ПРВ НАСЛОВ
Никој никогаш не треба да очајува, дури и ако многу грешел, туку преку покајание треба да се надева на спасение

ОД СВЕТИ ПАЛАДИЈ
ПРЕПОДОБНИОТ отец наш Јован од Лика (за кого подробно се зборува во поглавјето: „Треба да се избегнува разговор со жени и она што предизвикува страст", ни го раскажа следново:
„Во еден град живеело едно младо момче што направило многу и тешки гревови. Во еден момент доживеал покајание поради своите многу гревови, отишол кај гробиштата и се затворил во еден од нив, па го оплакувал својот дотогашен живот со лицето наведнат кон земјата и непрекинато воздивнувајќи од длабочината на срцето.
Кога поминала една недела, ноќе дошле демоните, кои претходно му го уништиле животот, и извикале говорејќи: 'Каде е оној бедник што долго живееше развратен живот? Сега со задоцнување ни се покажува како воздржлив и добар. Сега, кога повеќе не може, тој сака да биде Христијанин и исправен. Што уште очекува за себе кога се насити од нашето зло.
Зарем нема брзо да излезеш оттаму? Зарем нема да тргнеш со нас кон вообичаените дела? Те чекаат блудниците и кафеаните. Зарем не сакаш да уживаш во своите страсти? За тебе е изгубена секаква надеж. И бидејќи на тој начин се убиваш себеси, уште побрзо ќе дојде твојот суд. И зошто брзаш да ја примиш својата казна? Зошто настојуваш побрзо да ти дојде осудата? Го направи секое беззаконие и во се си ни должен. Зарем се осудуваш да ни побегнеш? Не одговараш? Не се согласуваш? Не сакаш да тргнеш со нас?'
Исполнет со тага, тој не им одговарал ниту, пак, ги слушал. Бидејќи не можеле ништо да постигнат, тие го фатиле и страшно го истепале. Откако му го покриле целото тело со рани, го оставиле полумртов и заминале. Тој, пак, воздивнувајќи во неотстапно покајание, останал неподвижен.
Во меѓувреме го барало неговото семејство. Кога го нашле и кога ја дознале причината за неговата неволја, тие настојувале да го вратат во нивниот дом. Меѓутоа, тој не го прифатил понуденото.
Следната ноќ демоните повторно дошле, и уште повеќе го истепале. Повторно се вратиле неговите роднини, но не го убедиле да си замине оттаму. Тој им велел дека е подобро да умре, отколку повторно да падне во претходниот разврат. Третата ноќ демоните за малку не го убиле, нафрлувајќи се и тепајќи го без милост.
Меѓутоа, кога виделе дека е непоколеблив, тие се повлекле велејќи: 'Победи, победи, победи’ И повеќе ништо лошо не му сеслучило. Тој се подвизувал во добродетелна чистота, живеејќи во гробот до крајот на својот живот. И Бог го удостоил со дар на чудотворство."



ОД ЖИВОТОТ НА СВЕТА СИНКЛИТИКИЈА
БЛАЖЕНА Синклитикија велела: „Невнимателните и мрзливите души, кои лесно ја губат силата при напредувањето во доброто и кои лесно ги обзема очајание, треба да ги пофалуваме кога ќе направат нешто добро (дури и најмало), воодушевувајќи му се и величајќи го, а нивните тешки и големи гревови треба да ги нарекуваме мали и недостојни за споменување. Зашто, сакајќи да расипе се и да не уништи, ѓаволот се обидува на внимателните и искусни подвижници да им ги скрие нивните гревови и да направи да ги заборават, за да ги наведе на гордост. На душите, пак, на почетниците и неутврдените, тој гревовите им ги претставува како страшни за да ги турне во очајание.
Душите што се оттргнуваат на тој начин треба да ги охрабруваме по пат на потсетување на неискажливото сочувство и благост Божја, дека (во зависност од околностите) нашиот Господ е многумилостив и сожалив, долготрпелив и подготвен да ги опростува човечките зла.
Ние треба да им ги спомнуваме сведоштвата од Светото писмо што го објавуваат несфатливото Божјо сочувство кон оние што згрешиле и се покајале. Да им кажеме дека Раав била блудница, но дека се спасила со својата вера. Павле ги гонел христијаните, но станал избран сад. И разбојникот крадел и убивал, но со еден збор прв ги отворил вратите на рајот. Ние треба да им кажуваме, исто така, за Матеј и за цариникот, за блудниот син и слично, со што ќе ги избавиме од очајанието.
Душите, пак, што се заплеткуваат во замката на гордоста треба да ги лечиме со примери на уште поголеми добродетели, како што прават добрите земјоделци. Кога ќе видат некоја слаба и неразвиена билка, обилно ја поливаат и посебно се грижат за неа за да порасне и да се зацврсти. Меѓутоа, кога ќе видат некоја билка дека прерано израснала, тие ги сечат непотребните гранки за да не овене пребрзо. На крај, и лекарите на некои болни им препорачуваат обилно јадење и шетање, а на други им препорачуваат строга и долготрајна диета без излегување од куќа."

