Бог го благословил бракот, најпрво во Рајот, а потоа на свадбата во Кана Галилејска. Во бракот две души се едно, две тела се едно, „неразделно и слиено“. Бракот го скротува сладострастието, а со умножувањето на човечкиот род се умножува и бројот на оние кои можат да го примат Христовото Евангелие и да се спасат.  Затоа, бракот е символ на врската помеѓу Христа и Црквата. Освен брачната, сопружничка врска, постои и друг пат кон Царството Божјо – тоа е патот на монаштвото. Монахот се откажува од бракот не затоа што го презира, туку затоа што сака со сето срце, со сета душа, со сето свое битие да Му служи и угодува единствено на Христа. Негова сопруга е покајанието, а деца му се молитвите и воздишките за Царството Небесно. Меѓутоа, и монасите и брачниците имаат исти христијански идеали, од кои највозвишениот е задобивање на Светиот Дух и вечно заедничарење со Светата Троица. И монасите и мирјаните мораат да го сочуваат целомудрието: монасите воздржувајќи се од брачните прегратки, а мирјаните-сопружници, останувајќи си верни еден на друг и воздржувајќи се од тие прегратки по договор во текот на посрдечен и позасилен пост и молитва. И жителите на манастирите и брачниците треба, чистејќи го своето срце и измивајќи го од се што е грешно, да напредуваат кон очистувањето од страстите. Бракот мора да биде чесен, а брачната постела непорочна (Евр. 1, 4 ). Ревнителите на монаштвото, каков што бил Св. Атанасиј Велики, во исто време се и бранители на бракот: „Блазе му на оној кој во младоста, слободно избирајќи си себеси брачен другар, ја употребува природата за раѓање на деца“. Црковните канони се јасни: „Кој води девствен живот заради Господа, па поради тоа се вознесува пред оние кои се во брак, нека е анатема“, вели 10 Правило на VI Вселенски Собор. Според тоа, патиштата се различни, но целта е иста. Епископот будимски Данило преку споредба ја објаснува целта кон која се оди до врвот на планина, на која верните ги чека Христос. Откажувајќи се од бракот и избирајќи го манастирот, монахот е сличен на планинарот кој до врвот стигнува по покусиот пат, по пострмниот и поопасниот, качувајќи се по карпите и бездните. Оженетиот човек оди по заобиколениот пат, возејќи автомобил; крај него се жената и децата. Оженетиот му се восхитува на монахот, на храбриот планинар кој го ризикува животот по карпите на осамеништвото и одрекувањето; монахот пак, му оддава почит на оженетиот, зашто знае дека ако домаќинот ја изгуби контролата над својот дом, ако го испушти духовниот волан во себе, целото семејство ќе биде повредено. Тоа значи дека домаќинот одговара и за својата сопруга и за своето потомство, додека тој, монахот, одговара само за себе.  И едниот и другиот на врвот ги чека Господ, помагајќи им да ги совладаат искушенијата и да влезат во Рајот.

     Како што рече свети Макариј Велики: „Не бара Господ ниту девојка, ниту мажена, ниту монах, ниту мирјанин, туку бара добра волја и намера, и неа ја прима исто како и делото. По волјата на секој, Он Го дава Светиот Дух, Кој дејствува и управува со животот на секој што сака да се спаси.

 Извор:

http://svparaskeva.110mb.com/duhovnariznica/monastvotoibrakot.html