МОЛИТВА КОН ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА

Царице моја предобра, надеж моја, Богородице, со пламено срце прибегнувам кон Тебе, и не осмелувајки се да пристапам кон Твојот Син, Те молам Тебе за спасение, спаси ме со Твоето посредништво. Не презри го слугата Твој кој сета своја надеж, после Бога, ја полага на Тебе. Не гнаси се од мене кој сум обземен од голема беда и помилуј ме мене слугата Твој. Со своите молитви одгони ја маглата на страстите бидејки многу може да направи мајчината молба пред Синот Кој е брз да направи милост.

Удостој ме во сите денови од мојот живот да му угодувам на човекољубивиот Бог. И додека се наоѓам во овој многустрадален живот, Владичице, закрилувај ме и заштитувај ме. Кога патувам патувај со мене, кога странствувам придружувај ме, кога спијам закрилувај ме, кога сум болен исцели ме. А кога мојата душа ќе излегува од телото, Ти дојди при мене, милостива Владичице, стивни го моето страдање, олесни ги моите маки. Со Твоја помош Богоневесто дај ми да се избавам од вечниот пламен да се насладувам со рајската утеха во Света Троица и да го добијам Царството небесно.

Заштитуван од Тебе ќе Те величам и прославувам Тебе единствената бидејки Ти стана заштита на родот човечки. Со Своето раѓање Ти го изми срамот на прародителскиот грев и стана застапничка на грешните, утеха на малодушните, охрабрување на оние што се во неволја. Дево Владичице и Богородице, Ти која си надеж на сите христијани и мене смирениот и најбедниот слуга Твој избави ме од заборав, незнаење, мрзливост, суета, прељубодејство, блуд, стомакоугодување, од сите лукави, срамни и хулни помисли на моето бедно срце и на мојот затемнет ум.

Ослободи ме од сите мои лоши тежнеења, згасни го во мене пламенот на страстите бидејки сум немоќен и беден, а Ти си пославна од сите смртни.

Свети Ефрем Сирин

 

 

 Извор: ФБ профил на

Оливера Соколова Македонска