Никој не се спрема во лов на пудлици. Во лов се оди на моќни, за корист или штета. На ретки се крева хајка. Покрај тоа ретките се и добра мета.
....
Праведници, зошто тогаш се чудите што ве гонат? Не трчаат ли кучињата најдраго по оној кој бега од нив?
Праведници вие проповедате сласт, до која се доаѓа со горчина. Слушајте ли, вие сте аларм за општеството. Општеството сака да зборува за правда, но не сака да ја види правдата.
Да, општеството сака да танцува по железен ковчег, во кој е закључена правдата, но општеството сака да го касне со 77 заби оној, кој се осмелил, да го подотвори ковчегот. Иако, сите сакаат да зборуваат, дека правдата треба да се ослободи од ковчегот.
Праведници вие сте омразени не затоа што зборувате за правдата, туку затоа што вие сте правда. А, општествениот грозд сака да слуша раскази за правдата, но не сака да ја види правдата.
Вие сте разбудени, меѓу заспаните. А, општествениот грозд сака да сонува за правдата, но не настојува да се пробуди. Затоа и го каснува, на оној кој ги буди. Гледај, сите што ги будиме се срдат. Заспивањето е лесно и неосетно. Ама будењето...
Вашите цели се далеки, предалечни. Око не може да ги види, нити уво да ги слушне, нити заб да ги гризне. Затоа вас и ве гонат тие, чии цели се на дохват на забите.
Како што громот слегува да ја расчисти заразената атмосфера, така и праведниците идат, да ја расчистат нагомилената зараза на општествениот грозд.
Навистна, гомилата се плаши од громот и грмењето. Затоа и подигнале громобрани, да ги фаќаат громовите и да ги закопуваат во одреден гроб. И, за вас праведници се подигаат громобрани, тогаш кога вашето грмење ќе го запара воздухот. И вас ве фаќаат во железо и ве спроведуваат во гробници крај патот.
......
Блазе вам, праведници, ако ве гонат. ....
Навистина, со гонењето неправедните ве делат од себе, а вие треба да сте одделени од нив. Не ве гонат ли, ќе ве изедначат со себе си. Ако враните не го гонат гулабот помеѓу нив, и гулабот ќе се почуствува врана.
Добро е што ве гонат. Со тоа докажуваат дека вие не сте она што се и тие, нити тие она што сте вие.
.......
Ве туркаат ли? Но, не расте ли грутката снег од туркање?
Ве понижуваат ли? Луд метод! Со тоа ќе ве дигнат.
Ве лупаат ли? Луд метод! Со тоа ќе ве зацврснат.
Пљукаат на вас? Луд метод! Со тоа ќе ве очистат.
Ве сиромашат ли? Луд метод! Со тоа ќе ве обогатат.
Ве убиваат ли ? Луд метод! Ќе им се вратите како судии. Што вреди, што ве задржуваат на вашиот пат? Оној што ја задржува реката, ќе приготви поплава.
По вас, вселената го брои времето, не по нив.
.....
О, колку сакам што ве гонат. Затоа што вас ве сакам. И , затоа што знам дека од гонењето растете.
О, колку ми е жал што ве гонат. Затоа што нив ги жалам. Затоа што не знаат дека ѕидаат кула на грбот свој, која ќе ги згмечи во смрдлив гној.
Дигнете го лицето свое, нека ве исплукаат што повеќе. Разголете го телото свое, нека што послатко ве изгребат.
......
Да не е така браќа мои, јас би ви советувал: мирете се со безбожниците, мирете се и нурнете го лицето свое во лонецот нивни, во кој тие го гледаат почетокот и крајот на вселената........

Од книгата “Речи о Свечовеку” од св.Н.Велимировиќ

Подготви: З.П.

Посети:{moshits}