НЕ ЗНАМ, ЌЕ ВИДИМЕ, ИМА ВРЕМЕ!

 

Ова е дијалог на две души. Се случи во Скопје, во едно мајско попладне.

– Се плашам од она што ќе дојде по умирачката!
– Зошто?
– Сум слушнала дека ќе има рај или пекол.
– Како ги замислуваш?
– Во рајот убаво, во пеколот жешко.
– И смрдливо.
– И вечна мака.
– И болно ќе биде, кажано е дека ќе има чкртање со заби. Веруваш во сето ова?
– Што знам...
– Веруваш или не?
– Не сум баш сигурна...
– Па тогаш зошто се плашиш?
– Појма немам, можеби претчувство.
– Се плашиш од нешто во што се сомневаш и не си сигурна дека постои!... Добро, како планираш да се ослободиш од тој страв?
– Не знам.
– Јас знам.
– Како?
– Исповедај се, отфрли ги гревовите, труди се да не ги повторуваш, покај се, подложи се на терапија што ќе ти ја даде искусниот духовник, па причести се, односно обожи се.
– Да се покајам?
– Да.
– Што значи тоа?
– Си убила ли некого во животов?
– Се разбира дека не!
– Не ме сфаќај погрешно, ќе ти поставам едно интимно прашање. Си направила ли, душо, некогаш абортус?
– Да.
– Значи, си убила. За тоа треба да плачеш, да се каеш.
– И јас тоа треба да му го кажам на попот?
– И тоа и сè што лошо си сторила. Да се отвориш комплетно. А сигурно има уште многу злодела што ти лежат на срцето. Си озборувала, си ги местела неистомислениците, си пцуела, си љубоморела...
– А кој не го прави тоа?
– Сите го прават, ама ти си душа што станува свесна дека е душа и затоа сега размислувај за тебе, не за другите. Суди си сама на себе, не се споредувај со никого и знај дека спасението е лична работа, не национална, партиска или колективна.
– Не знам дали ќе можам, срам ми е од непознатиот.
– Потсети се дека таму во пеколот има огин што ќе те пече и никогаш нема да можеш да излезеш од него. Тоа е срамно и болно, а не покајанието.
– Не можам да замислам пред непознат човек да си ги откривам своите тајни...
– Не ги откриваш пред него, директно на Бога Му зборуваш, Нему Му се исповедаш.
– Па тогаш тоа можам и дома да го сторам, насамо со Него.
– Не можеш, немаш искуство во тоа, а и секогаш ќе си наоѓаш по некое оправдување. За да пуштиш солза на покајанието, потребна ти е провокација, а никој сам себе не се провоцира, ни ти нема да успееш во тоа.
– И ако го сторам тоа покајание, ќе воскреснам ли кога ќе умрам?
– Сè во свое време. Кога сме на оваа тема, да те прашам, душо страдна, веруваш ли ти во Христовото Воскресение?
– Па не знам баш.
– Како не знаеш, да или не?
– Сакам да верувам, ама нешто ме кочи.
– Тоа нешто е демонот, тој не ти дозволува да ја согледаш најголемата Вистина и ти ги држи очите полузатворени.
– Ајдееее, до кај ја отера работава! Слушај, ние говориме за живот после смртта, но никој не се вратил да посведочи дека го има.
– А Христос? Нели Тој Воскресна, им се јави на апостолите, се Вознесе и на крај Го прати Духот на Вистината.
– Каков дух?
– Сигурно знаеш дека ние како Христијани веруваме во Света Троица, т.е во Отецот, Синот и Светиот Дух...
– Нешто знам, ама не ми е до крај јасно...
– Бог Отецот е Оној што ја создаде Вселената и Сè, Синот, односно Богочовекот дојде на Земјата, посведочи за Отецот и преку искупителната жртва на Крстот му ги отвори Рајските порти на човекот, а Светиот Дух е Оној што исходи од Бога и му дава на човештвото разум, ум и сила. Човекољубива, добродетелна, Богољубива, смирителна сила.
– Јас мислев дека ние веруваме во Исус.
– Да, веруваме во Него, но Тој е во Едно со Отецот и Светиот Дух. Во моментот кога ќе одиш да се исповедаш, знај дека и Светиот Дух ќе ти помогне да се отвориш кон Вистината што ќе те спаси. А Вистината е Христос.    
– Ах, Ти, Боже, колку си комплициран, премногу бараш од нас!
– Да се биде човек не е едноставна работа, но е многу блажена. Родени сме да Му служиме на Творецот, на совршенството. Служејќи Му на Совршениот, и ние стануваме совршени, чисти и севселенски.
– Времето е топло, се потам.
– И темата е жешка.
– И тешка!
– И слатка!
– Пријатно, душо!
– И на тебе пријатно! И со среќа исповедта.
– Не знам, ќе видиме, има време.
– Времето е бесконечно, но имај на ум дека ние луѓето сме конечни.
– Знам. Ај со здравје!
– Остани во здравје!

Извор:ПРЕМИН бр. 73/74