Беседа за денот на раѓањето на Спасителот наш Исус Христос од светиот отец наш Св. Јован Златоуст

За кое до тогаш слабо се знаело, бидејќи целосното известување за празнувањето на тој ден го донесоа само неколкумина што неодамна пристигнаа од Запад

Бидејќи сѐ јасно ви изложив, a што во врска со овој ден се случува, сега би сакал да зборувам за уште нешто, та да ја завршам мојата беседа.

Св. Јован Златоуст

Бидејќи многумина меѓу незнабожците, кои слушнаа дека Бог телесно се родил, се потсмеваат и го порекнуваат тоа, со што само ги вознемируваат и збунуваат простодушните луѓе, потребно е да го подигнеме својот глас против нив, и да не дозволиме со заблудите на тие безумни луѓе да се вознемируваат верните. Зашто многу често и малите деца се смеат кога ние, возрасните, разговараме за нешто важно или кога правиме нешто за нас корисно; но, ете, таа смеа не ја докажува подлоста на исмејуваните нешта, туку безумството на оние кои се смеат. Тоа исто така може да се каже за незнабожците, зашто тие всушност, уште побезумно постапуваат од децата и се спротивставуваат на оние дела кои се достојни за стравопочит и големо воодушевување, додека, пак, делата кои што се навистина достојни за потсмев ги почитуваат и одобруваат. Но и покрај сѐ нашата наука, иако е од нив исмејувана, таа останува достојна за почит и тоа исмевање не ѝ се нанесува никаква штета, а нивната, пак, наука колку и да е оправдувана, не може да го сокрие своето безумство.

Зар не е крајно безумство и тоа што тие, тргнати кон својот пад, своите богови ги претворија во камења, дрва и слично, како и тоа што како во некој затвор ги заклучија тие предмети, па не се срамат од тоа, туку и понатаму ги бранат своите постапки, обвинувајќи нѐ нас кои велиме дека Бог, Кој со помош на Светиот Дух за Себе жив храм си изгради, со тоа на целата вселена добро ѝ направи.

А дали може да се оспори оваа наша вера? Зашто ако не прилега Бог да се всели во човечко тело, тогаш уште помалку прилега да влезе во некој камен или дрво, дотолку повеќе што дрвото е далеку помалку вредно од човекот, освен ако тие не веруваат дека нашата човечка природа е полоша од тие нешта, кои немаат ниту чувства.

Тие се осмелуваат суштината Божја да ја стават во животни и кучиња, а многу еретици во нешто што и од нив е побесчесно. Ние, пак, ништо слично не проповедаме, ниту пак такво нешто сакаме да слушаме, туку учиме дека Христос од девствената утроба прими тело чисто, свето и непорочно и ниту на еден грев подложно, и дека со тоа го спаси целото создание. И не се ужасуваат ниту се срамат незнабожците, а со нив ни оние кои во злочестивоста манихејска се наоѓаат, тогаш кога ја ставаат суштината Божја во кучиња, и мајмуни, и во други ѕверови, зашто мудруваат дека душите на животните произлегуваат од Божествената суштина, а тврдат дека ние проповедаме нешто што е неприлично за Бога, иако ние ниту помислуваме на тоа, туку тврдиме дека Божеството, го спаси своето создание токму со доаѓањето на Синот Божји во тело.

Што правиш ти човеку, како се осмелуваш да кажеш дека душите на човекоубијците и маѓесниците се од Божјата суштина, а од друга страна се осудуваш да нѐ обвиниш нас кои не прифаќаме ништо слично на тоа, ниту, пак, сакаме да слушаме кога некој зборува такво нешто, туку тоа остро го осудуваме и тврдиме дека Бог, Кој за Себе си изгради свет храм, и нам ни го пренесе небесниот живот низ него (низ телото, разбрано како храм).

Тогаш како да не бидете осудени на смрт заради тоа што нѐ прекорувате и со вашето бесчестие не престанувате на обесчестувате? Зашто ако, според вашето мислење, не Му прилега на Бога да живее во чисто и непорочно тело, тогаш многу помалку прилега Он да се всели во тело на маѓесник, во тело на оној кој ги раскопува гробовите, во тело на разбојник или мајмун, туку во ова свето и пречисто тело кое сега седи од десната страна на Отецот. Но, каква навреда може да Му се нанесе на Бога со ваквото мислење и осквернување? И ова сонце, кое има сетилно, трулежно и на промени подложно тело (па илјада пати во својот гнев нека се задушат незнабожците и манихејците), и не само сонцето, туку и земјата, и морето, и сите видливи нешта на пропаѓање се подложни, како што за тоа вели апостол Павле: Зашто и тие не ѝ се покорија на суетата доброволно, туку по волјата на Оној, Кој ги покори, а со надеж (Рим. 8,20). А за да разјасни што е тоа не ѝ се покорија на суетата доброволно, го додава и ова: Дека и тие сами ќе се ослободат од ропството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божји (Рим. 8,21). Со ова не е кажано ништо друго, освен дека секое создание е минливо и пропадливо, а да се служи на пропадливоста тоа значи да се биде пропадлив. Ако речам дека ова сонце, како пропадливо тело, ги испраќа своите зраци насекаде, кои кога ќе се допрат до ѓубре и кал не се валкаат туку чисти се враќаат назад во сонцето – бидејќи со својата светлост сонцето ги озарува сите тела кои ги примиле неговите зраци, и тоа така што ништо од тоа ѓубре и бесчесност не лепи за себе – колку повеќе Сонцето на правдата, Господарот на бесплотните сили, е неосквернет со тоа што ја прими нашата плот, а самата неа ја направи најчиста и најсвета?!

