Свети Максим Исповедник

Втората стотица – За љубовта



71.  Лошите духови војуваат против нас или со самите работи или со страсните помисли за нив; со самите работи – оние што живеат меѓу нив, а со помислите – оние што се оддaлечиле од нив.

72.  Многу е полесно да грешиме со мислата, отколку со дело; а борбата против мислите е многу потешка од борбата преку видливите работи.

73.  Видливите работи се надвор од умот, а помислите се внатре во него. Во негова власт е да се ползува со нив добро или лошо. По погрешната употреба на мислите следи злоупотребувањето на работите.


74.  Умот ги добива страсните помисли на следните начини: преку сетивата, преку состојбата на телото и преку спомнувањето. Преку сетивата – кога врз нив дејствуваат оние работи, спрема коишто имаме страст, - тогаш тие поттикнуваат страсни помисли. Преку состојбата на телото – кога не се запазува воздржувањето во исхраната, или кога под дејство на демоните или од некаква болест ќе се измени состојбата на телото и ќе почне да го поттикнува на страсни помисли или бунтување против Божјата промисла. Преку спомнувањето, - кога си спомнуваме за работите, со кои сме страсно поврзани и на овој начин ги поттикнуваме страсните помисли.

75.  Од работите што ни ги дал Бог за употребување – едни се наоѓаат во душата, други во телото, а третите се – околу телото. Во душата се наоѓаат нејзините сили; во телото – сетивата и деловите на телото; околу телото – храната, имотот, парите и друго. Доброто и лошото ползување со овие работи и последиците од тоа покажуваат дали сме добродетелни или порочни.




76.  Овие наши однесувања спрема рабоотите во душата, во телото или оние околу телото се: во душата – знаењето и незнењето, запомнувањето или заборавањето, љубовта и омразата, стравот и храброста, радоста и жалоста и друго; во телото – насладата и уморот, чувствителноста и нечувствителноста, здравјето и болеста, животот и смртта, и друго слично; во она што е околу телото – многу деца и бездетност, богатство и сиромаштија, слава и непознатост, и други слични. Некои од овие луѓето ги сметаат за добро, а други – за зло, а всушност само по себе не е ни добро ни зло; биваат добро или зло во зависност од нивната употреба.

77.  Природното знаење е добро, како што е добро и здравјето на телото, но на многумина спротивното им донело поголема полза.

Зашто на лошите луѓе знаењето не им е за добро, иако тоа, како што рековме, по природа е добро. Исто така, за нив не е добро ни здравјето, ни богатството, ни радоста, зашто тие не ги употребуваат овие добри дарови за своја полза. За нив е покорисно токму спротивното. Па, според тоа, во извесна смисла и тоа не е зло, иако се чини дека е зло.


78.  Не злоупотребувај ги мислите, за да не ги злоупотребуваш и работите, зашто ако најнапред не згрешиш со твоите мисли, никогаш нема да згрешиш ни со дела.

79.  „Обликот на земниот“ – на Адама, тоа се главните пороци, какви што се: неразумноста, малодушноста, невоздржувањето, неправдата, а „обликот на Небесниот“ се главните добродетели: благоразумноста, храброста, целомудрието, справедливоста. Светиот апостол вели: „Како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и обликот на Небесниот“ (1. Кор. 15, 49).

80.  Ако сакаш да го најдеш патот, кој води во животот, тогаш барај го на тој Пат, Кој рекол: „Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Отецот освен преку Мене... Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; и ќе влезе, и пасиште ќе најде“ (Јован 14, 6, 10, 9). Таму ќе го најдеш и ти. Но барај го добро, зашто „малцина го наоѓаат“ (Матеј 7, 14), така што, оставајќи го на малцина што го наоѓаат, да не се најдеш во бројот на оние што не го наоѓаат.




81.  Душата отстапува од гревовите заради следниве пет причини: поради страв од луѓето, поради страв од идниот Суд, поради вечна награда, поради љубов спрема Бога, и најпосле, поради грижа на совеста.


82.  Некои говорат дека не би имало зло во созданијата, кога не би имало некаква лоша сила во светот. Но таа сила не е ништо друго, освен нашата негрижа за природното дејствување на нашиот ум. Затоа, оние што се грижат за него секогаш прават добро, а никогаш зло. Па, ако и ти го сакаш тоа, тогаш откажи се од твојата негрижа, а заедно со тоа ќе го отфрлиш и злото, што се состои во грешното употребување на мислите, кое станува преку злоупотребата на работите.

83.  Според природата на разумниот дел – ние треба да им се покоруваме на божествените зборови и да владееме со неразумниот дел што е во нас. Ако го запазуваме овој ред, тогаш нема да има зло во созданијата, а нема да има ни сила што ќе нѐ влече кон злото.



Извор: ДОБРОТОЉУБИЕ – Том III

 

Подготви: Светланка Трајчева

 

03.02.2018 лето Господово