– Отче, како комуницираат луѓето духовно  еден со друг од растојание?

– Си пренесуваат пораки еден на друг преку радиостаницата со користење на морзеовата азбука!..

– Како се случува тоа?

– За да можат луѓето да комуницираат еден со друг духовно, треба да работат на иста фреквенција. Научниците воопшто не можат да го сфатат тоа. Дали се сеќаваш на случајот од книгата „Светогорските отци и светогорскиот живот“? Еднаш еден монах се подготвувал да посети друг монах кој живеел во Капсала и почнал да се чуди што да му однесе за подарок. Во тоа време, другиот отец добил известување од Бога за посетата на братот и се замислил: „Со што да го нагостам братот кога ќе дојде?“ Во времето кога првиот брат ја чистел рибата, неочекувано долетала врана, зела една од рибите и му ја однела на вториот монах во Капсала, на  растојание од пет и пол часа. Дали разбирате? Еден човек размислувал, како да израдува друг, а враната станала посредник помеѓу нив!

Кога човек  ја има Љубовта – Христос, дури и да е нем, ќе најде заеднички јазик со милијарди различни луѓе, од секоја возраст, макар и  секоја од нив да си има свој засебен јазик на комуницирање. Стави еден до друг двајца луѓе кои не се сакаат и кажи им да седат молчејќи, и  стави и други двајца кои имаат меѓусебна љубов и кажи им да седат и молчат. Како ќе се чувствуваат едните, а како другите? И првите молчат и вторите исто така. Но вторите, макар и да молчат, разговараат, бидејќи помеѓу нив постои врска. Спротивно на тоа, првите не можат да комуницираат, бидејќи се изолирани еден од друг. Кога нема љубов, двајца луѓе може да се блиску, а да се далеку еден од друг.

– Отче, жал ми е што дојде денот кога треба повторно да нè напуштите и да заминете далеку.

– Во духовниот живот не постојат „блиску“ и „далеку“. За Христовата љубов не постојат растојанија, бидејќи Господ со Својата љубов ги совладува. Значи, дали човек се наоѓа  блиску или далеку,  тој секогаш се чувствува дека се наоѓа до другиот, штом Му е близок на Христа и е поврзан со другиот човек со братските врски на Христовата љубов.

Му благодарам на Бога што имам таков род на љубов, духовна, ангелска, така што растојанијата исчезнуваат, а јас комуницирам со вас од растојание и во овој живот и по преминот во другиот живот, макар и растојанието да е многу повеќе – но и тоа ќе биде сосема ништожно, бидејќи нѐ обединува  Љубовта – Христос.

 

Превод од бугарски: Николче Српчански

Извор: http://pravoslaven-sviat.org

http://www.pppe.mk/2018/lubovta-gi-otstranuva-rastojanijata-starets-pajsij-svetogorets/