(Нерко-ерви)

Сергеј Бољшаков

Седев тогаш со Нина Николаевна на балкончето на нејзината шумска „дача“ (летниковец) во Нерко-ерви, сред огромните шуми, кои се пружаат од Куоми на југ, кон тундрите на Лапландија. Летниковецот се наоѓаше во густата шума, на брегот на тивкото езеро. Сонцето заоѓаше и ги златеше тивките води. Јас сo уживање го набљудував езерото и играта на боите на него без престанок. Наутро езерото стануваше темносино, како огледало, па модро, а пред вечер, пак златесто, потоа црвено, виолетово, црно. Синото небо беше без облаци. Некои птички пееја во шумата. Од цветните леи лесно се ширеа мириси од цветовите и свежината на езерата. Мажот на Нина Николаевна и децата веќе легнаа да спијат, само уште ние останавме на балкончето, воодушевено уживајќи во промената на боите на езерото. Белата ноќ на северот владееше во сета своја убавина.

-Кај вас тука е толку тивко, Нина Николаевна, како на друга планета или пред тристотини години, кога имаше малку свет, и немало ниту железнички пруги, ни автомобили ни авиони. Но, и тогаш луѓето, кои бараа тишина, одеа подалеку на север, на островите на Северно Море, на Соловки (Соловјецки острови).

-Јас само тука можам да ја одморам душата, Сергеј Николаевич! Никого тука нема, само езерото и шумите, нема ни градови ни села. Толку е тешко да се живее во големиот град: врева, затруен воздух, брканица, многу луѓе. А каде има луѓе, тука има и интриги, зависти, клевети и слично. Кога бев мала, сета таа брканицаи врева ми се допаѓаа. Надворешните нешта ги сметав за вистински вредности. И секако, грешев. Мојот прв брак беше длабоко несреќен. Мојот маж беше убав и умен, но површен и аљкав човек, без вера и принципи. Кога сето тоа се заврши со трагедија, јас и се вратив на верата. Отидов на Валаам, кај отецот схиигуман Јован да го прашам за совет. „Знаете што, рабо Божја – ми рече тој – не растргнувајте се што се се распадна и што животот е завршен. Вие сте млада и многу тоа уште може да се измени, а тогаш, Господ никогаш не ни испраќа искушенија кои ги надминуваат нашите сили. Секогаш помнете го тоа.

ruskacrkva.jpgПостои едно вакво предание: некој монах многу се жалостел заради тежината на неговиот живот и се негодувал, барајќи полесен крст. И еднаш, видел во сон како да се наоѓа во некоја голема пештера, а сите нејзини ѕидови прекриени со крстови. Таму имало и златни крстови, сребрени, железни, камени и други. И гледај, му се јавил глас: „Услишена е молитвата твоја, избери си себеси крст каков сакаш, според снагата своја!“ И монахот почнал да бара со голема внимателност и нашол, најпосле, мал дрвен крст. „Може ли да го земам овој крст?“, прашал. –„Но тоа и е твојот крст, сите други се потешки!“, му одговорил гласот. Вам ви се чини дека вашиот крст е тежок, а јас како Старец толку често слушам такви ужаси, што е грев Бога со тоа да Го разгневувате. Молете се почесто, повторувајте ја барем од време на време Исусовата молитва и предајте и се на волјата Божја, и Самиот Господ Бог ќе  ви укаже на патот по кој ќе одите. Тогаш дојдете при мене и јас ќе ви кажам што можам“. И тогаш Старецот ми дозволи да си појдам.

Поминаа неколку години. Јас имав скромна служба и живеев тивко, тивко. И иако веќе имав триесет, ми пријде еден господин, не многу постар од мене, и ми предложи да играм со него. Јас се согласив. После тоа се сретнавме уште два пати. Ми кажаа дека тој господин е ерген, еден од најбогатите луѓе на Скандинавија, почитуван и уважуван од сите. Тој, мојот сегашен маж, беше многу интересен човек. После два или три месеци на нашето познанство, ми предложи да станам негова жена. Моите родители беа воодушевени: каква „партија!“. Но, горејќи се од прв пат, бeв навистина внимателна и барав време да размислам за одговорот. Мојот свршеник се согласи.

Отидов потоа на Валаам кај Старецот да барам совет и се да му раскажам. Тој размисли неколку минути, а потоа кажа: „Рабо Божја, се сеќавате ли што ви велев тогаш, дека Сам Бог ќе ве изведе на патот кој треба. И ете, ве изведе. Само, паметете дека жалостите и страдањата нема да исчезнат, туку само ќе се променат. Наместо малиот дрвен крст, живот смирен, оскуден и неприметен, ви се дава многу потежок, крст од злато, но и тој е можно да се носи, ако се подвизуваме во милосрдие и добродетелство, но тој е многу потежок. Ќе ви завидат, ќе ве клеветат, ќе настојуваат да ве скараат со мажот и неговото семејство, итн. Но ако не се врзете за богатството и почестите, а тие наскоро ќе дојдат, и за светска суета, ќе можете да си го сочувате духовниот мир, особено ако се подвизувате во Исусовата молитва, колку што се може. И уште ви советувам , повлекувајте се, барем на месец дена, секоја година на некое затурено место и предавајте и се таму на молитвата и богомислието. Ќе увидите дека тоа е корисно.

И ете, јас сум мажена веќе многу години и секоја година доаѓам тука на месец дена. Во почетокот, мажот и децата не беа задоволни, а денес самите едвај чекаат кога ќе дојдеме тука. Овде е како во рај. И треба да кажам дека Старецот беше во право. Крстот на милионерството е потежок од крстот на сиромаштвото и поопасен. Толку е лесно да се западне во гордост и окаменета нечувствителност кон туѓите страдања.

На Нов Валаам денес живее чудесен Старец, јеромонах Михаил Затворник. Поразговарајте со него за своите тешкотии и тој ќе ви даде совет како искусен наставник. Забележав во животот  дека, ако тврдоглаво тежнееш кон нешто, без оглед на сите препреки кои ќе настанат, макар и со големи напори да го достигнеш посакуваното, дека тоа ќе биде не на корист туку на пропаст. Или сосема ќе се измориш и се ќе ти стане сеедно или ќе увидиш дека тоа не вредело толку труд. Што е од Бога, тоа само доаѓа, ете како се вели во Евангелието – Царството Божјо не доаѓа на видлив начин, зашто Царството Божјо е внатре во вас. Одамна, одамна, кога почнаа моите неволји со првиот маж, и велев на мојата мудра тетка: „Ќе си одам од кај мажот, ќе отфрлам се, и пак ќе бидам весела и темпераментна како порано!“ Тетка ми пак, ми одговори: „Ете, се гледа дека си млада, Нина! Од себе никаде нема да побегнеш, а ако ти е во душата мир, секаде ќе ти биде добро. Од жалоста во животот нема да побегнеш, треба да се трпи, да се моли и да се чека – и Господ во свое време ќе го покаже патот“. Така и е. Но, во младоста тоа не може да се сфати.

Замолчевме. Езерото стана црно.

-Скоро е 11 часот навечер – забележа Нина Николаевна – а светло е како по ден. Време е за почивка, Сергеј Николаевич! Лека ноќ!

Подготвил: Б.Ѓ и Б.М

Посети: {moshits}