Митрополит Сурошки Антониј (Блум)


Што значи да се биде христијанин?
Како да се остане христијанин во современиот свет?

Да се биде христијанин, во извесна смисла, е мошне просто. Христијанин е – ученик и пријател Христов. Овие два поими се слични, но меѓу нив има и разлики. Од една страна, ние сме ученици Христови, Негови следбеници, и должни сме да учиме од Него, преку Евангелието, за она во што Тој верува, за она што Тој ни кажува. 
Не напразно го употребив изразот „за она во што Тој верува“. Еднаш, во Москва, еден млад офицер ме запраша:

- Добро, вие верувате во Бога, а Бог – во што Тој верува?
- Бог верува во човека – му одговорив.

bogoslovi4.jpgТоа е мошне важен миг во христијанскиот живот: заедно со Бога, да веруваме во човек, почнувајќи од самите себе. Христос не ни вели напразно дека треба да се сакаме самите себе, и ближните како самите себе. Да се сака, значи да се биде подготвен да се направи сè што е можно за секој човек да може да се радува во својот живот, да расте во полна мера на своите можности и да биде достоен на својот човечки повик. Затоа, првото нешто на што нè учи  Христос кога стануваме Негови ученици е – да веруваме во човекот, да се надеваме на него, да го сакаме дури и по цена на сопствениот живот. А тоа не значи задолжително да умреме за него: може целиот живот да му го посветиме на еден човек или на група луѓе, без да умреме во буквална смисла на зборот, телесно. Но учениците Христови умираат телесно, сведочејќи за својата вера во Христа. Понекогаш човекот треба да умре за другиот да може да дише слободно, да оживее, да најде простор во својот живот; треба да се жртвува заборавајќи на себе, за да си спомне за друг човек. Никој нема поголема љубов од оној кој е подготвен да го даде својот живот за својот ближен. А животот може да биде долг и тежок. Кога човек не мисли на ништо што е поврзано со него самиот, туку само на можноста да служи на друг човек и на други луѓе – тоа е првиот чекор.  
Да се биде ученик Христов – значи да се верува во човек, почнувајќи од себе и продолжувајќи со сите други. Убедени сме дека во секој човек постои светлина, постои добро. Светлината во темнината свети. Темнината не секогаш ја прима таа светлина, но таа не е во состојба да ја пригуши или сосема да ја задуши. Светлината има самобитност, сила, живот, додека, пак, темнината е отсуство на сето тоа. Во таа смисла, ние сме подготвени да веруваме во човек. Освен тоа, во Евангелието на многу места наоѓаме напомени за тоа на каков начин можеме да ја оствариме својата вера во човек, заедно со Бога, како можеме заедно со Бога да се надеваме – до последниот миг на животот – во тоа дека дури и престапник може да порасне во мерата на достоинството на својот човечки повик. Се случува човек да живее недостојно во текот на сиот свој живот, и наеднаш, судрувајќи се лице в лице со можноста, или со убеденоста дека му се заканува смрт, се освестува и станува сосема поинаков човек. Човек може да живее како престапник, а да умре како праведник. За ова индиректно сведочи преп. Серафим Саровски. Тој вели дека почетокот на животот, годините на детството и крајот на животот, во најголема мера се спокојни, светли и добри, но во средината на животот настапува силна бура. На тоа мора да сметаме кога размислуваме за себе и за другите. 
Често слушаме: за да бидеш христијанин, треба да ги исполнуваш заповедите Христови. Се разбира! Но, заповедите Христови не се – наредби: треба да живееш вака, треба да живееш онака...; и ако не живееш на таков начин, ќе бидеш казнет. Не, заповедите Христови се Негов обид сликовито да ни покаже каков би бил секој од нас доколку стане и доколку биде вистински, достоен човек. Заповедите Христови не се – наредба, тие се откровение за тоа какви сме повикани да бидеме, какви можеме да бидеме и, следствено, какви треба да бидеме.  
Јас напоменав дека ние треба да бидеме не само Христови ученици, но и Негови пријатели.
Се случи кај мене да доаѓаат, поточно, да бидат испратени на исповед деца на седум-осум години – на своја прва исповед. На исповедта детето набројува редица прегрешенија. Јас слушам, а потоа обично го прашувам:
– Кажи ми: дали тоа ти се чувствуваш виновен, или ми го повторуваш она за што те прекорувале твоите родители?
– Мајка ми ми кажа дека на исповед морам да го исповедам тоа и тоа, зашто тие нешта нејзе ја лутат, а со тоа јас го нарушувам спокојството на домашниот живот.
Сега заборави го тоа. Не станува збор за тоа. Ти не си дошол за да ми раскажуваш за тоа што ја лути мајка ти или татко ти. Туку, кажи ми го следново: знаеш ли нешто за Христос?
– Да.
– Си го читал ли Евангелието?
– Мене мајка ми и баба ми ми раскажуваа,  нешто и самиот читав, а и во црквата слушав...
– Кажи ми: дали Христос ти се допаѓа како човек?
– Да.
– Дали би сакал да се дружиш со Него?
– О, да.
А дали знаеш, што значи да бидеш пријател?
– Да. Тоа значи: да бидеш - другар.
– Не, тоа не е доволно. Пријател – тоа е човек кој му е верен на својот пријател во сите животни ситуации; кој е подготвен сè да направи за да не го разочара пријателот, да не го излаже, да остане со него и кога сите други ќе го напуштат. Пријател – тоа е човек кој му е верен на својот пријател до крај. Еве, претстави си: ти си на училиште. Ако Христос е обично дете, и ако целиот клас стане против Него, што би направил ти? Дали би имал доволно верност и храброст да застанеш до Него и да кажеш: Ако сакате да Го тепате, тогаш тепајте ме и мене, зашто јас сум со Него.
Ако си подготвен да бидеш таков пријател, тогаш можеш да кажеш: Да, јас сум пријател Христов; и тогаш веќе можеш да си поставиш пред себе други прашања за твојата исповед. Читај го Евангелието! Од него можеш да разбереш како да живееш за самиот себеси да не се разочараш; како да живееш за Тој да се радува заради тебе, Тој да види каков човек си, каков си станал како резултат на тоа пријателство. Го разбираш ли тоа?
– Да.
– А ти подготвен ли си да го прифатиш сето тоа?
– Да...
Сиот христијански живот се состои во тоа да Му бидеме верен пријател на Христос и постојано да учиме што Тој сака, што е одвратно за Него, која била причината за Неговата смрт, и соодветно на тоа да се однесуваме. Во првите векови на христијанството, да Му бидеш пријател на Христос, да Му бидеш верен, целосно да Му се предадеш, значело – да бидеш подготвен пред лицето на оние коишто Го мразеле, коишто ја прогонувале верата што Тој ја исповедал, да кажеш: „Јас сум еден од нив“. Ако е потребно – да пострадаш за Него. И не само самиот да пострадаш. Во древноста, да пострадаш за Христа се сметало за чест, се сметало за најважно нешто што може да се случи во животот. Има еден мошне трогателен расказ во житијата на светиите за една мајка:

