ЗА ВРЕМЕ НА ПОСТОТ И МОЛИТВАТА
Свети Григориј Палама


sv.GrigorijPalama.jpgБраќа, со посредство на дела да ги допреме прекрасните дарови на постот и воздржанието; со добри дела да ја потврдиме нашата добра волја за нив (постот и воздржанието). На дело да покажеме какви плодови тие носат, оти по плодот се познава дрвото. Меѓутоа, земјоделецот прв треба да вкуси од плодот. Разбери што зборувам (2 Тим. 2, 6), вели Апостолот. Така, секоја од добродетелите ги очистува и украсува или душата, или телото, поточно кажано – само некој дел од душата или од телото. Да речеме, молитвата и знаењето го украсуваат и очистуваат умот, кротоста го смирува гневот, целомудреноста ја гаси похотта. Постот и воздржанието ги смируваат телесната борба и разбеснетоста на гневот; ја гасат похотта, создавајќи во умот чисто и ведро небо без ни еден облак и ја очистуваат душата од испарувања настанати заради прејадување и од помрачението кое настанува како последица на тоа. Благодарение на постот и воздржанието, надворешниот човек тлее, а сразмерно на тоа колку тој тлее, толку внатрешниот се обновува, како што вели Апостолот. Некој рече дека преполнетиот стомак не раѓа истенчен ум; според тоа, колку што човекот станува поистенчен заради постот и воздржанието, толку поистенчен станува и неговиот ум.
Четирисетдневниот пост не е период што го опфаќа целиот твој живот. Освен тоа, заоѓањето на сонцето од ден на ден го ограничува твојот пост. О, зарем не им е на сите лесно, зарем не им одговара на сите ова воздржување од храната?! Оброците нека бидат соодветни на постот, така што ниту оној кој одмерено се воздржува од храната, ниту оној кој одмерено јаде, да не бидат многу позади оној што гладува. Ти, можеби, се грижиш за телото и го одбегнуваш постот, мислејќи дека тој те исцрпува? Напротив! Токму прејадувањето предизвикува болки во коските и во главата, како и некои други болести, додека, пак, постот е мајка на здравјето. Според ова, против своето тело не греши само блудникот, туку и стомакоугодникот, бидејќи го прави телото слабо и болно.
Бидејќи невоздржанието се пројавува преку сите сетила, на сите нив ќе им наложиме воздржание. Ако постиш во поглед на јадењето, а очите те наведуваат на прељуба во скриените одаи на душата, на љубопитност и на клеветење, ако ушите те наведуваат да слушаш навреди, лоши песни и злобни шепотења, ако и преку останатите сетила бидеш измамен од нештата што ти наштетуваат, на ним соодветен начин, тогаш каква полза од постот? Се разбира, никаква! Ти, на пример, бегаш од едно зло, но со посредство на сетилата им отвораш врата на другите зла. Ние сме составени од душа и тело; ние, значи, немаме само тело, туку и душа која се состои од три дела (желбениот, волевиот и словесниот дел). Заради тоа, вистински е само оној пост што го опфаќа сето ова, којшто сѐ очистува и исцелува. Исцелувањето на душата со пост е благо и човекољубиво. Затоа нашите Отци, заради нас, го воспоставија во овие денови.
Возљубени, ако го држиме ова, нема само да се оддалечиме од разгален и разнежнет начин на живот, туку постот и молитвата ќе ги исполнуваме свесни за присуството Божјо. Притоа ќе знаеме дека ниту постот, ниту молитвата, ниту псалмопението не можат да нѐ спасат сами по себе, туку се спасителни за нас кога ги извршуваме пред очите на Бог. И како што сонцето ги стоплува оние што ги осветлува, така и очите на Бог нѐ осветуваат кога нѐ гледаат.
Сето ова го правиме пред лицето на Бог, тогаш кога нашиот ум непрестајно гледа во Него, и кога гледајќи Го, постиме, пееме псалми и се молиме. Меѓутоа, ако нашиот ум за време на молитвата и псалмопението понекогаш се вознесува кон Бог, а понекогаш изнемоштува и се расејува, значи дека уште не сме целосно предадени на Господ и дека целта на тоа што го правиме не е само и единствено законот Божји. Значи, во онаа мера во која отстапуваме од праведните дела, во таа мера не можеме да опстоиме пред очите Божји, како што е речено: Беззакониците нема да се одржат пред очите Твои (Пс. 5, 5). Ние, кои лежиме изранети, да Го повикуваме Господ Кој може да стави мелем и да ги преврзе нашите рани.
Ве молам да не си дозволиме да попуштиме и да заслабнеме, и со постот, молитвата, солзите да Го повикуваме додека не ни се приближи и додека не нѐ исцели. Да покажеме на дело дека сме толку богати што за Женик Го имаме Христос, Кого со надеж Го очекуваме, иако е сега далеку од нас и се крие во небесното. Ќе дојдат дни кога од вас ќе се одземе Младоженецот, и тогаш ќе постите (Матеј 9, 15). Од ова е очигледно дека оние што Христос ги повикува треба животот да го поминуваат во постот и воздржанието, очекувајќи го во добра надеж Неговото страшно и славно второ Доаѓање. Особено треба да постиме и да се подготвуваме во овие денови, кога го очекуваме денот на Христовото Воскресение, за да можеме чисти, чисто да ги празнуваме Неговите страданија и низ нив да го здобиеме бесмртниот и блажен живот, подготвен за нас од Господ.
Сите ние да се удостоиме за овој блажен и бесмртен живот, со благодатта и човекољубието на нашиот Господ Исус Христос, Кому прилега сета слава, чест и поклонение, со беспочетниот Негов Отец и Пресветиот и благ и живототворен Дух, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Извор: ПРЕМИН

 {moshits}