Korica.Detetovosvetotnatv.jpg

ДАЛИ Е МОЖНО ДА ГО ЗАШТИТИМЕ ДЕТЕТО?

Во московскиот храм само што завршило богослужбата. Седумгодишното дете, коешто помага во олтарот, стои крај продавницата со икони и, сериозно, заинтересирано разговара со својот врсник. За што? Можеби детето кое прислужува во олтарот го убедува другарот почесто да доаѓа в црква? Или му објаснува како е уреден храмот...? Оф, тоа му зборува за некој посебен биоробот што е: дали е играчка, дали е јунак од цртан филм, не се знае...
Притоа, во куќата на детето нема телевизор; неговите родители, верници, црковни луѓе, никогаш не би му купиле таква „страшна" играчка. Тогаш, од каде е неговата информираност и стремеж кон она што родителите со сите сили настојуваат да го исклучат од неговиот живот? Значи, видело од другарите во одделението, во училиштето, во двориштето, се заинтересирало...
Во современиот свет е тешко да се сочува душата да не се извалка. Писателот В. Крупин пишува: „Одиш по улица, ја креваш главата: целата улица е во реклами на разврат и за корист; го вклучуваш телевизорот - во него лоши духови на пропаганда на насилство и поклонувања на златното теле; ги отвораш весниците - трошење, баналности, скандали, ужаси... А што да се прави...?
Светите Отци имаат конкретен одговор за тоа. Трезвеност и воздржување. Кога го прашале преподобниот Јован Колов како тој ги одбива од себе помислите, тој рекол: „Јас наликувам на човек кој седи под високо дрво и гледа дека му се приближуваат мноштво ѕверови и змии; ако тој не може да им се спротивстави, тој се искачува на дрвото и се спасува. Така и јас, самувајќи во својата манастирска ќелија, ги гледам лошите помисли што се креваат против мене; кога не можам да им се спротивставам, итам кон Бога на молитва - и се спасувам".
Сфаќајќи дека „материјалот" за грешните помисли првенствено ни го испорачува паднатиот свет, светите пустиници умееле да ги затворат прозорците на душата од случајните влијанија. Во Отечникот има поучна приказна за еден пустиник, кој бил принуден да тргне на пат, на повик на епископот, во пренаселениот град. По враќањето, на прашањето од братијата: „Каков е градот?" - тој одговорил: „Освен епископот, јас таму не видов ниеден човек" и, забележувајќи ја недоумицата на братијата, дообјаснил: „Јас себе се принудував да не гледам никого".
Токму така, во духот на светите Отци, проблемот на заштита на душата го решава и В. Крупин: „А што да се прави..."?
Природно, да се настојува да не се гледа телевизија, да не се читаат весници, рекламата да се доживува како обоена дамка на оградата или на зградата и да се моли..."
Природно, тој совет, пред се, е упатен на возрасните, свесните христијани. А што е со децата?
Може ли денес да се изолира чистото дете од демонските влијанија што не опкружуваат од сите страни? Тешко. Дури и ако го отпишеме од училиште и го учиме во домот (што ни одблизу сите не се во состојба), родителите нема да го сочуваат од мноштвото штетни влијанија.
Па, што да се прави? На детето да му се објасни делувањето на помислите или на страстите? Да се апелира на подвиг на трезвеност и воздржувања? Да му се заповеда на детето да оди по улицата со спуштен поглед како монасите? Секако дека тоа не е можно, и не е упатувачко, па дури би било и погрешно и штетно, просто заради тоа што детето со својот ум и со душичката не би било во состојба да го сфати и што кај него би можело да предизвика збунетост или може да му нанесе духовна штета.

 

(Продолжува)

Korica.Detetovosvetotnatv.jpg

Прот. Александар Дубњин - ДЕТЕТО ВО СВЕТОТО НА ТЕЛЕВИЗИЈАТА И НА КОМПЈУТЕРИТЕ

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство
Господин Тимотеј
Православен Митрополит Дебарско - Кичевски и Плаошко – Струшки

Издавач: Издавачка установа „Канео“- Охрид, 2004

Друго: