Поуки на свети Антониј Велики



Бог е добар, бестрасен и неизменлив. Ако некој ја прифаќа вистината за Божјата неизменливост, а сепак се прашува како Бог, бидејќи таков, на добрите им се радува, од лошите се гнаси, на грешниците се гневи, а кога тие се кајат – Он станува милостив, треба да им се каже дека Бог всушност не се радува и не се гневи, зашто и радоста и гневот се страсти.

Не е убаво да мислиме дека на Бога Му е добро или лошо поради човечките дела. Бог е добар и го прави само тоа што е добро, на никого не му прави ништо лошо, останувајќи секогаш ист и неизменлив, а ние кога сме добри, тогаш општиме со Него, како слични со Него, а кога сме лоши, поради нашата разлика со Него, се одделуваме и оддалечуваме од Него.

Кога живееме добродетелно, ние Му припаѓаме на Бога, а кога сме лоши – стануваме отфрлени од Него. Но ова не значи дека Бог се гневи на нас, туку значи – нашите гревови не Му дозволуваат на Бога да нѐ осветлува и да нѐ грее и дека тие нѐ соединуваат со нашите мачители – демоните.

Но, ако почнеме да се молиме и ако со милосрдни дела добиеме разрешување на нашите гревови, тоа не значи дека сме го ублажиле Божјиот гнев и дека сме Го измениле Бога, туку дека преку добрите дела и преку нашето обраќање кон Бога, откако било отстрането од нас злото – ние сме пак способни да се удостојуваме со Божјата добрина.

Па затоа, ако речеме дека Бог се гнаси од лошите, тоа би значело исто како кога би реклеː сонцето се скрива од слепите.

Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том I.

 

Подготви: Светланка Трајчева

 

 

Те почитуваме како наставник на мноштво монаси, отче наш Антоние, зашто од тебе научивме навистина по правиот пат да одиме. Блажен си ти, што Му служеше на Христа и ја изобличи вражјата сила, соговорнику на ангелите и другару на Павле Тивејски. Со нив моли се на Господа, да ги помилува душите наши.

 

30ти јануари 2019 лето Господово

 

 

 Друго.

Тропар на светиот
Антониј Велики
17 јануари / 30 јануари

 глас 4
 Ревноста Илиина во својата
природа ја вгнезди,
правите патишта на Крстителот ги следеше,
оче Антоние, на пустината
бивајќи жител,
вселената ја утврди со твоите молитви.
Затоа, моли го Христа Бога
да ги спаси нашите души.



Извор МПЦ – ОА