Korica.Detetovosvetotnatv.jpg

Како што пишуваат весниците, денес само во Русија повеќе од 100 000 деца се организирани во самостојни криминални групации и банди. Десетина деца станале убијци. Притоа, убиствата што ги направиле групите деца што се на возраст од 10 до 12 години не се мотивирани и чудни и врз себе носат трага на посебна суровост, на вистинска крволочност. Помеѓу малолетните деликвенти има и деца од потполно ситуирани семејства коишто навикнале секогаш да имаат се. Тие податоци сведочат за посебно длабоко духовно растројство на целокупното современо општество.
Ако на тоа му се додаде и физичкиот недостатoк на денешниот ученик (според статистиката, тој е многу послаб и тежината му е 5 кг. помала отколку кај неговиот врсник пред 10 години), психичкото растројство и неговата длабинска расипаност - пред нас ќе се појави застрашувачка слика на иднината на нашето општество.

Честопати родителите очајуваат кога зборуваат за својот син или за ќерката: „Колку тој (таа) е суров кон нас! Колку е студен и рамнодушен кон нашата болка, кон нашиот живот!"

Чувството дека секоја човечка личност е посебна, неповторлива, изгледа, отсекогаш е всадено во нас. Реакцијата на чистото, скоро безгрешно дете кон туѓата болка, секогаш е жива и длабока. Како и кај смртта. Тоа на сите им посакува добро и радост. Кому не му е познато дека детето не сака приказни со тажен крај! Самата помисла дека некој пател и дека на крајот не добил утеха (разбирлива за детската свест), предизвикува длабока потресеност во детската душа. Затоа во училиштата по веронаука искусните вероучители знаат дека не треба на малите деца да им се раскажува за житијата на мачениците - страстотерпци и уште повеќе не треба детално да се опишуваат поединостите на нивните маки. Подобро е да се зборува за праведниците, за светите војници, за старците, за чудотворците, за чудните лекувања на болните, за случаите на чудните избавувања од опасности, за потресното опростување, за покајанието и слично на тоа.

Петгодишно девојче, израснато покрај храмот (ќерка на жената во црква која ги подготвувала просфорите), првпат слушнало за житието на Алексиј човек Божји: за тоа, како тој веќе умрел и лежел во сандакот, и дека дури тогаш родителите дознале дека тој, сиромавиот, слугата, е нивниот сакан изгубен син! Ама на девојчето нешто овде му недостасувало. Тоа одбивало да се помири со таквиот, за него тажен крај и упорно прашувало: „Ама, мајката и таткото тогаш си го земале од сандакот?" Навистина, кога веќе го препознале, кога го нашле, како пак да го остават да биде сам? Сега замислете, на тоа или на некое друго девојче или на некое момче, секој ден да му кажуваат за убиства, за мачења, за космички војни, за кризи, за кражби, за демонстрации, за апсења, за претепувања и да им ги прикажуваат, дали ќе се сочува тоа трепетно чувство на безусловна вредност и неповторливост на животот на еекој човек? Не, побргу ќе биде, детето постепено да ја прифати мислата (што ќе се обликува заедно со чувството на несвесен и опсесивен страв) дека човековиот живот не е ништо, дека човекот е како бубачка што можете да ја згмечите или е робот што можете да го „исклучите". Детето ќе научи да ја доживува смртта како нешто што, иако е страшно, сепак секојдневно и постепено во него ќе се развива рамнодушност кон другите и кон светот којшто го опкружува.


Потоа веќе не можете да очекувате дека ќе го трогне мајчината умореност или главоболката на таткото, или старечката изнемоштеност на бабата...

(Продолжува)

Прот. Александар Дубњин - ДЕТЕТО ВО СВЕТОТО НА ТЕЛЕВИЗИЈАТА И НА КОМПЈУТЕРИТЕ

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство
Господин Тимотеј
Православен Митрополит Дебарско - Кичевски и Плаошко – Струшки

Друго: