Беседа за денот на раѓањето на Спасителот наш Исус Христос

 

За кое до тогаш слабо се знаело, бидејќи целосното известување за празнувањето на тој ден го донесоа само неколкумина што неодамна пристигнаа од Запад

 
Но за да можам уште појасен и поточен доказ да ви дадам, ве молам сега да се охрабрите, друга историја треба да ви изнесам, и старите Закони да ви ги прочитам, за во потполност мојата беседа да ви ја појаснам.

Кај Евреите постоеше стариот Закон… но да ја почнам мојата беседа од настаните што уште порано се беа случиле… кога Бог го избави еврејскиот народ од немирот и маките, и виде дека тие сѐ  уште во себе имаат траги од злоба и го бараат она што е сетилно – бидејќи на големите и красни храмови се восхитуваат – им заповеда храм да подигнат кој не само според богатството на материјалот и искуството на градежната вештина, туку и според својот изглед сите останати храмови на земјата ќе ги надминува. И како што чедољубивиот татко откако ќе го прими својот син кој долго време со развратни, непримерни и разуздани луѓе се дружел, погледнувајќи на покајанието негово, претпазливо и со почит во уште поголемо изобилие го воведува за да не се случи поради оскудност, поранешните задоволства да ги спомне или посака; така постапи и Бог кога забележа дека Јудеите сетилни нешта сакаат, па во тоа така чудесно ги издигна за никогаш мисирските богатства да не ги посакаат, оти им беше заповедал да изградат храм подобен на овој свет, т.е. сетилен и мислен. Како што небото и земјата, секое од нив си има своја положба, додека во средината меѓу нив, наместо преграда, овој свет се наоѓа, така и Бог заповеда оној храм да се подигне. И кога на два дела го подели и на средината завеса постави, дозволи од оваа страна за завесата сите да влегуваат, а од онаа другата влезот и погледот на сите им беше забранет, освен еднаш во годината на првосвештеникот. А дека ова не е моја измислица и дека храмот за кој зборуваме навистина е устроен подобно на овој свет, слушни што вели Павле за Христовото вознесение на небото: Зашто Христос влезе не во ракотворно светилиште кое е само образ на вистинското (Евр. 9,24) со ова сака да каже дека она ракотвореното, т.е. овдешното, е само претстава на она што е вистинска светиња. А и  завесата ја одвојувала светињата над светињите од надворешните светињи, исто онака како што ова небо го дели она што е над него од она што е под него и она што е кај нас. Слушнете како Павле тоа го објасни и како небото го нарече завеса, поучувајќи: Та преку две неизменливи работи во кои не е можно Бог да излаже, да имаме голема утеха и ние, кои што прибегнуваме да се прифатиме за надежта што ни е дадена, а која е за нашата душа цврст и сигурен ленгер и кој влегува дури зад завесата. (Евр. 6,18-19), т.е. над небото.

Гледате ли како небото завеса го нарече?

Макета на Скинијата

Надвор од завесата се наоѓаше свеќник и трпеза и бакарен жртвеник на кој се полагаа жртви сепаленици, а внатре беше со злато окованиот ковчег, во кој се чуваа плочите на Заветот, златниот сад и расцветаниот жезол Аронов, како и златниот жртвеник, но не за жртви и палење, туку за кадење еднаш во годината. Во надворешниот дел им беше слободно на сите да влегуваат, во внатрешниот, пак, само еднаш во годината на првосвештеникот. А и тоа со Павловите зборови ќе ви го докажам, оти тој за ова вака вели: Имаше и првата светиња наредби за богослужение и земно светилиште (под ова земно светилиште тој ја подразбира надворешната скинија – шатор. Бидејќи им беше дозволено на сите луѓе да влегуваат таму).  Оти скинијата беше направена вака: во првиот дел светилникот, трпезата и лебовото предложение; тој дел наречен „Свјатаја“. А зад втората завеса од скинијата беше делот наречен „Свјатаја Свјатих“; во неа се наоѓаше златната кадилница и од сите страни опкован со злато Ковчегот на заветот, во кој сотеја златниот сад со мана и расцутениот жезал на Арона, како и плочите на заветот, а над него – херувими на славата, што го осенуваа очистилиштето; за ова сега нема потреба да се зборува поопширно. При ваков распоред, во првиот дел од скинијата секогаш влегуваа свештениците и извршуваа служба Божја; а во вториот дел влегуваше по еднаш во годината првосвештеникот и тоа не без крв, што ја принесуваше како жртва за себеси за гревовите на народот, направени поради незнаење. (Евр. 9,1-7).

Гледате ли дека само еден, односно само првосвештеникот влегува и тоа еднаш во текот на цела година?

Но ќе рече некој: Па каква врска има денешниот ден со тоа што го зборуваш?

Почекајте малку, немојте да се збуните. Од самото дно копаме бунар и се трудиме да дојдеме на површината, како би можело сѐ да ви стане појасно. Или подобро кажано: за и понатаму да не ви се чини толку нејасна и неразбирлива оваа моја беседа, и за да не ви стане уште потешка со понатамошното раскажување, ќе ви објаснам зошто ви го кажав сето ова.

