логоFacebookTwitterYouTubeeMail

Ете, пак настана светло празнување! Празник што му претходи на празникот и со светлозарни зраци го просветлува целиот свет. Зашто Исток од висините[1], откако прими човечко тело, во Себе ги исполнува пророчките зборови, како што рекол пророкот: „Исток е Неговото име“.[2]   И пак: „Поклонете Му се на Господа Севишниот на небесата – на Исток“.[3] И друг пророк рекол: „Ќе изгрее ѕвезда од Јаков и ќе се издигне Владетел над народите“.[4] Надевајќи се на Него, народите ќе примат спасение.[5] Очекувајќи го тоа спасение, блажениот Симеон, озарен од духовниот зрак, брзаше да Го сретне Господа во Храмот, бидејќи беше известен од Светиот Дух дека нема да прими смрт, додека не Го види Христа во тело.[6] Движен од Светиот Дух, тој брзо потрча во Храмот и Го прими на раце, како дете, Создателот на сите векови.

           Денес Законодавецот, Кој му го беше дал Законот на Мојсеј, завршувајќи го со Себе и претставувајќи го како веќе застарен и како сенка на Законодавецот, на новите луѓе им дава обновување, преку Своето неискажливо слегување.[7]

           Денес, прогонувајќи го египетскиот мрак со Своето доаѓање при нас, Он го известува Јосифа, преку Својот ангел, да се врати во Ерусалим, соопштувајќи му за Иродовата смрт, како што вели евангелистот: „А кога умре Ирод, ете, ангел Господов му се јави на Јосиф во Египет, велејќи му: Стани, земи го Младенецот и Неговата Мајка, и оди во земјата израилева“[8] Тука живееше блажениот Симеон, жедно очекувајќи Го Утешителот израилев, како што му беше речено преку Светиот Дух, дека нема да види смрт додека не Го види Христа во тело. И дојде во Храмот, движен од Светиот Дух и крепен од благодатта.[9] Своите земјани раце тој ги направи престол за Небесниот Цар. Престарените раце на Симеон Го примаат Оној, пред Кого треперат од страв и набожност херувимите и серафимите,[10] Оној, Кој дојде за отпуштање на гревовите и за обновување на Адамовата природа. Заради тоа дојде Господ: при земните – Небесен, при помрачените – незаодна Светлина, при паднатите – Издигнувач, при оние што се во адот – Повисок од небесата, при мртвите – Живот бесмртен. Господ дојде за да го уништи нашиот непријател – злобната змија, да ја уништи смртта, да ги воскресне мртвите, да ги насочи нашите стапки по патот на рајскиот влез, да го врати првосоздадениот во првобитното достоинство.

           Затоа и евангелистот[11], говорејќи ни за Неговото телесно детство, рече: „Кога се навршија деновите на нејзиното очистување, според Законот…” добро го рекол тоа ‘според Законот’, бидејќи, навистина, Света Богородица не требаше да ги чека деновите на очистувањето, кои беа четириесет при раѓање на деца од машки пол. Зашто во Законот[12] е речено: „Кога жена ќе забремени и роди машко дете, ќе биде нечиста четириесет дена“.[13] А Пречиста Богородица, која не позна маж, но зачна од Светиот Дух, избегна да биде нечиста и според самиот Закон, и според скриеното сведоштво.

Сега го отпушташ Својот слуга, Владико, според зборот Твој, зашто очите мои го видоа спасението Твое што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израел. 

           А тоа што беше речено за Симеон, дека ја чека Утехата израилева, покажува како требаше Израил да најде утеха преку Светиот Дух, примајќи, преку својата вера во Него, слобода од римското владеење и од иноплеменото царство Иродово.

           Во изразот „Сега го отпушташ Својот слуга, Владико“,[14] свети Симеон говори за крајот на својот телесен живот. А изразот „според Твојот збор, во мир“ се однесува на ветувањето што беше го примил.

           А бидејќи незнабошците беа во мрак и во незнаење, служејќи им на демоните, Христос стана за нив светлина, откако им ја откри вистината за вечносуштиот Бог – за Самиот Себе, за Отецот и за Светиот Дух. Поради тоа (свети Симеон) рече: „Светлина за просвета на незнабошците“.[15]

           Христос стана слава на Израилот.[16] И поради тоа што Он се роди по тело од нив (од Израилците), Он прославил и мнозина од нив – имено, оние што поверуваа во Него.[17] А зборовите „за паѓање и за подигање на мнозина во Израилот“ мислам дека означуваат не едни да паднат, а други да станат, зашто Господ не дава повод за паѓање на едни, а за станување на други, бидејќи тие што паѓаат, паѓаат од местото на коешто некогаш стоеле. Познато е дека неверникот никогаш не стои исправен, туку секогаш се влече удолу. Исто така треба да знаеме дека оној што стои во гревот, преку покајанието се ослободува од гревот и станува мртов за него, и веќе живее за правдата[18] и се издигнува со верата во Христа. Зашто е речено: „Нека падне злото, за да се издигне доброто“[19] Оти ако не падне развратот, нема да се издигне чистотата, ако не се сруши неразумноста, нема да процвета разумноста. Така треба да се разбере кажаното „за паѓање и за станување на мнозина“.

