Животен пат

Честопати, Бог допушта добродетелните луѓе да бидат искушувани на некаков начин. Тој дозволува да го нападнат искушенија од секаде; го поразува нивното тело, како што стори со Јов, ги фрла во сиромаштија, прави другите да се откажат од нив, им го одзема стекнатото. Само душата не им ја поразува. И воопшто, невозможно е да не се соочиме со тагата, или телото да не ни изнемошти од болести и напори, или да остане неизменето, доколку одиме по патот на правдата и го возљубиме добродетелниот живот. Човекот кој тргнат по Бог не треба да застрани од овој пат кога ќе наиде на нешто вакво, туку треба да се радува и нељубопитно да го прими сето тоа што му се случува, благодарејќи Му на Бога што му испратил таква благодат и што го удостоил заради Него да падне во искушение, и да стане соучесник во страдањата со пророците, апостолите и другите светии кои одејќи по истиот пат, претрпеле маки. Од кого и да доаѓа ова искушение – од луѓето, од демоните или од телото, тој треба да благодари. Зашто, невозможно е Бог да не му испрати искушение за вистината на оној којшто сака да пребива со Него. Исто така, човекот, без благодатта Христова, не може да се удостои да прими едно вака големо нешто, т.е. да биде искушуван и да се радува.

Ова дело, односно – човек да страда заради надежта во Бога, толку е големо, што св. Павле отворено го нарекува дар, велејќи им на Филипјаните: „Оти вам ви се даде дар поради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате за Него“ (Флп. 1,29). И св. Петар пишува во своето послание: „Но, ако и страдате за правда, блажени сте“ (1Пт. 3,14), бидејќи сте станале учесници во страдањата Христови.

Не му доличи на христијанинот удобно да живее и световно да се радува. Исто така, не треба лицето да ти се помрачува, ниту да сметаш дека не постојат маки на Божјиот пат. Зашто, Неговиот пат отсекогаш и во сите поколенија се среќавал со крст и смрт. И зошто ти мислиш дека удобно можеш да го изминеш патот Божји? Ако и така мислиш, знај дека не одиш по Божјиот пат, дека не сакаш да појдеш по стапките на светите, туку се обидуваш да создадеш некаков сопствен пат по кој би чекорел, слободен од страдања. Патот Божји е секојдневен крст. Никој не се искачил на небесата живеејќи удобно. Ние знаеме каде завршува широкиот пат.

Св. Исак Сирин

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/za-krsniot-pat-i-makite-vo-ovoj-zhivot/ .