Во младоста многу сакав да размислувам за тоа, како Господ се вознесе на небото на облаци и како Мајката Божја и светите апостоли го гледале Неговото вознесение. Но, кога бев момче, ја изгубив Божјата благодат; душата ми здиве, се исполни со гревови и ретко се сеќаваше на Господовото вознесение. Подоцна ги увидев своите гревови и многу тагував, затоа што Го нажалив Господ и изгубив смелост кон Бог и Мајката Божја. Го намразив гревот и одлучив да одам во манастир да барам простување од Бога. Си ветив во душата да се молам на Бога, за милостивиот Господ да ми ги прости гревовите.

Бидејќи имав отслужено војска, стапив во манастир, но набргу ме нападнаа нечисти мисли, кои ме тераа да одам во светот да се женам. Меѓутоа, јас одлучно си ветив во душата: „Ќе умрам овде за своите гревови“. И започнав ревносно да се молам, Господ да ми ги прости многуте гревови.

Еднаш ме нападна дух на очајание. Ми се пристори дека Господ засекогаш ме отфрли и дека за мене нема спасение и јасно ја претчувствував вечната осуда. Во душата почувствував дека Бог е немилосрден и немилостив. Тоа траеше малку повеќе од еден час. Тој дух е тежок и мачен, страшно ми е дури и кога ќе се сетам. Душата не е во состојба долго да го поднесе. Во тие моменти човек може да се уништи за цела вечност. Милостивиот Господ допушти лошиот дух да поведе тешка борба со мојата душа.

Малку подоцна отидов во црква на вечерна и гледајќи во иконата на Спасителот, реков:

„Господи Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот“.

И додека ги изговарав тие зборови, на местото на иконата Го видов живиот Господ и благодатта на Светиот Дух ја исполни мојата душа и целото тело. Така, преку Светиот Дух познав дека Исус Христос е Бог и посакав да страдам за Него.

Откако Го познав Господ, мојата душа се прилепи кон Него и ништо друго не ме радува на земјата. Моја единствена радост е Бог. Он е моја радост, моја сила и мудрост и богатство.

Боже, просвети нè со Својот Свет Дух да ја познаеме сите Твојата љубов.

Господ, нам, преку примерот со разбојникот (Лк. 23,40-43) и преку примерот со блудниот син (Лк.15,11-32) ни покажа како љубовта оди во пресрет на покајаниот грешник. Во Евангелието е напишано: „А кога беше уште далеку, го здогледа неговиот татко, му се сожали и потрча прегрнувајќи го и целивајќи го“. Ништо не му пререче, туку закла угоено теле и нареди да се направи гозба да се провеселат. Таква е милоста и љубовта Божја. Но, грешниот човек смета дека Господ е немилосрден, зашто во неговата душа нема благодат.

Еден послушник во рускиот манастир Свети Пантелејмон на Света Гора, се навикна непрестајно да се моли на Бога за простување на гревовите. Почна да размислува за Царството Небесно и да мисли: „Може ќе се спасам ако усрдно Му се молам на Бога да ми ги прости гревовите. Но, ќе бидам несреќен ако во рајот не ги видам своите родители, зашто многу ги сакам. Каков рај ќе биде тоа ако тагувам за своите роднини, кои можеби се наоѓаат во адот?“

Тој грешен послушник мислел за Царството Небесно: „Како што на земјата не е весел оној празник, ако со нас не се родителите или роднините, така и во рајот, ако не ги видиме оние кои ги сакаме, нема да бидеме среќни“.

Така си мислел тој половина година. Еден ден за време на вечерната, тој ги подигнал очите кон иконата на Спасителот, молејќи се со петте зборови: „Господи Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот“. Во тој момент Спасителот од иконата постанал жив. Душата и телото на послушникот се исполниле со неискажлива сладост и неговата душа преку Светиот Дух Го познала нашиот Господ Исус Христос. Познала дека Он е милостив и неописливо кроток и прекрасен, така што Божјата љубов не и допушта на душата да се сеќава на никој друг. Оттогаш неговата душа гори со љубов кон Господа.

Слава ти, Господи, за Твоето милосрдие, затоа што ѝ даваш на душата да познае дека го сакаш Своето создание. Душата Го позна Својот Владика и Создател.

Господ ѝ даде на душата доволно познание за Себе и таа Го засака и радосна е поради тоа. „Милостив е нашиот Господ“. На таа граница се завршува мислата.

На душата ѝ е доволен Господ. Он и дава мир. Поради Него се заборава земјата. Душата само Бога Го љуби и во ништо друго, освен во својот Создател не наоѓа спокој. Па, затоа, повремено пролева горки солзи: „Зошто така Го нажалив милостивиот Бог?“

Господ ја повика грешната душа на покајание и таа му се обрати Нему. Он милостиво ја прими и ѝ се откри Себеси.

Човечката душа Го позна Бога, милостивиот и дарежливиот и најслаткиот и Го засака Него засекогаш. Исполнета со горешта љубов, таа ненаситно се прилепува кон Него и не може да Го заборави ниту за момент.

Ако, пак, во душата се намали благодатта, нема со што да се спореди нејзината тага. О, тогаш таа колку Го моли Господ повторно да ѝ ја даде благодатта која претходно ја вкусила.

Јас, паднатото создание Божјо, се радувам што Господ не ме заборави. Некои очајуваат и мислат дека Господ нема да им ги прости гревовите. Тие мисли се од ѓаволот. Господ е толку многу милостив што ние тоа не можеме да го сфатиме. Оној, чијашто душа се исполнила со љубовта Божја преку Светиот Дух, знае колку Господ го сака човекот. Губејќи ја, пак, таа љубов, душата тагува и пати и умот на ништо друго не сака да се задржи, туку само Го бара Бога.

Еден ѓакон ми зборуваше:

„Ми се јави сатаната и ми рече: ‘Јас ги сакам горделивите и тие ми припаѓаат мене. Ти си горд и ќе те земам’. На тоа му одговорив: ‘Јас сум полош од сите’. И сатаната исчезна“.

И јас искусив нешто слично кога ми се јавија бесовите. Малку се исплашив, но реков: „Господи, гледаш дека демоните не ми даваат да се молам. Научи ме што треба да правам за да си отидат од мене“.

И Господ во душата ми рече:

Горделивите души секогаш страдаат од демони. Тогаш јас реков:

„Господи, вразуми ме што треба да мислам за да ми биде душата смирена“.

И добив одговор во душата:

    „Држи го својот ум во адот и не очајувај“.

Оттогаш така почнав да правам и мојата душа најде спокој во Бога.

(Продолжува…)

Извадок од книгата: Архимандрид Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 476-479

 

Извор: Бигорски манастир

 

Друго: