Христос воскресе!

Простено ни е, спасени сме, откупени сме. Христос воскресна! Овие зборови кажуваат сè: тие се основата на нашата вера, надеж и љубов; на нашиот христијански живот; на сета наша мудрост и просветеност; на Светата Црква, срдечната молитва, на севкупната иднина. Овие зборови ја уништуваат човечката беда, смрт и зло; ни даруваат живот, блаженство и слобода! Каква чудесна моќ! Може ли некој да се измори од нивното повторување? Христос воскресна!

Но, дали сите го разбираме вистинското значење на овие зборови? Што значи: „Христос воскресна“? На крајот од краиштата, Христос не воскресна ниту денес, ниту вчера, туку пред многу, многу векови. Кој денес може да се сомнева дека навистина Христос воскресна три дни по Неговата смрт? Никој! Во тој случај, што сведочиме кога на поздравот „Христос воскресна“ одговараме со зборовите „Навистина воскресна“? Дали ја сведочиме единствено нашата вера, или и нешто друго?

Христијаните би требало да учествуваат во Христовото Воскресение. Апостолот Павле вели: „ако, пак, Христос не воскреснал, суетна е верата ваша; вие сте уште во своите гревови“ (1 Кор. 15, 17). Следи дека ние го празнуваме најголемиот христијански празник, празнинкот над празниците, затоа што самото христијанство се темели на Христовото Воскресение. Но, зарем нашето празнување треба да се ограничи на запазување на црковните правила и нашето физичко присуство в црква? Каде е внатрешното, духовното значење на овој празник? Зар сеќавањето на овој велик и вселенски настан на Христовото Воскресение само по себе нè спасува?

Не, христијаните треба да учествуваат во самото Воскресение Христово! Како да учестуваат? Преку тајните на Покајание и Причестување со Светото Тело и Животворната Крв на Спасителот. За време на Великиот Пост – дните на покајание, очистување и преродување – ние треба да ги обновиме нашите срца за да Му совоскреснеме на Христа. И затоа, оној којшто не учествувал во самото Христово Воскресение не ги разбира и во себе не го носи вистинското значење на зборовите „Христос воскресна! – Навистина воскресна!“.

На ист начин, да се одговори со „Навистина воскресна!“ не значи, само по себе, дека го носиме Христовото Воскресение во нас и во нашите срца. Не, туку тоа се потврдува со радоста во Господа и се покажува преку љубовта кон Христа. Оној кој љуби, се сеќава на Божјата љубов и нема сомнеж во неа. Но, сетете се, возљубени браќа и сестри, како во скорешната исповед се покајавте за роптањето на Бога и за сомневањето во Неговата милост; сетете се како Го обвинивте Господа за незаслужените таги и несносливи страданија, па дури и за Неговата неволост за услишување на вашите молитви!

Сетете се како, во грев живеејќи, тежнеевте да размислувате за Господа како за немилостив Господ, Кој е глув и слеп за вашите повици и потреби! Но сега, соединувајќи се со Христа, дали признавате дека Тој е Бог на љубовта и милостa, а не Бог на казната? Доколку ја признавте оваа вистина, тогаш несомнено сте Го спознале Бога во Неговите дела и сте Го возљубиле со чисто срце. Во тој случај, Христос воскресна во вас, и сега свесно можете да одговорите на радосниот христијански поздрав „Христос воскресна“ со зборовите „Навистина воскресна!“. Амин.

Новосвештеномаченик Серафим Чичагов

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/znacenje-na-pashalen-pozdrav/ .