Старец Јосиф Ватопедски

Кај многумина постои прашањето: Дали можат христијаните кои се наоѓаат во светот да се занимаваат со умствената молитва? Одговараме потврдно. Да! За да ја разберат нашата порака оние кои се заинтересирани, но и за да го разберат нашето укажување оние кои не знаат, накратко ќе го објасниме ова прашање за да не се збунат од можеби различното толкување и назначување на умствената молитва.

Воопшто молитвата е единствената задолжителна и неопходна работа и добродетел за целата словесна природа, сетилна и духовна (човечка и ангелска), и затоа имаме заповед непрестано да ја работиме.

Молитвата не се дели догматски на форми и начини, туку , според нашите Отци, секоја форма и начин на молитва се полезни, само да не станува збор за некаква демонска прелест и демонско влијание.

Целта на оваа седобродетелна работа е да го насочува и да го држи умот на човекот во Бога. Значи, заради таа цел нашите Отци измислиле полесни начини и ја поедноставиле молитвата, за да може умот полесно и постабилно да се насочува и да пребива во Бога. Во другите добродетели посредуваат и други органи и сетила на човекот, а во блажената молитва умот целосно сам дејствува и, следствено, потребен е голем труд за да се активира и да се задржи за да биде молитвата плодоносна и прифатлива.

Нашите најсвети Отци, кои целосно Го возљубиле Бога и чија што главна грижа била да се соединат со Него и да пребиваат непрестано со Него, го насочувале целиот свој напор и труд кон молитвата.

Нема да зборуваме за другите начини на молитвата, кои им се познати и вообичаени на сите христијани, туку само за таканаречената умствена молитва. Тоа е тема што ги окупира благочестивите верници, бидејќи истата многу пати не се познава, погрешно се толкува и се опишува речиси фантазерски.

Ќе ги оставиме нашите Отци да нé водат кон точниот начин на примена и резултати на оваа боготворна добродетел, од очистувањето до осветувањето, кон кое нé води. Ќе кажеме само толку колку што е доволно да им разјасни и да ги убеди нашите браќа кои живеат во светот, за да се занимаваат со неа (молитвата).

Отците ја нарекуваат умствена, затоа што се врши со умот. Ја нарекуваат и трезвеност, што го означува истото. Нашите Отци умот го определуваат како слободно и љубопитно битие, кое не поднесува ограничувања и ниту се уверува многу за нешто што самиот не може да го дофати. Затоа, прво одбрале само неколку зборови во една наједноставна молитва (Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме) за да не е потребен голем напор на умот да задржи издолжена молитва и, второ, го вратиле умот внатрешно и во центарот на нашето словесно битие. Пребивајќи таму неподвижен со Божествената повикување на најслаткото име на нашиот Господ Исус, очекува колку што може побрзо да ја почувствува Божјата утеха.

Невозможно е, според нашите Отци, бивајќи постојано и упорно повикуван, нашиот Себлаг Владика Христос (Кој толку многу го посакува спасението на луѓето), да не слушне и да не се појави.

Меѓутоа, како што природната добродетел, која сакаме да се постигне, има потреба и од соодветни средства, така и оваа свештена работа има потреба од неопходните елементи. Тихувањето, безгрижноста, одбегнувањето на дознавање и раскажување на настани (кое Отците го нарекуваат: давање земање), општото воздржание и од него општото молчење, упорниот континуитет и навика не мислам дека им се неизводливи на благочестивите, кои се интересираат за оваа свештена работа. Вршењето на молитвата, во некој временски период од денот (секогаш истиот период), ќе биде добар почеток.

Ја нагласивме упорноста како најнеопходен елемент во молитвата и праведно ја нагласува и Павле со зборовите: Бидете постојани во молитвата (Кол. 4, 2). Од сите останати добродетели за молитвата е потребен особен труд во целиот наш живот и затоа им повторувам на оние кои се трудат во ова свештено дело да не се откажуваат, ниту да ја сметаат потребата од упорност како неуспех.

