Прекрасниот праведник Свети Серафим Саровски - најголемиот Руски Светител во Светата Православна Црква (1833г.) ни дал чуден одговор на прашањето за целта на човечкиот живот тука на земјата.
Во еден тивок зимски ден, на една пољанка среде гората, во разговор со Николај Александрович Мотовилов, кој живо се интересирал по ова прашање, Свети Серафим му открил дека, целта на христијанскиот живот се состои во придобивањето на Светиот Божји Дух, а не просто во придобивањето на разни одделни добродетели. Зашто последните, ако се извршени не заради Христа, не ни носат награда во идниот живот, ниту ни ја даваат Божјата Благодат во тукашниот живот. Секој треба да го започнува своето спасение со Православната вера во Господа Исуса Христа и во Негово име да врши добро. Таквото добро е вистинско и никогаш не пропаѓа. Тоа, не само што му го спечалува на човекот венецот на правдата во идниот живот, но и во тукашниот го исполнува со благодатта на Светиот Дух... Добродетелите: молитва, пост, бдение. милостина. целомудрие. девство итн. Се само средства за придобивање на Духот Божји. Преку нив човек треба да спечалува благодат. Инаку добродетелта останува извршена напразно. Кој, пак, грешел, треба да прибегне кон вистинско покајание за своите гревови, трудејќи се да врши добродетели во името на Христа, спротивни на своите поранешни пороци. На тој начин се придобива Светиот Дух, Кој во нас дејствува и внатре во нас го устројува Царството Небесно.
Не туку-така Спасителот рекол дека Царството Божјо е внатре во нас (Лука 17.21). Под Царство Божјо, Господ ја разбира благодатта на Светиот Дух, која треба да се разоткрива во нашиот живот преку воздржување од зло и вршење на добро во името на Господа Исуса Христа.
Пленет од тие Богомудри објаснувања, Мотовилов пламнал од желба да разбере, конкретно на кој начин може да дознае, што се наоѓа во благодатта на Светиот Дух. Тогаш Свети Серафим се помолил тајно во своето срце на Господа, да му даде на Мотовилов сетилно да ја почуствува таа радост. И одеднаш Мотовилов видел како Светиот старец пламнал во благодат, како целиот сјаел и како да истурал молњи од светлина - и двајцата биле во благодатна состојба и озарени од Таворските зраци, го продолжиле својот разговор.
- Како се чувствуваш сега? - го запрашал Свети Серафим.
- Чувствувам - одговорил Мотовилов - таква тишина и мир во мојата душа, така што, со никакви зборови не можам да ги изразам!
- Тоа е оној мир - објаснил Светиот Старец, - за кој Господ им кажал на Своите ученици: "Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот" (Јован 14,27). Тоа е мир, што надвишува секој ум (Фил. 4,7)... Но, што уште чувствувате?
- Необична сладост - бил одговорот.
А Свети Серафим дополнил:
- Од таа сладост нашите срца како да се топат. Ние и двајцата сме исполнети со такво блаженство, кое не може да биде изразено со никаков јазик... Што уште чувствувате?
- Необична радост во целото свое срце!
Свети Серафим појаснил, дека тоа е радоста од осенувањето на Светиот Дух:
Но колку и да е утешна таа радост, сепак таа е ништожна во споредба со онаа, за која Самиот Господ преку устата на Светиот Апостол рекол: "Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло. тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат" (1. Кор. 2.9). Залог за таа радост ни се дава отсега... Што уште чувствувате?
- Необична топлина!
- Како така топлина? Та ние сме во гората. Сега е зима и под нашите нозе има снег.
Мотовилов не знаел со што да ја спореди таа топлина и рекол:
- Таква топлина има во бањата, кога пуштаат пареа... Ами миризбата? - запрашал Свети Серафим. - И таа ли е како во бањата?
- Не - Одговорил Мотовилов. - На земјата не постои ништо, кое е слично на такво благоухание...
Тој Божји угодник за Мотовилов уште во овој живот го измолил блаженството на Царството Божјо, дојдено во сила (Марко 9,1) и заклучил: "Ете со каква неискажана радост сега не удостои Господ Бог! Ете што значи да бидеш во полнотата на Светиот Дух... А што се однесува до тоа, дека јас сум монах, а вие - светски човек, нема што да се расудува. За Бога има значење Православната Вера во Него и во Единородниот Негов Син. Заради тоа, обилно се дава одозгора благодатта на Светиот Дух".
Понатаму. Светиот Старец објаснил на Мотовилов, дека устремувањето кон Богоугоден живот не значи од откажување од се земно. Тој додал: "Господ не не укорува, затоа што се ползуваме од земните блага, бидејќи и Тој Самиот рекол, дека штом сме поставени во земниот живот. ние имаме потреба од сето ова (Мат. 6,32), т.е. се, кое ни олеснува во земниот и го прави полесен нашиот лат кон Небесната Татковина. Врз основа на тоа, Светиот Апостол Павле вели, дека нема ништо подобро од благочестието соединето со задоволство (види 1.Тим. 6,6). И светата Црква се моли, Господ да ни го дарува тоа (т.е, неопходното за нашиот земен живот). И покрај болките, несреќите и разнообразните потреби се неделиви од нашиот земен живот, сепак Господ не сака ние да бидеме само во таги и несреќи... Господ Исус Самиот ни дава заповед да се сакаме еден со друг и взаемно утешувајќи се преку таа љубов, да го олесниме несреќниот и тесен пат на нашето патување кон Небесната Татковина". По овој прекрасен благодатен настан Свети Серафим го испратил Мотовилов со мир.
Така била покажана и очигледно објаснета целта на човечкиот живот - Христијанинот уште тука да стане живеалиште на Светиот Дух и така да достигне до Царството Божјо, кое не е ништо друго, освен самата благодат на Светиот Дух, изјавена во правда, радост, мир (Рим. 14.17). Таа благодат, како ослободување од власта на гревот и злото, не поставува во блажено единство со Бога. За да го постигнеме тоа соединување, Царството Божјо треба да влезе во нас и да стане едно со нас. Зошто. само ако Царството Небесно е навистина во душата, тогаш и душата ќе биде засекогаш во Царството Небесно.

Извадок од книгата "Беседи за животот по животот" од Архимандрит Серафим
Издавач: "Свети Горѓи Полошки", издавачка дејност при Повардарската Епархија

Преземено од: