Од иноците Калист и Игнатиј Ксантопул

Поука за оние  што безмолствуваат
(во сто глави)


16. Оној што посакал искрено и според волјата на Бога, да безмолствува, треба, покрај тоа што ќе верува православно, да биде исполнет со добри дела




ѕ) Така храбро да ги претрпуваш искушенијата.


Последната глава од ова слово, со која се завршува последниот број од десетте замислени точки, говори за тоа, дека разни и многувидни се сите искушенија кои треба да ги пречекуваш и да ги истрпуваш храбро. Па затоа послушај што е напишано во Светото писмо. Еве што говори за ова христоносниот Павлеː „Нашата борба не е против крвта и плотта, туку против началствата, против властите, против светските управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата“ (Ефес. 6, 12); и уштеː „Ако, пак, останете без казна, во која сите станаа соучесници, тогаш сте деца незаконски, а не синови“ (Евр. 12, 8). Исто такаː „Господ го казнува оној кого што го сака; го бичува секој син, кого што го прима“ (Евр. 12, 6). И Јаков, братот на Господа, во првата глава од своето послание, вака ја истакнува следнава мислаː - Неискусен е човекот што не е искушуван (сп. Јак. 1, 12). – Свети Илија Екдик говориː „Секој христијанин, кој верува правилно во Бога, не треба да се предава на безгрижност, туку секогаш треба да ги очекува искушенијата и да биде готов да се бори против нив, така што кога ќе дојдат искушенијата, да не ги смета необични, да не се обеспокојува, туку со благодарност да ја претрпува тешкотијата на страдањата, имајќи го на ум она што го вели пророкотː „Искушувај ме, Господи, испитај ме“ (Псал. 25, 2); и уштеː „Твоето воспитување ме исправи до крај“ (Псал. 17, 35). Гледаш, тој не реколː твоето воспитување ќе ме врати, туку велиː „ме исправи до крај“ (Цветник, 1).




Не барај ги причините на искушенијата, не прашувај се од каде и зошто  доаѓаат, туку моли се само да можеш со благодарност да ги поднесуваш, како што говори свети Марко Подвижникː „Кога ќе дојде искушението, не барај да разбереш од што и зошто дошло, туку грижи се само за тоа – со благодарност и прибрано да го поднесеш (За оправдание со дела, гл. 198; и уштеː „Ако нема човек, кој не може да Му угоди на Бога без да биде искушуван, тогаш треба да Му благодариме на Бога за секое страдање“ (Таму, гл. 200); исто такаː „Секое страдание го покажува расположението на нашата волјаː ‘дали е свртена кон доброто или кон злото‛. Затоа секое страдање се именува искушение. Затоа со него се прави проверка на скриеното расположение кај искушуваниот“ (Таму, гл. 204). – И свети Исак Сирски, како и многумина други, говориː „Искушението е корисно за секој човек. Зашто, ако искушението било корисно за свети апостол Павле, тогаш, да се затворат устите на сите, и така целиот свет да стане виновен пред Бога“ (Рим. 3, 19). Силните се искушувани, за да придадат уште кон своето духовно богатство, а слабите, - за да се запазат од она што е штетно, оние што спијат духовно, - да ги подготви за разбудување, оние што се оддалечени од Бога, - за да продолжат храбро да живеат со Него. Оној син што не бил вежбан во поднесувањет на тешкотии, тој нема да го наследи богатството на татка си за своја полза. Затоа, Бог, најнапред, дава искушенија и измачува, а потоа го пројавува дарот на благодатта. Нека Му биде слава на Господа што преку горчливи лекарства нѐ воведува во сладоста на здрвјето! Нема човек што не претрпува тешкотии за време на обучувањето, нема човек на кого не му е тешко времето на искушенијата. Без нив е неможно да се придобие крепко душевно здравје. Но, и претрпувањето на маките и страданијата, не зависи од нашите сили. Како би можел садот, што е направен од кал, да држи во себе вода, ако божествениот оган не го направил силен? Ако се наведнеме под јаремот на Божјата волја и ако се молиме во смирение со непрестајна желба, тогаш и ние, преку трпението, сѐ ќе добиеме, со помошта на нашиот Господ Исус Христос“ (Сл. 37, стр. 231-232) и премудриот Исус син Сирахов говориː „Синко мој, ако сакаш да Му служиш на Господа, приготви ја душата своја за искушение. Управи го твоето срце и биди цврст; не збунувај се кога ќе бидеш посетен од Бога“ (Мудр. Сир. 2, 1-2).


Треба да се надеваме на Бога и корисното да го чекаме од Него


Котвата на надежта (сп. Евр. 6, 19) утврди ја во Бога, Кој е силен да спасува; од Него очекувај спасение од искушенијата во благопријатно време. Зашто, како што говори апостолотː „Бог нема да позволи да бидете искушувани повеќе од силата ваша, а заедно со искушението ќе ви даде и излез, за да можете да трпите“ (1. Кор. 10, 13). Слушај што уште говори Светото писмоː „Се фалиме и со маките, знаејќи, дека со маката се раѓа и трпението; од трпението, пак, - искуството, а од искуството – надеж, надежта, пак, не посрамува“ (Рим. 5, 3-5). „Кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен“ (Матеј 24, 13). – „Со трпение спасувајте си ги душите‘ (Лука 21, 19). – „Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпеливостː трпеливоста, пак, нека ви биде совршена работа, за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток... секого го искушува неговата похот, која го влече и мами‘ (Јак. 1, 2, 3, 4, 14). – „Страдањата на сегашното време не се ништо спрема славата, која ќе се јави во нас“ (Рим. 8, 18). – „Долго време се надевав на Господа, и Он се наклони над мене и ја чу молитвата моја, и ме изведе од длабината на јадот и од длабока тиња, па ги постави нозете мои на камен и ги зацврсти стапалата мои; а во устата моја вложи нова песна - похвала на нашиот Бог. Мнозина ќе видат, и страв ќе ги опфати и ќе се надеваат на Господа. Блажен е оној човек, чија надеж е името на Господа и не се загледува во ништожни работи и лажни воодушевувања“ (Псал. 39, 1-4). – И блажениот Симеон Метафрас пишуваː „Душата, која е зафатена со веригите на љубовта за Бога, страдањата не ги смета за ништо, туку се насладува со тешкотиите и цути  во страдањата. И кога ништо не поднесува и кога не страда за Возљубениот, се чини дека тогаш страда уште повеќе; таквата душа бега од задоволствата, како од маки.“


Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том V.

 Друго:

За Преминпортал

Подготви: Светланка Трајчева 

10-ти јуlи  2018 лето Господово

Друго:

 

 

  • Поуки од Светите Отци