Оној што не ги знае Божјите мисли, тој со умот свој (внатрешно) оди по патот, а од обете страни има страшни стрмнини, така што од секој ветер може лесно да се струполи во бездната, зашто кога го фалат тој се воздига; кога го понижуваат се раздразнува; кога има сè во изобилие има похоти; кога е во немаштија – плаче; кога знае нешто – се истакнува; кога не знае – се прави како да знае; кога се богати – се гордее; кога е сиромав – лицемери; кога се наситува – станува жесток; кога пости – станува суетен; со оние што го  изобличуват – спори; на оние што го мразат гледа како на неразумни. (4/193)
Сè додека потполно не излеземе од обичната прилепеност кон нашата суштина и кон сè , што е далеку од Бога, ние не добиваме неизменливост во добродетелите. А кога преку љубовта ќе дојдеме до ова достоинство, тогаш ќе ја познаеме силата на Божјото ветување, зашто оние што се достојни треба да веруваат, дека нивната непоколеблива тврдина е таму, каде што умот најнапред со љубов се утврдил со својата сила. Зашто, ако не излезе од себе и од сè друго што може да помисли, ако не се установил во молчење, кое е над мислењето, умот не може да биде слободен од изменливоста, која му е својствена на сè.( 2/81)
Има три духовни места, во кои влегува умот, менувајќи се самиот во себе си.... Тоа сеː природното, натприродното и противприродното. Кога навлезе во своето природно место, тогаш наоѓа дека тој е виновник за лошите помисли и причина за страстите. Тогаш ги исповеда своите гревови пред Бога. А кога се наоѓа во противприродно место, тогаш ја заборава правдата Божја и војува против луѓето, оправдувајќи се со тоа дека го навредуваат. Кoга, пак, се издигне во натприродното место, тогаш ги наоѓа за себе си плодовите на Светиот Дух, за кои говори светиот апостол Павле во своето Послание до Галатјаните, велејќиː „Плодот на Духот еː љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“ (Гал. 5,22,23). И знае дека, ако ги претпоставува телесните грижи, тогаш не може да биде таму. И, ако излезе оттаму, паѓа во грев и во сите други жалосни работи, можеби не набргу, но во свое време, како што ѝ е познато за тоа на Божјата правда. (4/90)

 

Изворː Добротољубие(541, 502, 530 стр.) ДОБРОТОЉУБИЕ-  Том 1

Подготви .Т.С.

18.03.2017 год.

 bogorodica.k.dol.jpg

Преподобен Марко Подвижник
Календар, житија,
 
Аскет и чудотворец. Замонашен од својот учител Св. Јован Златоуст во четириесеттата година од животот, Марко помина уште шеесет години во Нитриската пустина во пост, молитва и пишување на духополезни книги. Целото Свето Писмо го знаеше наизуст. Беше многу милостив и плачеше над бедата на секое Божјо создание. Еднаш плачејќи Му се помоли на Бога за слепото малечко на една хиена и тоа прогледа. Од благодарност хиената мајка му донесе една овновска кожа. Но светителот ѝ забрани на хиената во иднина да ги коле овците на кутрите луѓе. Причест примаше од раце на ангели. Неговите беседи за духовниот закон, за покајанието, за трезвеноумието итн. спаѓаат во првокласната црковна книжевност, нив ги фалеше и возвишениот патријарх Фотиј.

Друго:

  • Свети Марко Подвижник: Поуки (18.03.2011)

Доказ за нелицемерна љубов е простувањето за навредите.

Така Господ го засака светот. Без умно повикување не постои совршена молитва.

Господ го слуша умот кој нерасеано се моли. Кога се сеќаваш на Бога, зголеми го бројот на своите молитви за Бог да се сети на тебе, кога ќе Го заборавиш. 

Повикувај Го Бога да ги отвори очите на твоето срце и да ја видиш ползата од молитвите и читањето кое со искуство станува разбирливо. 

Постојат многу начини на молитва кои меѓусебно се разликуваат.

Ниеден начин не е штетен, освен ако се работи за сатанско дело, а не за молитва. 

Не пробувај да решиш било каков проблем со помош на расправија, туку со средствата кои доаѓаат од духовниот закон, односно: трпение, молитва и непоколеблива надеж. 

Секоја несакана душевна мака нека ти биде учител за сеќавање на Бога, па никогаш нема да ти недостига поттик за покајание. 

Кој ги исполнува заповедите, нека очекува искушение, бидејќи љубовта кон Бога се проверува со спротивности. 

Оној, кој разумно се моли ги поднесува неволјите кои доаѓаат.

Оној, пак, што има злопамтење, не може чисто да се моли. 

Како што е невозможно здружување на водата и огинот, така се спротивни самооправдувањето и смирението. 

Подобро е побожно да се молиш за својот ближен отколку да го осудуваш за секој грев. 

Оној, кој искрено се кае, го исмеваат неразумните. Меѓутоа, тоа е знак на неговата богоугодност. 

Оној, кој мудрува и зборува без дела, се збогатува со неправда и неговиот труд, според Писмото, влегува во туѓа куќа. 

Знаењето без добродетели е несигурно дури и да е вистинско, бидејќи, доказ за сѐ е делото. 

Светото Писмо нѐ советува да Го запознаеме Бог со разумот за правилно да Му служиме со делата. 

Смртен грев е оној за кој човекот не се кае.

Дури и светител да се помоли за тој грев наместо него, нема да биде простен. 

Кога умот ќе ја заборави целта на побожноста, видливата добродетел станува бескорисна. 

Знаењето кај човекот е вистинско кога го потврдуваат кротоста, смирението и љубовта. 

Добро е да им помогнеме на оние што прашуваат, но многу е подобро да им помогнеме со молитва и добродетел.

Бидејќи, оној, кој со помош на нив себеси се принесува на Бога, си помага и самиот и на својот ближен. Искушението надминувај го со трпение и молитва.

Кој без нив се бори против искушението, само ќе го направи посилно.

 Ако сакаш Господ да ги покрие твоите гревови, немој да им откриваш на луѓето дека имаш добродетели. Бидејќи, како што ние постапуваме со нашите добродетели, така Господ постапува со нашите гревови. 

Во непосакуваните маки се крие Божјата милост која го води кон покајание оној, кој покажува трпение и го спасува од вечните маки.(МПЦ-ОА)