angelot-od-kurbinovo[1].jpg

Владимир Легојд, "Фома" №8/05


Човекот не се издвоил од светот на животните во оној миг кога зел стап и со него почнал да ги бере плодовите од дрвјата, туку кога го поставил прашањето зошто тој воопшто се појавил во светот, во што се состои целта и смислата на неговиот живот. Односно, не тогаш кога почнува самиот да твори, туку кога појмил дека самиот е сотворен. Единствено кога го спознал тоа, можел да го восприеми својот живот како дар и како вредност. Човекот е – личност, зашто неговиот Творец е Личност. Човечкиот живот има вредност благодарение на својата врска со Највисоката вредност, со Изворот на животот. Секоја човечка соединетост – семејството, општеството, државата – неизбежно се поврзани со таа највисока вредност. Потпирајќи се врз неа, никнуваат човечките општества, а кога ќе почнат да ја игнорираат – тие исчезнуваат. Историјата на човештвото е постојано и силна потврда за тоа.

Вистинското единство е можно само тогаш кога во неговата основа лежат вредностите со кои никој не може да манипулира. Ниту државата, ниту општеството. Таквите вредности не можат да бидат измислени од партии, чиновници, од народот. Тие мора – според логиката на својата суштина – да ì претходат и на државата, и на општеството. Вакви вредности – по дефиниција – нема и не може да има во плодовите на човечките раце и на човечките мисли.   

Во традиционалните монотеистички религии таквите вредности се определуваат од културата како резултат на откровенија. Поточно, тие ја градат културата, стануваат нејзин фундамент, ја исполнуваат со смисла преку религиозни символи и ритуали. Во нив се наоѓа гранитно цврста вистинска слобода, заснована на таинствената врска на човекот со неговиот Творец.

Барајќи се себеси, општеството секогаш се движи или кон овие највисоки вредности, или спротивно од нив. И кога главниот празник на некоја земја е поврзан со настан кој дефинитивно го разурнува нејзиното вредносно единство, тоа претставува смртна осуда која веќе се спроведува. Сите ние сме сведоци на тоа. Така, 74 години Русија го празнуваше денот којшто ја уништи обединетата Русија, денот на срамот и на братоубиството, почетокот на крвавата револуција.

На крајот, треба да се каже дека општеството може да се најде себеси само на патот кон оние вредности коишто се над партиските програми, над политичката коректност и економската целисходност – при сето уважување и значење на последните. Вистинското единство може да се најде само на патот на верата и на чистотата. Во тоа е надежта. „А надежта, пак, не посрамува“ (Римјаните 5:5).