Размислувајќи за сето ова и сеќавајќи се на оние зборови: Ќе одам меѓу вас и ќе бидам ваш Бог (3.Мој. 26,12), како и она што го напиша апостол Павле: Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? (1.Кор. 3, 16), треба да разговараме со злочестивите и нивната бесрамна уста да ја затвораме; та веселејќи се со толкаво богатство, да Го прославиме овоплотениот Бог за таа голема Негова снисходливост, принесувајќи Му, според своите можности, достојна чест и благодарност. И бидејќи Он од нас не очекува никаква друга благодарност, освен спасението на нашите души, што значи да живееме добродетелен живот, тогаш тоа значи да постапуваме така за да не бидеме неблагодарни кон Добротворот наш, и според своите сили да Му принесуваме вера, љубов, надеж, целомудреност, милостина и гостопримство. А сега ќе ви го повторам она за кое малку претходно ве молев. А што е тоа?

Кога кон божествената и страшна трпеза и таинствената Жртва пристапувате, тогаш тоа правете го со страв и трепет, со чиста совест, пост и молитва, без роптање и без еден друг да туркате, или, пак, со нетрпение да тропкате со нозете, зашто тоа е знак на крајно безумство и презир, зашто оние кои така постапуваат ги очекува голема казна и маки.

Помисли, о човеку, кон каква Жртва се приближуваш и на каква трпеза пристапуваш, а опомени се себеси и за тоа дека ти, кој си како земја и пепел, со Крвта и Телото на Христа се причестуваш. Кога еден земен цар би те повикал на гозба, тогаш ти би седел на масата и поставеното јадење би го јадел со почит и во тишина, а викаш и ропташ тогаш кога Бог те повикува на Својата трпеза и Својот Син ти Го дава, пред што и ангелите со страв и трепет стојат, пред Кого и херувимите со своите крила ги покриваат своите очи, а серафимите величествените зборови ги извикуваат: свет, свет, свет е Господ Саваот? Зар не знаеш дека во тој миг, освен духовна чистота се бара и душевна тишина? Таму се потребни најголем мир и тишина, а не роптање, гнев и турканици, зашто сето тоа ја валка душата која пристапува кон Светињата. И како може да ни се прости, кога освен многуте гревови, дури и за време на Светото Причестување не сакаме да се ослободиме од тие животински навики? Нема ништо покорисно од овие Тајни за нас. Па што е тогаш тоа што нѐ поробува заради кое едвај чекаме да го оставиме духовното и кон телесното да побрзаме? Ве молам немојте врз себе да си го навлекуваме гневот Божји, зашто ова што е поставено на Трпезата е лек кој ги исцелува сите наши изопачености, непотрошливо богатство и патеводител кон Царството Небесно. Затоа со страв, благодарност, скрушеност и со признавање на своите гревови, со солзи и плач над своите пороци, да Му пристапиме на Бога и усрдна молитва да Му принесеме. И бидејќи со тоа би се очистиле – ние на Небесното Царство ќе му се приближиме – затоа да пристапуваме тивко и со пристојност. Треба да ја љубиме непорочната и Света Жртва, со очите и со срцето да ја прегрнуваме, та нашето собирање да не биде за суд и осуда, туку за душевна мудрост, за љубов, добродетели, да ни биде за помирување со Бога, за градење врз темелот кон стекнување на неразрушлив мир и за други безброј добра. Така ќе ја стекнеме и светоста, а тоа и на ближните ќе им послужи за спасение.

Често беседам за ова, но нема да престанам да го правам тоа и во иднина. Зашто каква е користа за вас ако залудно се собираме и на ништо корисно не се привикнуваме? И каква полза ќе имате ако со нашето беседење секогаш ви угодуваме?

Кратко ни е времето, возљубени! Да се отрезниме и да бидеме бодри! Да се разбудиме и да покажеме внимателна ревност кон сѐ ова и во сѐ да бидеме благочестиви. И тогаш кога треба да го слушаме Божјото слово, и кога кон Тајните пристапуваме и кога нешто друго правиме, секогаш тоа да го правиме со страв и трепет, за да не си навлечеме проклетство според она што е напишано: Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа, и нека е проклет кој го задржува мечот Негов од крв! (Јерем. 48,10), зашто роптањето и гневот ѝ сметаат на оваа Жртва, а нејзиното занемарување одвратно Му е на Бога, според зборовите на апостолот: Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие (1.Кор. 3,17).

Затоа немојте, наместо опростување, Бога да Го разгневите, туку грижливо и со спокојна душа, со молитва и со скрушено срце да пристапиме, за да Го смилостивиме Владиката наш Исуса Христа, и Отецот да ни ги даде ветените блага, заради благодатта и човекољубието на Самиот Господ наш Исус Христос, Кому заедно со Отецот и Светиот Дух нека Му е слава, сила, чест, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

 

 Извор; Бигорски манастир