Па зошто, одговори ни?

Марија само што беше зачнала, кога Елисавета веќе беше шести месец бремена со Јован. Ако пронајдеме значи кој бил тој шести месец, ќе го најдеме и тоа во кој месец Марија зачнала. А кога ќе се увериме за времето на зачнувањето, ќе го дознаеме и времето на раѓањето Христово, броејќи девет месеци од самото зачнување.

А како можеме да дознаеме кој бил тој шести месец од моментот кога Елисавета забременила?

Така, одговарам јас, ако пронајдеме во кој месец таа зачнала.

А од каде ќе дознаеме?

Ако пронајдеме во кое време тоа зачнување му било навестено на нејзиниот маж Захариј.

Но токму тоа, од каде ќе дознаеме?

Од Светото Писмо или поточно според она што светото Евангелие го вели – дека во оној миг кога Захариј влегол во Светињата над светињите, ангелот му благовестил и зборувал за раѓањето Јованово. Ако, значи, со Светото писмо јасно е докажано дека првосвештеникот еднаш годишно влегувал во Светињата на светињите и ако видиме кога и во кој месец влегувал, тогаш и времето во кое тоа се случило ќе ни биде познато.

Пророкот Захариј пред Светињата над светињите

Знаеме дека, само еднаш во текот на годината првосвештеникот влегувал во Светињата на светињите; тоа го вели апостол Павле, но го потврдува и Мојсеј: И Му рече Господ на Мојсеј: Кажи му на братот твој Арона да не влегува во светилиштето зад завесата во секое врeме пред очистилиштето, што е врз ковчегот на сведоштвото, за да не умре, бидејќи Јас ќе се јавувам над очистилиштето во вид на облак. И понатаму: Кога влегува во светилиштето треба да се помоли, и си додека тој не излезе, никој да нема во скинијата, а и да се помоли за себе, за домот свој и за целото општество на Израилот. Потоа ќе пристапи пред жртвеникот, што е пред Господа, и ќе се помоли над него и ќе земе од крвта на телето и од крвта на козелот, и ќе го помаже роговите на жртвеникот наоколу (3.Мој. 16,2, 17-18)

Значи, веќе знаеме дека тој не влегуваше во Светињата над светињите секогаш, како и тоа дека кога влегуваше таму, никој не смееше да оди заедно со него туку само да стои пред завесата. Но, запомнете добро! Сега не ни останува ништо друго освен тоа да докажеме во кое време првосвештеникот влегуваше внатре, како и дека му беше дозволено да го направи тоа само еднаш годишно, и тоа единствено тој.

А како ќе го дознаеме тоа?

Повторно со помош на Светото Писмо, зашто таму стои напишано: И тоа да ви биде вечен закон: во седмиот месец, на десеттиот ден од месецот, смирувајте ги душите ваши, и никаква работа да не вршите, ни вие, нити придојдените, населени меѓу вас, зашто во тој ден ќе се помоли за вас за да ве очисти од сите ваши гревови пред Господа, и ќе бидете чисти; тоа да биде сабота над саботите; смирувајте ги душите ваши – тоа ќе биде вечен закон. Ако се помоли оној свештеник што ќе биде помазан и посветен да свештенодејствува место татка си: нека облекува ленена облека, облека света; и да ги очисти свјатаја свјатих и скинијата на сведоштвото, и жртвеникот да го очисти, и да се помоли за свештениците и сиот собран народ. Ова да биде за вас вечен закон: и да се помоли за синовите Израилеви еднаш годишно поради сите нивни гревови, како што му заповеда Господ на Мојсеј (3. Мој. 16, 29-34)

Сето ова што го наведов се однесува на еврејскиот празник кој се нарекува „Сеници“, зашто токму на тој празник првосвештеникот влегувал во Светињата над светињите еднаш во годината, што е потврдено од Мојсеј кој вели: да се очистите еднаш годишно.

Ако, значи, единствено на празникот Сеници првосвештеникот влегуваше во Светињата над светињите, тогаш може да се каже дека во тој миг, ангелот му се јавил на Захариј, кога тој беше на местото кое се нарекува Светиња над светињите, зашто освен тогаш, на тоа место никогаш друг пат не влегуваше никој, па дури ни првосвештеникот. Треба да ги послушаме и зборовите од Светото Писмо: Во деновите на Ирод, царот Јудејски живееше еден свештеник по име Захарија, од редот Авијанов; а жена му беше од редот на ќерките Аронови се викаше Елисавета… Еднаш, кога тој служеше пред Бога по својот ред, според обичајот на свештениците, нему му се падна жреб да влезе во храмот Господов и да покади. А целиот народ се молеше од надвор, за време на кадењето. (Овде спомни си за оние зборови: кога влегува во светилиштето треба да се помоли, и сѐ додека тој не излезе никој да нема во скинијата, а и да се помоли за себе, за домот свој и за целото општество на израилот (3.Мој. 16,17) ) Тогаш му се јави ангел Господов, стоејќи од десната страна на кадилниот жртвеник (Лука, 1,5,8-11).