           „Знак против Кого ќе се говори“.[20] – Навистина, под <знак> во светите книги го подразбираме животворниот Крст. Зар не е речено: „Мојсеј ја закачи бакарната змија на стапот како знак“,[21]  односно на крст. Поради тоа е речено „Знак против Кого ќе се говори“ бидејќи луѓето не престануваат да се препираат околу воплотувањето на Господа, едни зборувајќи дека Он примил тело, а други – дека не примл, туку дека некако привидно ја извршил Својата промисла во тело. Едни велат дека Он има земно тело, а други – небесно тело. Едни прифаќаат дека Христос е предвечен, а други – дека има почеток од Пречистата Дева Марија.

           

Старецот Симеон го именува ‘меч’ искусителното и испитателно слово. Затоа тој пророкува и за самата Света Богородица Марија, кога вели: „Меч ќе ја прободе твојата душа“[22] односно кога таа ќе стои при Крстот, кога ќе го гледа она што се извршува, и кога ќе го слуша гласот на убијците, откако беше го слушнала гласот на архангел Гавриил,[23] по недостижната смисла на Божјото зачнување и по извршувањето на големите чудеса.

           Со зборовите „за да се откријат мислите на многу срца“ свети Симеон кажува дека по соблазнувањето на учениците при крстот Христов и на самата Света Богородица наскоро ќе дојде исцеление од Бога, закрепнувајќи ги нивните срца за верата во Него. Истото го видовме и кај апостол Петар,[24]  кој се држеше добро во верата Христова, но се откри и човечката слабост, за да се покаже силата Господова. Симеон ја нарече <меч> тагата на Света Богородица при крстот Христов, зашто мислеше дека Он не би пострадал вака, ако не требаше веднаш потоа да воскресне, зашто неверието беше големо.

           А зборовите „да се откријат мислите на многу срца“ означува дека мислите на сите нас треба да станат јавни за луѓето: кој ќе пројави љубов кон Него до смрт, или кој ќе има прикриена вера во Него и ќе биде исполнет со соблазна поради Крстот, или кој ќе Го предаде и ќе Го доведе до крст и смрт.

Симеон Богоприеме и пророчица Ана

           И пророчицата Ана, за која истото така сведочи евангелистот (Лука),[25] говореше откриено за Бога, односно Му оддаваше похвала на Бога, гледајќи дека дошло спасението за целиот свет и за Израилот. Таа говореше за Него, дека Тој ќе биде Избавителот, Тој ќе биде Спасителот, Тој ќе ја претвори тагата наша во радост.

           (Родителите со Младенецот) „се вратија во Галилеја, во својот град Назарет“.[26] Иако Витлеем беше нивниот град, тие го нарекуваа свој град и Назарет, зашто живееја во него.

           А бидејќи Словото Божјо се беше воплотило, иако бесплотно, евангелистот додава: „Исус растеше и напредуваше…“[27] и натаму. Ова треба да се разбере дека станува збор за телото, имено, Тој растеше и напредуваше телесно, значи дека Неговото тело растеше заедно со возраста. Тој се исполнуваше со мудрост, но благодат не примаше, бидејќи како Бог секогаш беше исполнет со благодат. Но Бог-Словото, растејќи постапно телесно, ја открива Својата мудрост и благодат.

           Господ нека нè исполни со благодат и нас грешните, и да нè направи достојни да ја примиме преку нашите добри дела. Нека пројави милост кон нас, кои Му угодуваме, та и ние да станеме заедничари со сите свети, и заедно со нив да Му оддаваме похвала, заедно со Отецот и со Светиот Дух, зашто Нему му прилега слава и чест во сите векови. Амин.


[1] Лк. 1, 78. Ер. 23,5. Зах 3,8; 6,22.

[2] Зах 6,12.

[3] Ис. 24,15. Мт. 2,2. Ефес. 4,10.

[4] 1 Мојс. 49,10. 4 Мојс. 24,17. Мих. 5,2.

[5] Ис. 11,10. Рим. 15,12.

[6] Лк. 2,26.

[7] Рим. 7,6; 10,4, Евр. 10,1.

[8] Мт.2 19-20.

[9] Лк. 2,26-27

[10] Ис. 6, 2-3. Посен триод, великиот канон, песна 8, ирмос.

[11] Свети Климент го толкува празничното евангелско четиво, Лк. 2, 22-40.

[12] Мојсеевиот закон – Петокнижието.

[13] 3. Мој. 12,29

[14] Лк. 2,29

[15] Лк. 2,32. Дела 13,47; сп. Ис. 42,6. 2 Јн. 8,12; 12, 46.

[16] Лк. 2, 32.

