Поуки од Светите Отци

СВЕТООТЕЧКИ ПОУКИ ЗА ВНАТРЕШНАТА МОЛИТВА НА СРЦЕТО   ( 2 )

Свети Григориј Синаит го изложува учењето за внатрешната молитва на срцето и за начинот на нејзиното стекнува



Се случува дури и тоа да го изгубиме сеќавањето на Бога, а какви треба да бидеме како Божји чеда по благодат, за тоа ниту поим немаме.
Веруваме, но не со дејствителна вера и по обновата на Духот, по Крштението, не престануваме телесно да живееме.

 Ако некогаш и се случи да се покаеме и да започнеме да ги исполнуваме заповедите, ги исполнуваме само на надворешен, но не и на духовен начин.

Така се случува до таа мера да се одвикнеме од духовниот живот, што неговите пројави кај другите ни наликуваат на лага и заблуда.
 Така, доживотно остануваме со мртов дух, живеејќи и работејќи не во Христа и спротивно на заповедите дека она што е од Духот родено, треба да биде духовно.


Покрај сето тоа, даровите кои сме ги примиле на Светото крштение во Христа, не се губат, само се закопуваат во земја како некакво богатство. А трезвениот разум и благодарноста бараат да ги откриеме и да ги изнесеме на виделината на денот.

 Како е тоа возможно?
Тоа е возможно да се постигне на два начини:

 доколку ги извршуваме заповедите, дотолку повеќе тие ја откриваат својата светлина и својот сјај;
 второ, тие се јавуваат и разоткриваат преку непрестајното призивање на Господа Исуса, или, што е една и иста работа, со непрестајното сеќавање на Бог.

Силно е и првото средство, но второто е посилно, така што и првото преку него ја задобива својата потполна моќ. Затоа, ако навистина сакаме да го откриеме во нас скриеното благодатно семе, тогаш да побрзаме што порано да се навикнеме на овој, вториот срдечен подвиг:

да го имаме во срцето само овој молитвен труд и сила, без примеси на било какви претстави, слики и фантазии.
Ако се потрудиме во срцето да ја стекнеме само таа молитвена сила и енергија, таа ќе го загрее умот наш и срцето во душата ќе разгори неискажлива љубов спрема Бог и луѓето.


Оваа умна молитва, која се твори во срцето преку силата на Светиот Дух, дејствува во него на два начина:
некогаш нејзе ѝ претходи умот прилепувајќи се за Господа во срцето преку непрестајното сеќавање на Него;
понекогаш, пак, дејството на молитвата претходно потикнато од огнот на радоста, го привлекува умот во срцето и го врзува за призивање на Господ Исус Христос и за трепетно стоење пред Него.

 Во првиот случај, дејството на молитвата почнува да се открива според мерата на намалените страсти преку исполнувањето на заповедите во вид на топлина во срцето која е последица на истрајното призивање на Господ Исус Христос;
во вториот случај, духот ги привлекува умот и срцето и ги собира таму во неговите длабочини, ослободувајќи го од вообичаеното лутање.

Во зависност од тие два вида молитва и умот станува или дејствителен или созрцателен. Со своето дејствување и подвиг, тој со Божја помош, ги победува страстите, а со созрцанието – го гледа Бог, колку што е тоа достапно за човекот.


Оваа дејствителна умносрдечна молитва се извршува на следниот начин:

Седни на столица околу педа висока, воведи го умот свој од главата во срцето и задржи го таму.
Од таму призивај умносрдечно:

 Господе, Исусе Христе, помилуј ме!

Притоа задржувај го дишењето да биде тивко и воздржано, зашто и дишењето е во состојба да ги расејува мислите.
Ако забележиш дека се појавуваат помисли, не обрнувај внимание на нив, па макар тие да се и простосрдечни и добри, а не само суетни и нечисти.

Заклучувајќи го умот во срцето и призивајќи го често и стрпливо Господ Исус Христос, наскоро ќе ги совладаш таквиот вид на помисли и ќе ги истребиш, победувајќи ги на невидлив начин преку Божественото име.

 Свети Лествичник вели:

Со Исусовото име, удри врз непријателите, од тоа не постои појако оружје ниту на небото, ниту на земјата.


Кога умот ќе изнемошти од тој подвиг и кога ќе се изморат срцето и телото од напорниот потфат од честото призивање на Господ Исус Христос, тогаш стани и пеј или размислувај за некое место од Светото Писмо, или занимавај се со сеќавањето на смртта или со читање или ракоделие или со нешто друго.


Кога ќе го прифатиш тој молитвен подвиг, тогаш ти приличи да читаш само такви книги каде што се изложува учењето за внатрешниот живот за духовната трезвеност, за молитвата.

Тука спаѓа Лествица, словата на Исак Сирин, аскетските книги на Максим Исповедник, Симеон Нов Богослов, Исихиј, Филотеј Синајски и други слични списи.

Книгите од друг вид привремено сите остави ги, не затоа што тие не се добри, туку заради тоа што при такво расположение и стремеж, не е поволно со нив да се занимаваш: тие може да го оддалечат твојот ум од молитвата.
Читај малку, но читај задлабочено и со усвојување.


Молитвословието немој да го изоставуваш. Некои го држат големото молитвено правило, некои во потполност го изоставуваат молитвеникот, молејќи се на Бога само со умната молитва.

Ти одбери ја средината; не натрупувај многу молитви, зашто тоа може да смутува; немој, меѓутоа, ниту во потполност да ги изоставиш, потребни се во случај на немоќ и раслабеност.

 Ако забележиш дека молитвата дејствува во тебе и не престанува сама да се движи во твоето срце, немој да ја прекинуваш и да се прифаќаш за молитвеникот.

Тоа би значело да се остави Бог внатре, да се излезе, и однадвор да се започне со Него да се разговара.
 Оние, кои сè уште не стекнале молитвена сила и енергија, треба многу да молитвословат, за од таквиот тегобен молитвен труд да им се загрее срцето и во него да почне дејството на молитвата.

Оној пак , кој на крајот ќе вкуси од таа благодат, таквиот треба да ги чита молитвите умерено, поминувајќи го времето претежно во умната молитва, како што заповедаа Отците.

 Во случај на внатрешна изнемоштеност, треба да се читаат молитви или да се препрочитуваат светоотечките списи.

 Кога ветрот ќе ги надуе едрата, веслата се одвишни ; тие се потребни тогаш кога ветрот ќе ослаби и лаѓата ќе застане.


Силно оружје против непријателот има оној кој заедно со молитвата поседува и скрушен плач, за да не се погордее заради радоста која ја дава молитвата.

Оној кој ја чува таа радосна тага, од секоја штета се избавува.

Вистинска, нелажлива внатрешна молитва е онаа во која топлината, која што се раѓа од Исусовата молитва, запалува оган во земјата на срцето и ги спалува страстите како трње.

Таа ја осенува душата со веселост и мир, не доаѓа ниту од десната ни од левата страна, дури ниту одгоре, туку избива од срцето, како извор вода од живототворниот Дух.

 Само неа возљуби ја и потруди се да ја стекнеш во срцето свое, чувајќи го постојано умот од било какви фантазирања.

Додека си со неа, од ништо не се плаши;
зашто Оној кој рекол: Бидете храбри.
Јас сум, не плашете се – Он е со нас.

Преведе: Мина Даниловска

Друго:

СВЕТООТЕЧКИ ПОУКИ ЗА ВНАТРЕШНАТА МОЛИТВА НА СРЦЕТО (1)