16.  Како што сатаната, противставувајќи Му се на Бога, со желба да не биде извршувана Неговата волја, односно Неговите заповеди, преку нас војува против Бога со тоа што се обидува да ни пречи да ја извршуваме Божјата волја, така и Бог, сакајќи да ја извршуваме Неговата света волја, Неговите свети заповеди, исто така, преку нас сака да ја спречи лошата намера на лукавиот. Безумната желба на нашиот духовен непријател Му се противставува на Бога со тоа што сака нас да нè наведе да ги престапиме Божјите заповеди, а Самиот Бог ја победува преку човечката немоќ.

И гледај, не бива ли сето ова така?

– Сите божествени заповеди поставуваат закони за трите делови на нашата душа и ја прават здрава преку она што ѝ заповедаат. И оној кој точно ги извршува овие Божји заповеди, тогаш сите три делови на неговата душа се навистина здрави.

Но ѓаволот дење и ноќе води војна против овие три дела на нашата душа. А, ако ѓаволот војува против нив, јасно е дека тој, всушност, војува против Христовите заповеди, зашто Христос преку заповедите ги покрива трите дела на човечката душа: раздразнителните, пожелните и мисловните сили на душата.

И гледај: заплашувањето дека секој кој се гневи на својот брат ќе биде виновен пред судот (сп. Матеј 5, 22), и следните потоа заповеди, - се лекарства за раздразнителниот дел на душата.

Оваа заповед, како и останатите што се ставени заедно со неа, непријателот се обидува да ги оневозможи внатре преку помислите: љубовта спрема препирките, злобата и зависта.

Го знае тоа нашиот и Божјиот противборец дека управителот на раздразнителниот дел на душата е силата на мислењето.

Затоа најнапред ги пушта своите стрели врз неа преку помислите, преку: подозревањето, зависта, желбата за расправии и караници, луквството, суетата, и ја наговара мисловната сила да ја отфрли власта, која ѝ е наложена, да се ослободи од неа и да си воспостави своја власт, па на тој начин да ја остави раздразнителноста сама на себеси – да ја остави без никаква управа.

Тогаш раздразнителноста, откако веќе го отфрлила својот управител, без секакво задржување – преку устата да ги изговара сите зборови, кои и пред тоа биле вложувани, преку непријателските помисли, затоа што тогаш веќе не дејствува власта на умот, тогаш срцето не бива исполнето со Божјиот дух и со божествените помисли, туку од демонската нескротлива злоба или, како што вели нашиот Господ Исус Христос: „Од преполнетото срце зборува устата“ (Лука 6,45).

А кога ѓаволот на тој начин ќе го доведе човекот до тоа – да почне со зборови да го искажува она што пред тоа било само замислувано внатре во душата; тогаш тој непријателски (ѓаволски) пленик не само што ќе му рече на братот свој „празноглав“ или „будала“ (сп. Матеј 5, 22), туку ќе му назборува и многу други навредливи зборови, така што може да дојде до караница, па дури и до убиство.

Еве, какви итрини употребува лукавиот по однос спрема заповедта, која ни е дадена од Бога: да не се гневиме попусто.

– А навистина, може воопшто да не дојде до навредливи зборови и дo сето она што е непожелно, ако веднаш штом настане раздразнувањето, - со молитва и со внимание спрема она што станува внатре во нашата душа, ги изгониме од нашето срце сите мисли што го раздразнуваат и разгоруваат.

Душегубецот ја постигнува својата лоша цел само тогаш кога ќе најде некого кој, под дејство на вложени помисли во неговото срце, е готов да ги погази Божјите заповеди.


               17.  А што ѝ наредува Бог на делот од нашата душа, кој пожелува? Еве штоː „Секој што погледне на жена со желба, тој веќе извршил прељуба со неа во срцето“ (Матеј 5, 28). И каква мрежа плете против оваа заповед духовниот злосторник, кој гледа дека ни е дадена ваква заповед? Бидејќи предметите, кои можат да ја разгорат оваа наша желба се оддалечени, тој се вовлекува внатре во нас и таму подигнува похотлива борба против спомнатата Христова заповед – ова го прави тој на следниот начинː тој слика и отпечатува во нашата душа блудни слики. Дури понекогаш се случува да слушаме и зборови, кои ја разгоруваат блудната страст, а се случуваат и многу други работи, под дејство на лукавиот демон, за што знаат оние, кои претрпеле искушенија во духовните борби.


             18.  Која заповед ѝ дава раководни правила на умствената сила? – Еве ги заповедите за умствената сила. Зборот ваш да биде: „да, да – не, не, а сè што е повеќе од тоа, од лукавиот е“ (Матеј 5, 37); „Секој од вас, кој не се откаже од сè што има, не може да биде Мој ученик“ (Лука 14, 33); „влезете низ тесната врата“ (Матеј 7,13).


Нашиот противник, сакајќи и оваа мисловна сила, која е како некој храбар војвода, да ја потчини на себеси, во почетокот ѝ ја одзема способноста правилно да мисли, преку помислите на чревоугодието и мрзливоста. Па, откако на тој начин го лишил од неговата власт над другите душевни сили, штом ќе ја исмее како да е некаков пијан водач, ја натерува да ги извршува неговите внушувања и желби, откако ги употребува како свои помошнички раздразливоста и похотливоста.


А овие сили, раздразливоста и похотливоста, бидејќи оставени од умствената сила, почнуваат сите наши пет сетила, како свои послушни слуги, да ги прават орудија на јавните гревови и, како последица на тоа, еве какви гревови и паѓања следат! Кога умот од внатре не ги заузда и не ги врзе чувствата, тогаш очите, од љубопитност, - шараат насекаде, ушите сакаат да слушаат за суетни работи, вкусот се разнежнува, устата станува незадржлива, рацете се пружаат да го дофатат она што не е дозволено. По ова следи наместо правда – неправда, наместо мудрост – неразумност, наместо целомудрие – блуд, наместо храброст – страшливост.


А овие четири главни добродетели: правдата, мудроста, целомудрието и храброста се такви, така што, ако се здрави и ако ја имаат својата сила во душата, тогаш тие добро управуваат со трите нејзини дела: ги задржуваат чувствата од сè што е наредено. И тогаш умот, живеејќи во тишина, управува со другите сили според Божјите заповеди и ги одржува во послушност, па затоа лесно победува во духовната борба. А кога, од невнимание, дозволи другите сили да дојдат во збркана и збунета состојба, тогаш, бидејќи бива победуван од нападите на лукавиот, ги престапува Божјите заповеди. А по престапувањето на заповедите следува или соодветно покајание или измачување во идниот живот. Затоа, многу добро нешто е – ако е умот секогаш трезвен, бидејќи преку трезвеноста, во која состојба треба да биде според самата своја природа, тој тогаш станува вистински пазител на Божјите заповеди.


Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ – Том III

 

Подготви: Т.С.

27.01.2018 лето Господово