Во почетокот, кога се среќава внатрешна присила и реакција, неопходно е молитвата да се кажува шепотејќи или посилно. Кога ќе се постигне таа добра навика, та молитвата со леснотија да е присутна и да се кажува, тогаш можеме да се насочиме и внатрешно со совршено надворешно молчење. Во првиот дел од книгата Расказите на еден поклоник се дава еден добар пример за воведот. Значи, добрата упорност и труд секогаш со истите зборови на молитвата, без да се менуваат често, ќе ја роди добрата навика. Таа потоа ќе го донесе држењето на умот, при што ќе се пројави присуството на Благодатта.

Како што секоја добродетел му соодветствува на еден резултат, така и молитвата како резултат го има очистувањето и просветлувањето на умот и го достигнува крајното и совршено добро, а тоа е соединувањето со Бога, односно обожувањето. Меѓутоа, Отците го велат и ова: Човекот треба да бара и да се обидува да влезе на патот што води во градот, а ако случајно не стигне до крајот, затоа што поради многу причини не успеал, тогаш Бог ќе го вброи со оние кои стигнале.

Сите ние христијаните треба да се бориме во молитвата, а особено во таканаречената еднореченична или умствена молитва. Каде што ќе стигне секој еден, многу полза ќе има.

Кога е присутна молитвата, тогаш човекот не му се предава на искушението кое демнее, затоа што нејзиното присуство е трезвеност и следствено на тоа оној кој бдее и се моли не паѓа во искушение. Потоа, човекот не ñ се предава на помраченоста, па да биде бесмислен и да греши во својата проценка и одлука. Потоа не паѓа во мрзливост и немарност, кои се основата на многу зла. И не бива совладуван од страсти и слабости, особено кога причините се блиску. Напротив, се зголемува неговата ревност и побожност, станува расположен за вршење добри дела, кроток е и незлопамтив, секојдневно се зголемуваат верата и љубовта кон Христа и тоа го поттикнува за постигнување на сите добродетели. Имаме премногу примери на современи луѓе, особено млади, кои со добрата навика на молитвата се спасиле од страшни опасности или падови во големи зла или од смртни опасности.

Според тоа, повторувам, молитвата е должност на секој верник од секоја возраст и род и состојба, без разлика на простор и време и начин. Молитвата секогаш останува истата и им станува на сите тоа што им е потребно и што ги окупира, при што според Писмото, секој кој ќе го повика името Господово, ќе се спаси (Дела. 2, 21).

Не постои опасност од прелест, како што шират некои неуки, само е доволно молитвата да се кажува на едноставен и смирен начин. Многу е неопходно, кога се кажува молитвата, да нема во умот никаква слика, ниту на нашиот Владика Христос, во било каква форма, ниту на Богородица или на некоја друга личност или претстава. Сликата е начинот на расејување на умот. Преку сликата се случува влегувањето на помислите и на прелеста. Умот треба да пребива во смислата на зборовите на молитвата и со многу смирение човекот да ја очекува Божјата милост. Евентуалните фантазии, или светлини, или движења, извици и врева се неприфатливи ѓаволски техники за да попречат или за да измамат.

Начинот на присуството на Благодатта кај почетниците е духовна радост, или тивки и радосни солзи, или тивок страв од сеќавањето на гревовите за да се зголеми тагата и плачот. Во понапредна фаза Благодатта станува чувство на Христовата љубов, при што целосно исчезнува расејаноста на умот и толку се стоплува срцето во Божјата љубов, така што мисли дека нема да издржи повеќе, а понекогаш, пак, размислува и сака да остане за секогаш токму така како што се наоѓа  и ништо друго да не види или да чуе.

Сите овие и разни други форми на помош и на утеха се воведни кај оние кои се трудат да ја кажуваат и да ја држат молитвата, колку што зависи од нив и воопшто колку што можат.

