– Oтче, слушнав како двајца учени луѓе се препираат за воскресението на мртвите. Едниот тврдеше дека ќе има, дека Бог ќе ги воскресне сите мртви од сите векови и секој ќе прими според своите дела. Убаво зборуваше, но другиот го тврдеше сосем спротивното, а и тоа звучеше многу убедливо. Доста работи кажа и дури наведе извадок од Светото Писмо, од пророкот кој вели: Мртвите нема да оживеат, нивните сенки нема да станат, зашто Ти ги посети и истреби, го уништи споменот за нив. Оттогаш, некако ме смутуваат помисли на маловерие, се разниша мојата вера во воскресението на мртвите…

– Добро, зар ти веруваш во сè што ќе слушнеш? – зачудено го праша преподобниот. – Да го отвореше Светото Писмо, ќе видеше дека малку подолу пророкот вели: Твоите мртовци ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат! Разбудете се и ликувајте, вие кои сте соборени во прав. Веруваш ли во тоа?

– Верувам, старче, во сè што ќе ми кажеш, бидејќи знам дека си со Бога и ги познаваш длабочините на човечките срца.

– Значи, таков си, а? Еден збор ќе те собори, другиот повторно те подига? Тоа не е добро! – го укори преподобниот.

– Не го познавам добро Писмото, отче, затоа така… А, зошто пророкот еднаш вели нема да воскреснат, а другпат, ќе воскреснат?“

– Нема никаков сомнеж, дете мое, дека ќе воскреснат. Да, ќе воскреснат мртвите и ќе станат од гробовите, а ќе се зарадуваат и оние на земјата, бидејќи после воскресението праведните ќе се радуваат вечно. Кога пророкот вели дека мртвите нема да воскреснат, мисли на мртвите души, на оние што се поклонуваат на идолите, што им служат на своите страсти, оние што потонале во грев. Затоа вели дека нема да видат живот – зашто Христос е животот“.

– Но, како, отче, ова тело кое ќе се претвори во прав, повторно ќе стане цело?

-Гледам дека многу ги сакаш разговорите – рече преподобниот насмевнувајќи се. – Замисли си една лоза, богата со нежни ластари, зелени листови и сочно грозје. Колку е само убава! Но, кога ќе ја соберат, остануваат само лисјата. Малку по малку, таа и лисјата ќе ги отфрли и, што ќе видиш? Голотија, од која сè паднало на земјата и изгнило. Таа цела зима стои сува и изгледа како да е мртва… Но, кога ќе дојде времето, што се случува? Ја режат, и сосема сувата лозница пушта нови фиданки и лисја и одеднаш, повторно, чудесно се украсува со својата зелена, нежна облека, и повторно дава гроздови. Повторно ја облекува својата живост, свежина и истата убавина. Значи, од неа падна лисјето и таа изгни, но, еве, повторно израсна и даде плод! Кажи ми сега, кој го прави тоа и со која сила? Како од сувата прачка излегува сочен плод? Како од суво стебло и суви листови толку вкусен, сочен грозд? Оној, Кој го облекува лозјето во таква убавина, Оној, Кој му дава на мртвото дрво нов живот, богато лисје и росни плодови – Тој е истиот Кој ќе ги воскресне и мртвите тела, недопрени и живи! Тој е Господарот на животот и на смртта! Во тоа верувај непоколебливо, синко мој! Верувај во боговдахновените учења на светите Апостоли и ќе го видиш Царството Небесно!

– Верувам, отче, во сè што ми рече, бидејќи устата твоја зборува Божја вистина. Те молам, секогаш да се сеќаваш на мене во твоите молитви, за да можам да го правам она што Господ Христос го бара од мене.

– Сите сме должни, чедо мое, да се молиме еден за друг. Христијанинот не треба само за себе да се моли. Ако правиме подвиг само за својата душа, а не правиме ништо за нашиот брат, не сме го искористиле талантот на благодатта. Оди, дете мое, во мир… Да се молиме – ти за мене, јас за тебе. Човекољубието Божјо нека ни даде и на двајцата да ни се простат гревовите. Бидејќи често, како што гледаме и од житијата на светителите, и една мала молитва е доволна за добриот и милостив Господ да го спаси Своето созданието од секакво зло.

Старецот го благослови својот посетител и со љубов го испрати.

 

 Извор; Бигорски манастир

 7-ми декември 2018 лето Господово