sv.teofan.Zatvornik2.jpg Обвивката на душата станува светла или темна во зависност од внатрешното расположение. Примери. Помрачената душа ја гледаат демоните.

Би сакал како дополнение на она што претходно беше напишано да Ви кажам уште нешто за истата работа. Ќе Ви пренесам некои искуства за тоа како душата во својата обвивка го прима точно оној облик кој и одговата на нејзината внатрешна состојба. За време на животот на свети Андреј, јуродивот Христа ради, живеел во Константинопол некој (неженет) свештеник кој бил испосник, осаменик и молитвеник. Сите го почитувале. Но, го сретнал и свети Андреј и видел дека е облечен во некаква магла, а околу вратот му се обвила змија на која пишувало „змија на среброљубието“. Ете каква била неговата душа. Меѓутоа, тоа никој не го видел. Го виделе само просветените духовни очи на свети Андреј. Свети Андреј поразговарал насамо со тој свештеник, го привел кон покајание, и тој се поправил. Но кај небесните жители тие се уште попросветени. Значи, и кога ни се чини дека никој не види какви сме, не гледа големо мноштво на очи. Види колку ѕвезди има на небото! Очи кои не гледаат има уште повеќе.

Всушност, и сами можеме, ако не да видиме, тогаш барем да одредиме какви сме. Тоа ни зборува и совеста – непоткупливиот судија. Можно е неа привремено да ја пригушиме, но таа секогаш успева да се ослободи од јаремот и да го подигне својот глас, дури и кај оние кои не се баш совесни. Кај оние пак кои не паднале во пороци, нејзиниот глас е секогаш чист и ѕвонлив. Таа е и се нарекува гласот Божји во човековиот дух. Во неа се одразува и тоа какво мислење за нас имаат или како на нас гледаат жителите на небото. Така, кога совеста вели дека пред се сме чисти пред Бога и пред луѓето, тогаш тоа сведоштво на совеста во вид на светлост се одразува околу нашата душа, и од небото сите не гледаат како светли. А ако совеста не прекорува дека сме нечисти, тогаш не гледаат како темни. Но подобро од сите секогаш не гледаат ангелите чувари – некого како мрачен, некого како светол, судејќи според постојаното или случајното внатрешно расположение.

Освен ангелите и светите, невидливо за нас, не гледаат и мрачните сили. Само што тие не можат да ја видат душата кога е светла, оти како лилјаци се плашат од светлоста, а гледаат само тогаш кога ќе почне да се замрачува. Тие насекаде се движат во јата и штом некаде ќе забележат помрачена душа, истиот час сите ја напаѓаат и почнуваат да ја фрлаат натаму-наваму со помош на помислите, на страсните желби и на вознемирените сетила. Таа област за која што зборував, која беззаконо настанува помеѓу душата и телото, претставува место од каде што демоните и се приближуваат на душата и почнуваат да ја вознемирувват како што ветерот подига прашина. Тие пробуваат да се прикрадат во светлите души, но биваат одбиени и како со стрела погодени од зраците на светлоста. Во Антиохија живеел волшебникот Кипријан. Еден младич го замолил со своите магии да ја придобие за него Јустина, убава христијанка која сакал да ја ожени, а таа не сакала ниту да го погледне. Кипријан неколку пати и праќал демони кои му служеле на нивен начин да ја поттикнат во неа љубовта кон младичот, и тие доаѓале до нејзината куќа но внатре не можеле да влезат и на враќање зборувале дека оттаму, од куќата, излегува светлост која ги одбива и гори, оти таа Јустина е како во некој облак облечена во светлост, така што не можеле ниту да ја погледнат. Што понатаму се случило за нас овде не е ни битно, но на крај младичот и волшебникот Му се обратиле на Христа.

Е, тоа е најдобар пример како душата станува светла кога христијанката е чиста во својата совест и предана на Бога. При чиста совест стравот Божји ја исполнува душата и ја чува недопирлива. Тогаш и Господ, Кој е секаде присутен и се исполнува, ја посетува таа душа и таа станува светла, сјаејќи како ѕвезда.

Зачувувајќи се чиста, по исходот од телото душата и во оној свет преминува толку светла. Свети Антониј еднаш беседел со своите ученици и здогледал пруга на светлост како се искачува кон небото. Загледувајќи се во неа и сфаќајќи што се случува рекол: “Ова свети Амон  на небото се воздига во придружба на ангелите“.

Значи, треба да се потрудите околу тоа. Не се потпирајте на она што го гледате однадвор, оти е можно да е едно она што се види на нас, а друго она што всушност сме. Ве потсетувам на зборовите на свети Василиј Велики, кој вели: телото е наше; она што го имаме освен телото, почнувајќи од облеката, тоа е она што не окружува. А што сме ние? Ние сме душата (со духот). Е тука треба да се собереме, одвојувајќи се од се што постои надвор од нас и од самото тело – треба да влеземе во себе и тука се добро да разгледаме.

Тоа не навраќа на она од што малку се оддалечивме – на прашањето: како да се постигне да се живее во духот, со него да се одухотвори душата и се надворешно? Но за тоа друг пат.

(Продолжува)  

Подготви: Б.Ѓ.

Посети: {moshits}