно, непрестаната молитва во Бога, која со умот се извршува во срцето, молитвата која нашето срце го прави неракотворен храм Божји. Заповедта за оваа молитва ни ја предале светите Апостоли; таа била главната грижа и на сите свети подвижници.
 Доаѓајќи во храмот, на неговиот праг треба да ги оставиме сите грижи и обврски, без обзир на тоа за што тие се работат, за да би влегле внатре со непоматена мисла. Влегувајќи во црква треба да се облечеме во побожност како во облека, имајќи на ум  Кому Му пристапуваме и Кому намеруваме да Му се обратиме во молитва.
 Што се случува, кога ни се чини дека службата поминала брзо, или дека своето молитвено правило сме го извршиле незабележливо?.. Тоа е плод на внимателно стоење во црквата, како и исполнување на домашното правило собрано и со чувство.

Crkva.Blagov1.jpgОднесување во храмот и односите со верниците

 Кога доаѓаат при вас не треба со стап да ги бркате, зашто не доаѓаат со зла намера. Да го одбиете одговорот кога знаете што да кажете, еднакво е лошо како да не дадете милостиња кога имате од што.
 Што значи „милост мира“? Слушајте што возгласува ѓаконот!! „Добро да стоиме, светиот Принос во мир да го принесеме...“ Тоа е повик за приносување на Бескрвната Жртва. Жртвата ја совршува свептеникот. Присутните треба да ги имаат чувствата кои на тоа одговараат... страв Божји, нерасејана мисла, мир со Бога и со сите, пофалба и благодарност кон Бога... Се работи за духовни жртви. Тоа и означуваат зборовите: „милост мира“... ѓаконот повикува на вознесување на жртвата. Присутните одговараат: да, ние сме спремни... и принесуваме милост на мирот, жртва пофална. Додека се пее: „Достојно и праведно е“ – свештеникот ги споменува сите Боженствени доброчинства направени преку создавањето, промислувањето, а нејмногу преку искупувањето и самата дозвола да се принесе Жртвата... сеќавањето на овие доброчинства им прилега и на сите присутни.
 Изразот „милост мира“ на грчки гласи: „елеј (масло) за мирот“. Мирот поточно и е елеј за душата и најдобра милост која ние си ја укажуваме еден на друг и која ни ја дава Бог.
 За Литургијата на св. Јаков: неа во употреба ја вовел тој, а свештенослужителите ја учеле напамет. Начинот на совршување на сите Свети Тајни бил предаван по сеќавање и учен напамет. ТОа е правено намерно, за Светите Тајни да би се заштитиле од незнабожечкото исмевање. Литургиите ги составувале и предавале и другите Апостоли. Но, сите тие општо земено се слични , особено оној дел кој го содржи начинот на приносување и осветување на Жртвите, буквално кај сите е ист... Кај сите се пее: „Достојно и праведно да Му се благодари на Отца...“ и понатаму; потоа: „Свет, Свет, Свет...“ и натаму; потоа: „Тебе Ти пееме, Тебе Те благословуваме...“ и понатака. А тука се совршува Светата Тајна... Подоцна Литургијата на светиот Јаков била запишана. Свети Василиј ја скратил. А св.Јован Златоуст ја скратил уште малку. Суштински раслики нема.
 Црквата е – дом Божји, таму е сè Божјо... Со секоја твар таму, однесувајте се како со Божја и постапувајте со неа како да ви е заповедано од Самиот Господ, сеќавајќи се при тоа дека и Самиот Господ е тука и дека гледа како постапувате, па со тоа станува или утешен или навреден.
 Домот Мој е дом за молитва (Лк. 19, 46). Точно така, само влези во храмот, и тој веќе те повикува на молитва. Сè тука е така уредено,и така се работи да би поттикнало и помогнало во молитвата. Затоа, ако сакаш да ја паспламтиш молитвата во своето срце, почесто оди во храмот Божји. Дома нема да се помолиш така како во храмот. Има и такви кои и дома топло се молат, но ако е така дома, тогаш како ќе е во храмот? А кога си во храмот, немој во него да бидеш само со телото, туку и повеќе со духот. Застани каде што е мирно и со умот набљудувајќи Го Господа изливај ја пред Него душата своја. Рестерувај ги фантазирањата, грижи не допуштај, внимавај само на едно дело – молитвата. Натежнатата душа подигни ја горе и нејзината тромост разбивај ја со созерцавање на Боженствените дејства. Ако нешто е оптеретува, победи го со покајание и со заве дека ќе се исправиш. Ако совеста не е задоволена, придодади дела на самоодрекување и на љубов. Додека стоиш во храмот, подготвувај се и сето време надвор од храмот да го поминеш не отстапувајќи со мислите од Господа, туку цело време да Го гледаш пред себе, за твоите стапки да не би свртеле од правиот пат на кривиот. Од тоа, кога ќе дојдешво храмот, ќе ти биде полесно во него да се однесуваш како што треба. А од доличното пребивање во храмот пак ќе ти биде полесно вниманието да го држиш пред Господа кога си надвор од храмот... Така твоето пребивање во Господа, ќе станува сè поинтензивно и поинтензивно., а што човек може да посака повеќе од тоа?
 Секоја служба во црквата треба да се одстои до крај. Ќе ти кажам, дека нема подобар наќин за откривање на умносрдеќната молитва, отколку во црквата, на црковните служби. На црковните служби владее молитвен дух. Кој ќе одстои на службата пазејќи на сè што се пее и чита, тој не може да не се загрее во молитвено расположение. Ако е така денес, утре, задутре итн., тогаш на крајот во срцето ќе се распламти молитвениот оган. Кога Бог тоа ќе го даде, тогаш ќе иташ во црквата како на царска гозба и ништо нема да те застани; само труди се да внимаваш на она што во црквата се пее или чита, зашто без внимание ништо нема да биде. При извршувањето на Исусавата молитва, задолжително треба да правиш поклони, и колку повече, толку подобро. Ако си сам во келија, почесто прифаќај се за поклоните, правејќи ги олку сакаш со молитвата Исусова. Наутро и навечер прави ги повеќе.

 

(Продолжува)

Подготви: Златко Дивјаковски