sv.vasilij.veliki.jpgДоколку внимаваш на себе, ќе го откриеш околу себе сето кажано, па и уште повеќе. Насладувајќи се со присутното, ти нема да бидеш малодушен заради она што недостига. Каде и да се наоѓаш, оваа заповед ќе ти биде од голема помош. На пример, гнев ги обзел твоите помисли и разгневеноста те влече кон недолични зборови и сурови и ѕвероподобни постапки? Меѓутоа, ако внимаваш на себе ти ќе го смириш гневот како тврдоглав и млад коњ кој не трпи узди, поразувајќи го со изреката како низ удар со камшик. Со неа ќе го задржиш јазикот и нема да подигнеш рака на оној што те огорчил. И повторно, ако валканата похот ја распалува твојата душа и те фрла во невоздржани и нечисти стремежи. Доколку, пак, внимаваш на себе и се сетиш дека она што ти е сега слатко ќе има горчлив крај, дека скокоткањето кое сега предизвикува уживање во нашето тело ќе роди отровен црв кој бесконечно ќе н# измачува во геената и дека распалувањето на телото ќе биде мајка на вечниот оган, уживањата истиот момент ќе исчезнат и ќе избегаат, додека во душата ќе настане чудесна тишина и безмолвие, како што и присутноста на целомудрената госпоѓа го стишува џагорот на темпераментните слугинки. Затоа, внимавај на себе и знај дека во душата постои словесен и умен дел, како што постои и страствен и бесловесен. На словесниот дел природно му припаѓа превласт. На другиот, пак, му припаѓа потчинетост и послушност на словесниот дел. Значи, никогаш немој да дозволиш умот да биде поробен и да стане слуга на страстите. Исто така, немој да допуштиш страстите да станат против словесноста и да присвојат власт над душата. Воопштено зборувајќи, верното поимање на самиот себе ќе биде доволно за раководење кон поимањето на Бога. Доколку внимаваш на себе, ништо нема да ти биде неопходно за да влезеш во трагата на Творецот Кој создаде с#, и во самиот себе, како во некој мал украс, ќе ја воочиш големата мудрост на својот Создател. Од бестелесноста на душата која се наоѓа во тебе сфати дека и Бог е бестелесен. Знај дека Тој не е ограничен со место, со оглед дека ни на твојот ум не му е
одредено пребивање на некое одредено место: тој само заради соединението со телото се наоѓа на одредено место. Верувајќи дека Бог е невидлив, ќе ја сфатиш и својата сопствена душа, со оглед дека и таа не може да се забележи со телесните очи. Таа нема ни боја, ни изглед, нити може да се опише со некои телесни црти, а се спознава само по дејствијата. Затоа не барај Бог да го дофатиш со телесните очи, туку разумот препушти го на верата, имајќи за Бога умно поимање. Восхитувај се на Уметникот кој силата на душата ја приврзал за телото. Допирајќи се до секој негов крај таа ги доведува до согласност и заедница удовите кои меѓусебно се најоддалечени. Размисли за силата која душата ја пренесува на телото и сочувството кое телото & го враќа на душата, па и за начинот на кој телото прима живот од душата, а душата прифаќа болка од телото. Помисли на ризниците на познанието кои ги има душата и на фактот дека новото учење не го затемнува она што е научено порано, туку сеќавањата се чуваат неслеано и разговетно, врежани во владеачкиот дел на душата како во некој бакарен столб. Помисли дека душата, која западнала во телесни страсти, ја губи својата убавина и дека повторно, очистувајќи се од срамот на злото, со помош на доблестите се вознесува кон подобието на Творецот.

(продолжува)...

 

Подготви: Михаила Поповска

Св. Василиј Велики - Внимавај на себе (6)
Св. Василиј Велики - Внимавај на себе (5)

 Св. Василиј Велики - Внимавај на себе (4)

Св. Василиј Велики - Внимавај на себе (3)

Св. Василиј Велики -Внимавај на себе (2)

Св. Василиј Велики -Внимавај на себе (1)