„Не бој се Захариј, зашто е услишена твојата молитва и твојата жена ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован“

Ете! Не вели жртвениот олтар туку кадилниот, зашто надворешниот олтар беше за жртвување и за жртвите сепаленици поставен, а внатрешниот за кадење. Ете, поради тоа што нему му се јави ангелот и поради тоа што се тврди дека народот го чекаше надвор, дознаваме дека тој влезе во Светињата над светињите: Захарија се уплаши кога го виде, и страв го опфати. Но ангелот му рече: „Не бој се, Захарија, зашто се услиша твојата молба и жена ти Елисавета ќе роди син, и ќе му ставиш име Јован. И ќе бидеш радосен и весел, и мнозина ќе се зарадуваат поради неговото раѓање. Зашто тој ќе биде голем пред Господа и нема да пие вино ни сикер, а ќе се исполни со Дух Свети уште во утробата на мајка си; и многу Израилеви синови ќе ги врати кон нивниот Господ Бог; и тој ќе врви пред Него во духот и силата на Илија, за да ги обрати срцата на татковците кон децата, и непокорните – кон разумот на праведните, па да Му приготви на Господа народ совршен.” И му рече Захарија на ангелот: „По што ќе го разберам тоа? Јас сум стар, а жена ми е веќе доста возрасна.” Ангелот му одговори и рече: „Јас сум Гавриил кој стои пред Бога; пратен сум да зборувам со тебе и да те известам за оваа радост;  и ете, ти ќе онемиш и не ќе можеш да говориш до оној ден, кога ќе се исполни тоа, оти не поверува на моите зборови, што ќе се исполнат во свое време.” Народот го чекаше Захарија и се чудеше што се забави во храмот. А кога излезе, не можеше да зборува со нив; и разбраа дека имал видение во храмот; тој им објаснуваше со знаци, но остануваше нем. (Лука, 1,12-22)

Гледаш ли дека му е благовестено во мигот кога тој беше зад завесата, што значи дека тоа се случило за време на празникот Сеници и постот, зашто зборовите: Измачете ги душите ваши го означуваат времето на постот. Празникот Сеници, пак, како што и самите вие сведочите и како што и ние своевремено искажувавме долги беседи против Јудеите, изобличувајќи го нивниот безвремен пост, кај Јудејците се паѓа при крајот на месец септември. Дури тогаш зачна Елисавета, жената на Захариј, зачна неговата жена Елисавета и таеше пет месеци, велејќи: Така ми направи Господ во деновите, во кои ме погледа, за да го отстрани укорот меѓу луѓето (Лука, 1,24-25).

Светото Благовештение – почеток на нашето спасение

Значи, многу лесно можеме да докажеме дека на Марија ѝ беше благовестено дека ќе Го зачне Христос, тогаш кога Елисавета веќе шест месеци во утробата го носеше нејзиниот син Јован, оти токму тогаш, т. е. во шестиот месец од нејзиното зачнување, Бог го испрати Архангелот Гавриил кај неа, кој ѝ рече: А Марија му рече на ангелот: „Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?” Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји. Ете и Елисавета, твојата роднина, за која велат дека е неплодна, и таа зачна син во староста своја; нејзе ѝ е веќе шести месец; зашто нема да остане во Бога ниеден збор без сила.” (Лука 1,34-37).

Ако значи, при крајот на месец септември Елисавета зачнала, како што веќе ви објаснив, тогаш не останува ништо друго освен да ги изброиме следните шест месеци: октомври, ноември, декември, јануари, февруари и март и ќе утврдиме дека при крајот на овој месец Марија зачна. И доколку почнувајќи од тој месец ги изброиме следните девет месеци, ќе дојдеме до она што го бараме. Зашто по зачнувањето Господово првиот месец кој следува е април, а потоа: мај, јуни, јули, август, септември, октомври, ноември и декември, кој сега истекува и во кој ние го празнуваме Раѓањето Христово.

Љубовта кон вас ме води да ви го направам појасно сето ова што до сега ви го раскажав, па заради тоа ќе се обидам уште пократко да ви го претставам.

Рековме дека единствено првосвештеникот и тоа само еднаш годишно влегуваше во Светињата над светињите. А кога се случуваше тоа? Во септември. Во тој месец Захариј влезе во Светињата над светињите; тогаш ја слушна благата вест за зачнувањето Јованово. И кога си замина од таму неговата жена Елисавета зачна.

Одбројувајќи шест месеци од септември, т. е. од мигот кога Елисавета го зачна Јован, излегува дека Марија зачна во месецот март. А кога повторно, почнувајќи од април ќе изброиме девет месеци, ќе дојдеме до оној месец во кој се родил нашиот Господ Исус Христос.

Продолжува

Извор: Бигорски манастир