Таа брза во Рим, кон Колосеум, и среќава еден пријател кој ì вели:
– Каде брзаш? Таму ги гонат христијаните.
– Да, – одговара таа, – и јас сакам да умрам со нив.
– А зошто го водиш со себе и своето дете?
– Па како да не го водам? Зарем да го лишам од радоста да умре за Христа?

Во наше време не ни се заканува смрт или опасност со такви димензии и толку постојано. Но, пред нас постојано се поставува прашањето: „Ти со Христа ли си или против Него? Ако дури и во најмали можни детали си подготвен да излажеш, ако си подготвен да измамиш поради страв, или поради своја комоција – ти не си ученик Христов. Ако си подготвен да ја заборавиш потребата на друг човек, затоа што таа ти ја нарушува комоцијата и бара од тебе усилби коишто не си подготвен да ги поднесеш – ти не си ученик Христов. Да бидеш ученик Христов, тоа воопшто не значи за сето време да исполнуваш херојски постапки. Доволно е херојски да извршуваш добри мали постапки од ден во ден; да имаш чисти мисли, коишто би биле достојни на љубовта којашто Бог ја има спрема тебе; да водиш колку што е можно поправеден живот, дури и во случај на опасност, на ризик; да не се срамиш од своето звање христијанин.
Да бидеш ученик Христов – тоа значи подготвеност да кажеш пред луѓето: 
– Да, јас сум Христов. Вие сакате да ме отфрлите? Отфрлете ме. Но јас нема да го оставам Христа само затоа, за да останам ваш пријател.
Тоа е мошне важно. Ретко имаме прилика за херојска постапка, секојдневниот хероизам не ни е потребен. Отец Сергиј Булгаков пред многу години напишал една статија под наслов „Хероизмот и подвижништвото“. Тој напшал дека хероизмот е миг во кој човекот извршува една постапка којашто може да заврши со негова смрт или со негова победа. А подвижништво – тоа е начин на живеење при кое човекот постојано се учи од Христа како да живее; постојано во својата душа ја пушта светлината Христова; постојано се бори да живее достојно на својот човечки повик и на Христос. А што значи човечки повик? Ќе повторам: погледни на Христос. Тој единствениот во историјата на човештвото во целосна смисла на зборот е Човек кој е толку голем, толку едноставен, толку отворен спрема Бога, што Бог и Тој се слеваат во едно, се соединуваат во едно без притоа човекот да престане да биде човек.

Во расказот за воплотувањето на Христос ова игра централна, колосална улога. Ние веруваме дека Бог станал човек, се воплотил, дека Исус, роден од Дева, не престанал да биде, во целосна смисла на зборот, човек сличен на нас. Како е тоа можно? Како може Божеството и човештвото да се соедини на таков начин? Одговорот го дава св. Максим Исповедник, кој ни вели дека Божеството се соединило со човештвото слично на огнот кој во печка се соединува со железото. Еве ставивме меч во печка. Пред тоа тој бил сив, непроѕирен. Го вадиме од печка: тој сиот гори со светлина и со оган. Железото и огнот така се пронижуваат едно со друго, што сега може да се сече со оган, и да се пали со железо. Ние сме повикани токму така да се соединиме со Христос, што Неговиот живот да стане и наш живот. Во Таинствата се открива имено оној миг кога ние се соединуваме со Христос, кога нашето тело станува Тело Христово, како во секој човек одделно, така и во севкупноста на сите луѓе. Отец Сергиј Булгаков рекол дека Христијанската Црква претставува присуство на воплотениот Христос на земјата, затоа што сите ние стануваме членови, честички на Неговото Богочовечко Тело.    

Токму тоа и значи да се биде христијанин.

Подготви: д- р Драган Михајловиќ

  

 Посети: {moshits}