ОД СВЕТИ ПАЛАДИЈ
МОЈСЕЈ Етиопјанинот беше познат меѓу отците во Скитот. Јас слушнав дека пред да стане монах бил роб на некој благородник. Господарот, меѓутоа, го избркал поради неговото лошо, крволочно и диво однесување. Тој заминал и станал разбојник, и поради својата исклучителна сила (набрзо) станал водач на останатите разбојници.
Кажуваат дека, додека бил разбојник, го направил следново беззаконие. Еднаш се налутил на еден овчар поради тоа што една ноќ, кога тргнал да краде, овчарот со своите кучиња му попречиле (во намерата). Сакајќи да го убие, тој внимателно истражувал за да открие каде се наоѓа овчарот со своите овци.
И дознал дека се наоѓа на спротивниот брег на реката Нил. Реката била излеана од коритото и се простирала на површина од една милја. И Мојсеј ја соблекол својата облека, ја ставил на главата, ножот го ставил меѓу забите, се фрлил во реката и ја препливал. Меѓутоа, овчарот оддалеку забележал дека плива и побрзал да се скрие.
Бидејќи не го нашол овчарот, Мојсеј својот бес го истурил на стадото. Ги заклал четирите најкрупни овна, ги врзал и повторно го препливал Нил. Застанувајќи во една полјана, тој ги одрал овните, ги испекол и ги изел најдобрите парчиња месо. Потоа, за нивните кожи добил саитско вино и испил околу десет литри. И потоа одел уште педесетина милји, каде што била неговата разбојничка дружина.
По многу време, тој човек доживеал покајание и, отфрлајќи го својот претходен живот, станал монах. Тој се вселил во една ќелија во Скитот и покажал исклучителен труд во подвизувањето.
Кажуваат дека во почетокот на неговиот монашки живот, само што се населил во ќелијата, го нападнале четворица разбојници, не знаејќи дека тоа е Мојсеј. Тој ги фатил, ги врзал, ги префрлил преку рамената како вреќа слама и ги однесол кај браќата во црквата, велејќи: „Мене не ми е дозволено да повредам никого, а овие ме нападнаа. Што предложувате за нив." Браќата ги одврзале и ги пуштиле да си одат.
Меѓутоа, кога го препознале Мојсеја и кога го виделе неговото покајание, тие повеќе не сакале да се вратат на својот претходен живот, туку се одрекле од светот, како него, и станале искусни монаси.
Мојсеј се истакнал со големиот подвиг, за што пишува и на други места, и се борел против демоните живеејќи сурово, поради што, се вбројал во редот на големите и врховни отци. Станал и свештеник. Тој заблескал со големи духовни дарови и го завршил својот живот, оставајќи седумдесет ученици.

 ДОБРОСЛОВ прв том

 

Извор:

ДОБРОСЛОВ

прв том

Охрид 2011, Издавачка установа „Канео“

Главен и одговорен уредник Митрополит Тимотеј

(Книгата е во продажба: во Охрид, во Дебарско - кичевска епархија; во Скопје, во Архиепископија)

НЕКОЛКУ ЗБОРОВИ ЗА „ДОБРОСЛОВ"

ДОБРОСЛОВ (Евергетинос) е зборник на светоотечки поучни текстови, составен во XI век од монахот Павле, ктитор на манастирот „Пресвета Богородица Евергетида (Добротворка)", кој се наоѓал надвор од ѕидините на Цариград (околу 3 километри западно од Силивриската порта, што се наоѓа близу до Белградската врата, западно од манастирот „Богородица Живоносен Извор", денес познат како „Балаклија").
Павле, наречен и „Евергетинос" или „Евергетинец", потекнувал од угледно и богато цариградско семејство; имал солидно образование и бил добро ситуиран материјално. Во своите зрели години, како што кажува неговиот биограф и наследник Тимотеј (во ктиторскиот Типик), „поттикнат од љубовта кон добродетелите, кои многу ги сакал, и сметајќи ја исихијата (тихувањето) за подрагоцена од се, ранет од топлата божествена љубов и придвижуван од Божествениот Дух, го напуштил Царскиот велеград (Цариград) и својата татковина, и родителите, и останатите роднини, пријатели и познати, и богатството, и се земно, што може да ја зароби душата козмољубива (светољубива)", и заминал во самотија на имот од своите родители (во полето надвор од градските ѕидини, каде што имале земјоделска куќа) и таму го започнал своето монахување. Тоа било на 2 јуни 1049 година. Таму основал мал манастир, посветен на Пресвета Богородица Евергетида - Добротворка. Во почетокот имал само мала црква и неколку келии. Кај Павле, во новооснованиот манастир, набрзо дошле неколку монахољубиви души, меѓу кои бил и Тимотеј, првиот негов ученик и наследник, кој подоцна станал „втор ктитор", зашто го проширил и зголемил стариот, и изградил голем манастир, со нова голема црква и со сите други потребни градби, снабдувајќи го и со напишан ктиторски Типик, кој ги содржи основните податоци за првиот ктитор Павле Евергетидски. Во овој манастир, „Пресвета Богородица Евергетида", во крајот на XII и почетокот на XIII век, често навраќал и престојувал свети Сава Српски, прво како Хилендарски монах, а потоа како архиепископ Српски, духовно хранејќи се во него, но и ги нахранувал со својата духовност и неговите жители. Тамошните монаси ги поттикнувал во ревноста да останат верни на Православието, за време на тогашните латински крстоносни окупации на Цариград. Според овој манастир свети Сава го нарекол и татковиот манастир во Студеница, посветен на Богородица Добротворка - Евергетида, бидејќи двата манастири се посветени на Успението на Пресвета Богородица (како што пишува во Студеничкиот Типик).
Монахот и подвижникот-исихаст Павле поживеал во својот Евергетидски манастир пет години и, предавајќи му го, уште за време на својот живот, игуменството на својот ученик Тимотеј, се упокоил во Господа на 11 април 1054 година (воманастирскиот Типик, споменот му се слави на 16 април, заедно со Тимотеј: „Заедничко спомнување /празнување/ - τα ανημόσυνα - на преподобните отци наши и ктитори: монах кир Павле и монах кирТимотеј").

Подготви: А.Т.

 Друго: