Korica.Detetovosvetotnatv.jpg

ПРОТИВОТРОВ

Сега, благодарејќи Му на Бога, постои обемна литература од христијанската педагогија и родителите можат да се запознаат со нејзините принципи и увиди.
Да се задржиме само на едно прашање, на што е и посветена нашава книга: како да му се помогне на детето да го сочува телесното и духовното здравје во современиот свет на машини и на компјутери? Како да се спречи впечатокот од влијанијата што ја трујат душата, притоа, не правејќи од детето старо-мало (дете кое зборува како возрасен) суштество и не скратувајќи му ги неговите детски игри и другите радости на детството? Како, накрај, да се одгледа и да се воспита да постане духовно и душевно здрав и морален човек, не претворајќи го неговиот живот во низа неразбирливи „моралистички" забрани?
Супстанцијата што го запира делувањето на отровот или придонесува во борбата на организмот против отровот се нарекува - серум или противотров. Оф, колку тоа би било добро на детето да му се даде таков духовен противотров што ќе му помогне да отфрли се што е штетно за душата и потоа повеќе да не се грижиме и да не стравуваме за него и за неговото спасение! Ама тоа, природно, не е можно, бидејќи се работи за жива личност, а не за заморче. Значи, неопходен е постојан духовен и воспитувачки труд околу детето и неговото воспитување.
Во поглавието за чувствата говоревме дека лошата помисла може да се оттргне, ако се замени со некоја друга, добра мисла. Ако душата на детето се труе со лоши влијанија, зар тие тогаш не можат да се сузбијат или да се ублажат со помош на добрите? Секако дека можат. Такво добро и за душата духовно полезно влијаније е токму тој духовен „противотров" што им е потребен на денешните родители - христијани.
Специјалистите за детска психологија одамна забележале дека детето е секогаш повеќе емоционално отколку логично битие: тоа ги памти чувствата, а не фактите. И понекогаш влијанието од овој или од оној случај, што често за возрасните е безначаен, останува во неговото сеќавање преку целиот живот. Многу одамнешни случаи ние ги помниме единствено затоа што тие биле следени со големо душевно возбудување: или со нешто сме биле потресени, или длабоко повредени, или обратно, сме наишле на разбирање и на љубов таму каде што тоа не сме го очекувале. А убавите впечатоци, понесени од родителскиот дом, од дружењето со родителите - тоа е наша голема драгоценост и богатство за цел живот.
Значи, колку што е можно, да ги пазиме децата од штетните влијанија за душата со убави и полезни влијанија за неа. Да бараме добри „противотрови" за лошите отрови на денешницата што ги трујат умот и душата на нашите дечиња. Тоа се, пред се, семејното христијанско воспитување и побожна, мирна и сложна атмосфера во семејството, што детето ги впива со целото свое битие. Потоа, редовни одења в црква на богослужба, посетување на веронаука, музичко училиште, одење на излети во манастири или на свети места и слично на тоа.
 

(Продолжува)

Korica.Detetovosvetotnatv.jpg

Прот. Александар Дубњин - ДЕТЕТО ВО СВЕТОТО НА ТЕЛЕВИЗИЈАТА И НА КОМПЈУТЕРИТЕ

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство
Господин Тимотеј
Православен Митрополит Дебарско - Кичевски и Плаошко – Струшки

Издавач: Издавачка установа „Канео“- Охрид, 2004

Друго: