1.    Патот е тежок и мачен, но затоа нѐ очекуваат безмерни радости; да трпиме и да истрпиме.


Бидете издржливи во борбите и во вашиот подвиг на послушноста, во вашата маченичка послушност, па така, минувајќи ден по ден, од вашиот земен живот, ќе ја збогатите вашата душа со добродетели, кои ќе бидат залог за царството небесно, и ќе ги придобиете ветените и неискажливи блага. Божјиот пат е тесен и мачен, но широка и голема е радоста што нѐ очекува. Распалените демонски стрели, една по друга, паѓаат врз домот на нашата душа, но росата на Духот, изгаснувајќи ги, ја наведува кон нас водата, која тече во вечниот живот. Наш дел сеː теснотијата и страдањето, умилението и малодушноста, трудот и потта, уморот и истоштувањето, а покрај сето ова, и прекорите и изобличувањата, но за сето тоа за нас се подготвува богато сокровиште и бескрајна веселба. Дојдете, храбро да ги истрпиме овие малку денови на борба, и за сето ова ќе бидеме овенчани со венци на правдата.

2.    Така трпеле сите свети оци, а сега се радуваат, откако заборавиле за сите свои маки; да им подражаваме.


Какви сѐ трудови не поднеле нашите свети оциː во пост, во бдеење, во молитви и во најразлични страдања ги поминале своите денови на земјата? А сега веќе немаат никакви маки и страдањаː тие ја примиле неискажливата радост и преблажениот спокој. Така и ние да ги гледаме маките и страдањата, сметајќи ги ништожни и, уште поточно, како сон и како сенка, кои бргу минуваат. Да не си дозволиме поради нив да паѓаме со духот, туку, и не гледајќи ги, со младешка сила да ги извршуваме Божјите заповеди. Да не нѐ ожалостува духовната борба, да не нѐ посрамуваат навредите, да не нѐ збркува изобличувањето, да не нѐ скрушува огорчувањето и да не нѐ воздигнува гордоста, туку надолу да ги наведнеме очите, а душата нагоре да ја устремимеː благи да бидеме еден спрема друг, да бидеме тивки, трпеливи и да отстапуваме.


3.    Ако си слушнал некој тежок и навредлив збор, претрпи го; знај дека и нашиот Господ трпел и поднесувал. Ако се сметаш за последен, тогаш и ова и сѐ друго ќе поднесеш.

Се случило некој да ти рече некој груб збор, па што? Нашиот Господ и Бог слушнал како Му велатː дека бесови има во Себе (Матеј 7, 20), и премолчелː Го прекореле, велејќи Му дека ѓаволите ги истерува преку Велзевула, началникот на ѓаволите (Матеј 12, 24) и не се вознемирил. А ние, кои сме и по природа ништожни, и по животот наш достојни за прекор, кога ќе слушнеме некаков сличен збор, сосема малку навредлив, веднаш се наежуваме. Зошто тогаш не се успокојуваме со сладоста на смирението? Зошто не сакаме да научиме од својот опит, дека потчинувањето е од сѐ подобро? Зошто не се послужиме при ваквите случаи со оружјето на вистинските монаси? Ова оружје не еː убавото пишување, не е убавото и слатко пеење, не е високиот раст, не е парадноста, не е изнежнетоста, не е горделивото чекорење, не е празното зборување, не е смелиот збор и противставувањето или нешто друго, слично на ова, туку – да се чувствуваме дека сме последни од сите; сите да ги сметаме над себеси; да бидеме спори во зборувањето, да не изговараме лоши зборови; да не бидеме лесномислени, туку да обмислуваме што треба да кажеме, да бидеме трпеливи, полни со љубов и особено – да не завидуваме. Впрочем, вие сето ова го знаете, бидејќи од Бога сте научени и секогаш го правите она, што Му е угодно на Бога. – Затоа, останете такви, бидете задоволни со сѐ; секогаш бидете искрено радосни, окрилувајќи се само со надежта на нашето монашко призвание.

Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ –Том IV

Подготви: Светланка Трајчева

8-ми февруари  2018 лето Господово

 

 Друго:

2. Свети Теодор Студит - Поученија за монаси (4) ...

3. Свети Теодор СтудитПоученија за монаси (3) ...

4. Свети Теодор СтудитПоученија за монаси (2) ...

5. Свети Теодор СтудитПоученија за монаси (1) ...

6. Свети Теодор Студит - Поуки