(Фреска на св. Исак Сирски во храмот на  Арх. Михаил во Оптина)

247.  Додека си уште на патот кон градот на небесното царство, белег за тоа дека се приближуваш до Божјиот град нека ти биде следновоː тебе те среќаваат силни искушенија; - и што повеќе се приближуваш до него и што повеќе напредуваш во духовниот живот искушенијата сѐ повеќе се умножуваат.

275.  Затоа, штом на овој свет пат почувствуваш во својата душа најголеми и најсилни  искушенија, знај дека тогаш твојата душа навистина таинствено навлегла во нов и повисок степен и дека благодатта нејзина е преумножена во новата состојба, во која е поставена, зашто е својствено на величината на благодатта – да ја воведува душата во соодветни големи искушенија.

276.  Ако е душата немоќна и нема во себе доволно сили за поднесување на големи искушенија, и затоа Му се моли на Бога, да не навлегува во нив, Бог ја послушува, тогаш треба да знаеш дека во каква мерка душата нема доволно сили за истрпување на големите искушенија, во иста толкава мерка таа ги нема тие сили и за истрпување и на малите искушенија; доколку им биде забранет пристапот на големите искушенија до неа, нејзе ќе ѝ бидат забранети и ускратени големите дарби. Затоа што Бог не дава голема дарба без големо искушение; соодветно со искушенијата Бог ги одредува и дарбите, според Неговата премудрост, која Неговите созданија не можат да ја сфатат.

Искушенијата при навлегувањето во добриот живот и при неговото издигнување се разликуваат од искушенијата, кои Бог ги допушта заради вразумување на гордите срца.

Искушенијата што ги има душата од духовната палка заради нејзино преуспевање и растење, со кои таа бива поучувана, испитувана и воведувана во подвиг, се следнивеː мрзливоста, тежината на телото, раслабеноста на членовите, очајанието, побрканоста на мислите, сомневањето за истоштеноста на телото, привременото губење на надежта, помрачувањето на помислите, недостатокот на човечката помош, недостатокот на она што е потребно за телото и друго слично на ова.

Од овие искушенија во душата се јавува чувството на осамотеност и незаштитеност, помраченост на срцето и смиреност. Промислителот ги дозволува искушенијата соодветно со силите и потребите на оние што ги примаат. Во нив се пројавуваат и утехата и поразот, светлината и темнината, борбите и помошта, накусо речено тешкотиите и леснотиите. Ова служи како знак за тоа дека човекот успева со Божја помош.


249.  Искушенијата, кои ги снаоѓаат луѓето по Божјо допуштање, кои се превознесуваат пред Божјата добрина и кои во својата гордост Го навредуваат Бога, се следнивеː одземање на силата на мудроста, која ја имаат луѓето, блудната помисла, која не дава спокој и која Бог ја допушта на нив за да ги смири во нивната гордост, брзото раздразнување, желбата да биде сѐ според нивната волја, расправањето со зборови, правењето забелешки, срце кое омаловажува сѐ, потполна заблуда на умот, хулата на Божјото име, безумните и достојни за потсмев мисли, омаловажувањето на луѓето, неценењето на нивната чест, нанесувањето на срам и подбивање од бесовите и, на крајот, желбата да се близу до светот и да општат со него, непрестајно да говорат и да изговарааат неразумни зборови, секогаш да шират новости, па дури и лажни пророштва, како и да ветуваат повеќе отколку што можат да направат. И ова се духовни искушенија.

Во бројот на телесните искушенија спаѓаатː болникави, многусложни, продолжителни и тешко излечиви слабости, постојани среќавања со лоши и безбожни луѓе, паѓање во раце на подбивачи, ненадејни препнувања и опасни паѓања, како и разорни случаи за нив и за нивните блиски.

Сето ова што го изложивме овде  припаѓа во бројот на искушенијата поради гордост. Почетокот на овие се пројавува во човекот кога тој ќе почне во своите сопствени очи да се смета за мудар. Сите овие тешкотии ги минува сообразно со усвојувањето на ваквите горди помисли. Колку имаш повеќе вакви искушенија, тоа покажува колку гордоста проникнала длабоко во тебе.

250.  Има и еден друг вид искушенија. Тоа се искушенијата поради малодушност и недостиг на трпеливост. Секоја тешка положба и секоја жалост, ако немаме трпеливост, водат кон двојно измачување, бидејќи трпеливоста во човекот ги одбива страдањата, а малодушноста е мајка на измачувањето. Трпеливоста  е мајка на утехата и сила која му дава широчина на срцето. Тешко може да најде човек ваква сила во своите страдања, без Божјата дарбина, која се придобива со постојана молитва и проливање на солзи.

Кога на Бога Му е угодно да го стави човекот во големи страдања, тогаш тој допушта човекот да падне во рацете на малодушноста. И тој ја раѓа силата на очајанието, кое ја победува неговата сила. Тој тогаш чувствува дека неговата душа бива задушувана; ова е вкусување на пеколот, зашто од него потекнуваат илјада искушенијаː збрканост, раздразнетост, хула, жалење на својата сопствена судба, лоши мисли, преселување од една земја во друга и друго слично на ова.

Причината за сето ова е твојата мрзливост. Ти самиот не си се погрижил да се излекуваш од ова. Лекарството од сето ова е смиреното срце.

Без него никој не може да ја урне преградата на овие зла. Сообразно со смиреноста се дава трпеливоста во страданијата; сообразно со трпеливоста се олеснува тежината на жалоста и се дава утеха; сообразно со утехата се зголемува љубовта спрема Бога; а сообразно со љубовта, се зголемува радоста во Светиот Дух. Бог не ги одзема искушенијата од своите слуги, туку им дава трпеливост во искушенијата, заради нивната вера и преданоста на Божјата волја.


251.  Телесното живеење според Божјата волја го сочинуваат телесните дела, - телесните подвизи за очистување на телото од страстите, во делата на добродетелите.

Умното живеење е дело на срцето, кое постојано продолжува да мисли за Страшниот суд, како и непрестајната молитва на срцето, мислата за Божјата промисла и грижа, како поодделна, така и општа, која е очигледна во целиот свет, и запазувањето од тајните страсти, така што во наc   да не остане ништо страсно сокриено во нашата душа.

Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ – Том II

 

За Преминпортал

 Подготви: Светланка Трајчева

11-ти февруари 2018 лето Господово

 

 Друго:

Свети Исак Сирски - Подвижнички поуки ...

Подвижнички поуки од свети Исак Сирски (20.07.2017) ...

Свети Исак Сирски – Списи (27.04.2017) ...