[17] Јн. 17, 10, 22. Рим. 8,17, 30; сп. Јн. 1,12.

[18] Рим. 6,2, 10, 18; 8, 10.

[19] Пс. 33,14.

[20] Лк. 2, 34

[21] 3 Мој. 21,9; сп. Јн. 3,14; 12,32.

[22] Лк. 2,35.

[23] Лк. 1, 26-38.

[24] сп. Мт. 14, 28-31; 26, 33-35.

[25] Лк. 2, 36-38.

[26] Лк. 2, 36-38.

[27] Лк. 2,52.

 

Извор: Бигорски манастир

 



Видео содржини

Поуки од Светите Отци

krusevoexport

Духовност

Февруари 23, 2020
ih3387

Свети свештеномаченик Харалампиј

Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот живот. Името е наша сопствена карактеристика, но малкумина го знаат вистинското потекло на своето име и неговото вистинско значење. Секое православно име има своја суштина…
Јануари 29, 2020
3.angeli.so.truba

Живот во служба на Бога и на луѓето

Неговите слова зрачат со силна нагласеност на светиклиментовиот образец и претставуваат целосно легитимирање на македонското црковно и духовно наследство. Дедо Стефан е ревносен борец за македонскиот јазик што неизмерно го сака и постојано го збогатува. Еве…

Почитување на Пресветата Мајка Божја

7.Vselenski.sobor
Таа е заштитничка и покров на христијанскиот род. Како Мајка на Синот Божји, таа има…

Митрополит Струмички Наум: ВОВЕДЕНСКИ РАЗМИСЛУВАЊА

Дек 05, 2019 Беседи 402
7.Vselenski.sobor
Премногу размислуваме во категоријата Бог – човек, наместо во категоријата личносни…

Свети Антониј Велики: Кој е ѓаволот и кога напаѓа...?

А кога ќе се всели Божјиот Дух, Он ги успокојува, им дава да го вкусуваат спокојот во…

Беседи

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (8)

Прот. Александар Шмеман: ПРИКАЗНАТА ЗА СТРАШНИОТ СУД- НЕДЕЛНИ БЕСЕДИ (8)

За големото мнозинство на верни луѓе Великиот Пост - тоа, пред се, е кратката молитва, позната под името молитва на Ефрем Сирин, еден од источните христијански учители од ИВ век...

Месопусна недела: Страшниот суд

Месопусна недела: Страшниот суд

Христијанската љубов е „возможна невозможност“ да се види Христос во секој човек, кој и да е, човекот што Бог, по Својата вечна и тајна промисла, решил да го воведе во...

 о. Горан Стојчевски:  МАЈЧИНСКАТА ЉУБОВ И СИНОВСКИОТ ОДНОС

о. Горан Стојчевски: МАЈЧИНСКАТА ЉУБОВ И СИНОВСКИОТ ОДНОС

Во Светото Евангелие, како и на фреските и иконите што ги доловуваат сите искупителни и спасителни моменти од сведоштвото на Богочовекот, преку кои човекот и светот се спасени, наидуваме и...

Отец Методиј Митановски: ЗА БЛУДНИОТ СИН

Отец Методиј Митановски: ЗА БЛУДНИОТ СИН

Кога го слушаме Евангелието за блудниот син најголем проблем е што го поврзуваме со други луѓе а не со самите нас.Така секогаш се сеќаваме на некој мал човек што прокоцкал...

Митрополит Европски Пимен: Беседа за Блудниот син

Митрополит Европски Пимен: Беседа за Блудниот син

Но да си споменеме и дека има браќа (како братот од денешната парабола) кои ќе стојат на вратата и ќе роптаат кон таткото зошто нè примил и кои ќе се...

Беседа за блудниот син (втор дел) (29.02.2020)

Беседа за блудниот син (втор дел) (29.02.2020)

Да дојдеш на себеси е да видиш дека без Бог си гол и бос, и дека без Бог си никој и ништо, и дека без Бог си ветер и магла,...

Беседа за блудниот син (прв дел) (16.02.2020)

Беседа за блудниот син (прв дел) (16.02.2020)

 Бог и Отец на секого од нас подеднакво, без збор и без услов, ни ја дава полнотата на Својата благодат. Од нас самите, од нашата слободна волја зависи како ќе...

Св.  Григориј Палама - Беседа за блудниот син

Св. Григориј Палама - Беседа за блудниот син

Ќе настане глад - рекол Пророкот, оплакувајќи го Ерусалим - но не глад за леб и вода, туку чулен глад за словото Божје (Ам. 8, 11). Глад, тоа е состојба...

 Неделата на блудниот син: Враќањето од прогонство (16.02.2020)

Неделата на блудниот син: Враќањето од прогонство (16.02.2020)

Во третата недела од подготовката за Великиот пост, ние ја слушаме параболата за блудниот син (Лк 15,11-32). Параболата и химните што се пеат тој ден, зборуваат за покајанието како за...

« »