Hristos.agnec.jpg
 


Да се љуби простодушно и без страв

Старецот многу пати ми велеше:
„Те советувам секогаш да имаш љубов. Прво љубов, па потоа сè друго.”

***

„Треба да љубиме во едноставноста на срцето, а исто така треба и да се молиме.”

***

„На Бога не треба да му пристапуваш со страв од смртта. Сакам да му пријдеш од голема љубов кон Него. Тоа е најважно, чедо мое.”

***

„Понекогаш добиваш стравови, како што ми кажуваш, а тоа е затоа што доволно не го љубиш Христа. Тоа е сè. Ајде, оди сега, зашто не можам повеќе.”

Љуби прв

Кога му кажував, а тоа му го имав речено многу пати, „Старче, благослови ме да бидам како тебе, што е можно повеќе”, не ме разбираше погрешно, туку ме благословуваше и ми велеше:
„Моли се и љуби. Љуби го Бога и луѓето. Зар не гледаш што прави овде љубовта Христова? Не се прашувај во себе „дали ме сакаат другите?” Ако ти прв сакаш, знај дека и другите исто ќе те сакаат тебе.”

***

Еднаш, една жена, се жалела на Старецот дека никој не ја сака. Како не ја сака мажот и, како не ја сакаат на работа, како најдобрите пријатели ја избегнуваат, а на децата не им е важна. Постојано се жалела.
Старецот ја советуваше сите тие мисли да ги исфрли од главата, зашто тоа не се нејзини мисли.
Наредниот ден, Старецот се прошетал по шумата во близина на манастирот и наишол на група студенти, кои тука дошле на излет. Имаа касетофон и слушаа музика. Во моментот кога тој наиде, од касетофонот се слушаше песна со овие зборови:
„Не барај да те сакам,
љубовта не се бара,
во длабочините на тајните на срцето
има корен и извор.”
Слушајќи ги овие зборови, Старецот се сетил на жената која го посети претходниот ден. Кога дошла вториот пат, ì рекол:
„Не треба да бараме љубов од другите. Треба прво ние да ги засакаме другите, а не да се бориме за нивната љубов. Дури тогаш ќе ни возвратат.” И на тоа ги додаде стиховите од песната.

Hristos.agnec2.jpg

***

„За да те засакаат другите прво треба ти да ги сакаш.”

Кога сакаш, те сакаат

Во текот на еден излет со Старецот, му пријдоа толку многу луѓе, што во еден момент ми рече:
„Гледаш ли што прави љубовта Христова? Тоа секогаш имај го на ум.”

***

Старецот стоеше пред куќата на тркала и ја гледаше групата луѓе, негови духовни деца кои разговараа за него, а потоа го слушнав како полн со радост вели:
„О! Колку ќе биде убаво кога еден ден сите заедно ќе се најдеме во оној живот, во Царството Небеско!”

***

Во една прилика кога луѓето покажуваа голема љубов кон него, Старецот рече:
„Ја гледаш ли љубовта Христова! Големата љубов која ми ја укажувате, длабоко ме допира и ме прави смирен пред Бога, зашто сум толку недостоен.”

Мал поклон – голема љубов

Старецот и јас бевме во посета на еден женски манастир и бидејќи таму монахињите многу ни угодуваа, а кога си заминувавме, немавме ништо да им поклониме во знак на благодарност за нивната гостољубивост, кришум извадив една бонбона од џебот и на разделбата и ја дадов на игуменијата. По некое време, Старецот ми рече:
„Знаеш колку многу направи со тоа што им го даде тоа? Не можеш ни да замислиш.”
Останав без зборови, а во себе помислив: „Ако Старецот сè гледа, тогаш што гледа Бог?” И се прекрстив.

Да те засака Бог

Еднаш, на еден брат Старецот му рекол:
„Треба да му кажеш на Бога да те засака за и ти да го засакаш Него.”
Јас го прифатив тоа така како што ми го кажа Старецот, дури му го раскажав тоа и на Панагопули и на уште еден брат, а тие ми рекоа:
„Но, Бог го сака секој човек, затоа дојде во светот. Што се случува тука?”
Но, како јас што разбрав, Старецот тоа го рече во оваа смисла: Бог ги сака сите луѓе, и добрите и лошите. Но, има и една посебна љубов кон луѓето. Тоа е татковска љубов. И ние можеме да кажеме дека ги сакаме сите, но, во суштина, во стварноста, не ги сакаме. Но, што е сега ова, како сега јас го протолкував ова?
Еве. Ние, често кон некои луѓе сме рамнодушни, или тие се рамнодушни кон нас, а потоа, за да се придвижи нивното интересирање за нас, треба да им ја покажеме својата љубов, па така полека и тие да бидат поттикнати да не засакаат нас кои им ја укажуваме љубовта. Мислам дека тоа мислеше Старецот, Бог да не засака во таа смисла, чувствувајќи ја љубовта Божја и ние да бидеме поттикнати да возвратиме на Неговата љубов.

(Од книгата Солзи за светот - старец Тихон, старец Пајсиј, старец Порфириј)

Подготви: Жаклина Стојановска

Посети: {moshits}