До овој степен, при кој работите се толку едноставни, мислам дека секоја православна душа, крстена и со вера, може да ги примени и да се наоѓа во таа духовна радост и веселие, и истовремено да го има Божјиот покров и помош во сите свои дела и дејствија.

Пак го повторувам мојот поттик кон оние кои Го љубат Бога и своето спасение: Да не доцнат да ја испробаат оваа свештена работа и нема да наоѓаат зборови да Му благодарат на Бога заради Неговата благодат и милостиња, што им ја доделува на оние кои малку се трудат во оваа работа. А ова го велам за да имаат храброст, да не се поколебаат или да не стануваат малодушни поради малата реакција или замор што ќе ги сретнат. Современи Старци, кои сме ги запознале, имаа во светот многу ученици, мажи и жени, брачни и безбрачни, кои не само што стигнаа во воведната состојба, туку се издигнааа повеќе со Благодатта и милосрдието на нашиот Христос. Мислам дека не постои поедноставно, полесно и од речиси сите постигливо духовно занимање од оваа мала молитва, со толку голема полза и напредок, во денешниот хаос на вознемиреност, одрекување и неверие. Неопходно е и кога седи некој и кога се движи и кога работи и дури кога се наоѓа во кревет и воопшто каде и како и да се наоѓа, да ја кажува оваа мала молитва. Оваа молитва ја содржи и верата и исповедањето и повикувањето и надежта и со толку мал напор и незначителен труд ја исполнува севкупната заповед: молете се непрестано (1. Тим. 5, 17), со сето свое огромно значење и резултати.

Во било кое слово на нашите Отци и да се сврти некој или во нивните прекрасни житија, нема да сретне речиси ниту една друга добродетел да се брани толку и да се применува со ревност и упорност, така што самата таа го претставува најсилното средство на успехот во Христа. Немаме цел да ја изложуваме или да ја опишуваме оваа царица на добродетелите, затоа што било што и да кажеме ние, повеќе ќе ја намалиме. Нашата цел е да го поттикнеме и да го охрабриме секој верник во нејзиното вршење и, потоа, секој ќе се поучи од своето искуство, затоа што ние многу малку кажавме.
Потрчајте сите кои сте во недоумица, сите кои сте во безнадежност, сите кои сте оскрбени, сите кои сте во незнаење, сите кои сте маловерни и сите кои на разни начини сте во искушенија, кон утехата и кон решението на вашите проблеми. Нашиот сладок Исус Христос, нашиот живот, нé известува: без Мене не можете да правите ништо (Јован. 15, 5).

Значи, ете, кога постојано Го повикуваме никогаш не остануваме сами и следствено сé можеме и ќе можеме со Неговата помош. Ете ја правилната смисла и примена на значајните зборови од Писмото: повикај ме во тежок ден и ќе та избавам (Пс. 49, 15). Ние не само во тежок ден, туку непрестано да го повикуваме Неговото пресвето име, за да се просветлиме и така ќе постигнеме и да не влегуваме во искушенија. Ако некој сака да достигне и повисоко, каде што ќе го привлече сесветата Благодат, ќе мине пак низ овој вовед. А кога ќе стигне на тој степен, тогаш Благодатта ќе го информира соодветно.

Како епилог на ова што е напишано, го повторуваме нашиот поттик, или поточно охрабрување кон сите верни дека можат и се должни да се занимаваат со молитвата Господи Исусе Христе, помилуј ме, односно со таканаречената умствена молитва, со сигурна вера дека ќе имаат многу полза на било кој степен и да стигнат. Сеќавањето на смртта и смирениот начин на мислење, со другите помошни средства кои ги наведовме, го гарантираат успехот, со Благодатта на Христа, Чие што повикување ќе биде целта на доброто занимавање.


Превод:
С. С.

Посети:{moshits}