Ѓакон Андреј Кураев

Oblaci.temni.jpgСоздавањето на светот
Пред нас е текст кој изгледа премногу познат и прост, и кој многу наликува на мит. На човек којшто не верува, тој текст му изгледа премногу примитивен, на воцрковен човек – премногу познат.
Но, треба да се каже дека првото нешто на што те учат во семинарија е – да ја почитуваш книгата. Тие те учат на достоинствен начин да се однесуваш кон Книгата којашто несомнено е поумна од тебе и која заслужува да ја проучуваш, а не просто да прелетуваш со погледот преку неа, како да се работи за вчерашен весник. Тоа е – слово Божјо, и во случај на неразбирање, подобро е да пробаш да поднаучиш, а не веднаш да искажуваш несогласување.

Од друга страна, тоа слово му се обраќа кон човекот и очекува од него определена усилба. Библијата е – пат, и за оној што не оди по него, таа е неразбирлива. Секако, тоа пред сè треба да биде усилба на духовен живот, усилба на подвиг.

Но, освен тоа, потребна е и усилба на умот. Според зборовите на Владимир Лоски, руски богослов од 20 век, „ако современиот човек сака да ја протолкува Библијата, тој мора да има храброст да мисли, зашто не може неказнето да се преправа дека е дете; одбивајќи да ја разбереме длабочината, ние, по сила на јазикот со кој се користиме, ја разбираме само површината, што не нè води кон детски восхит спрема на древниот автор, туку кон инфантилност“. 

Или, според јасната формулација на философот Лев Карсавин – „наивните претстави за Бога не влегуваат во содржината на верата“.
Природно е дека разбирањето на еден и ист древен текст се менува со тек на времето. Значи, при анализата на раскажувањето на Мојсеј треба да објасниме: како прво, која смисла на неговите зборови била најјасна и најважна за него самиот и за оние луѓе на кои тој непосредно им ја упатил својата прва проповед. Како второ, како тој текст живе денес во светот на христијанското учење. 
Така, во библиските текстови треба да се разликува смисловната полнота на Откровението и историјата на примањето на тоа прво и целосно Слово од страна на Црквата.

Обидувајќи се да одговори на прашањето што подразбирал Мојсеј под „почетокот“ во кој бил создаден светот, блажениот Августин вели:
„Мојсеј, на кого Бог му дал да ги состави книгите така што множество луѓе да може да ја согледа во нив вистината во различни форми, ги имал предвид сите можни значења. Што се однесува до мене, јас смело објавувам од длабочината на срцето: доколку јас би ја пишувал книгата за највисоката безусловност, би претпочитал да ја напишам така што секој во моите зборови би нашол ехо на онаа вистина којашто нему му е достапна: јас во нив не би вложил една единствена јасна мисла, којашто ги исклучува сите други, за нивната погрешност да не може да ме збуни.“
Едно им било откриено на старозаветните луѓе – а некаков поинаков мозаик од значења им се открил во истите тие книги на луѓето коишто ги читале во новозаветното време. 

Во христијанска претстава, Библијата е целосна книга. Таа не е зборник книги, туку една книга, обединета со едно „лице“ – со Христос. Стариот Завет говори за очекувањето на Искупителот. Евангелието – за Неговиот живот. Корпусот на апостолските текстови, вклучувајќи ја и Апокалипсата, говори за новите судбини на Неговиот народ, за Неговата Црква. Самата Библија е патеводител, „педагок кон Христос“. Таа води кон Бога, кон Омега – и смислата на патеводителот се определува имено од смислата на неговата крајна точка, неговата цел. 
Сè е прикажано така да може во човекот да ја пробуди жедта за искупување: и тоа не со свои сили, туку со Божји. Ако ние внатешно не ја преработиме книгата Битие – ќе го немаме нужниот фон за читањето на Евангелието. Самата смисла на доаѓањето на Христос нема да биде јасна, доколку не ја доживееме тајната на создавањето.

И, напротив, смислата на првите раскази во Библијата ќе биде темна, ако во нив не го видиме подготвувањето за Евангелието. Таа смисла ќе биде уште поискривена, ако во Библијата гледаме само „Еврејски фолклор“. Според зборовите на англискиот поет Т.С. Елиот, оној кој Библијата ја нарекува споменик на културата, всушност ја смета за споменик на могилата на христијанството.  


Библијата е – пророчка книга. Мојсеја, авторот на книгата Битие, го нарекуваат пророк. Но, во неговите книги има повеќе историја, одошто пророштва; во нив има повеќе раскажувања за минатото, одошто за иднината. Зошто, тогаш, тој е „пророк“?

Библискиот пророк не е – футуролог. Тој не ја созерцува иднината, туку волјата Божја. За обично претскажување луѓето сметаат дека идните настани се причина за искажувањата на пророкот, дека тие се отсликуваат во неговата свест и, како последица на таквото свое дејстување, ги раѓаат неговите таинствени зборови. Меѓутоа, во Библијата е обратно: тука претскажувањето е причината за идните настани. Така е претскажано – и така и ќе биде. Зошто? Затоа што Бог е – верен. Така самиот Тој говори за Себе (Повторени закони 7:9). И ако Тој поради Својата љубво ги создал луѓето од небитие – Неговата верност нема да отстапи од нив и со тек на времето. „И до вашата старост Јас ќе бидам Истиот, до вашите бели коси ќе ве носам“ (Исаија 7:4). Кажаното и откриеното од Бога не може а  да не се исполни – затоа што е тоа волја на Неменливиот Творец.

Така, пророк е оној кој ја познава и ја открива волјата Божја, односно оној кој ја гледа смислата на настаните. И во таа смисла, може да се пророкува не само за минатото, туку и за  сегашноста. Мојсеј пророкува за минатото. Мојсеј ја бара Божјата волја во минатото, го опишува создавањето од гледна точка на неговата поврзаност со Бога, а не ја бара природната историја. Предмет на неговто опишување е тајната на постанокот на космосот и местото на човекот во него.


Еве што видел Мосјес во минатото на светот:
[1:1] Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата.
[1:2] Земјата беше безоблична и празна; и имаше темнина над бездната; Духот Божји лебдеше над водата.
[1:3] И рече Бог: „Нека биде светлина!“ И би светлина.
[1:4] И виде Бог дека светлината е добра, и ја оддели  Бог светлината од темнината.
[1:5] И светлината Бог на нарече ден, а темнината ја нарече ноќ. И би вечер, и би утро - ден први.
[1:6] Потоа рече Бог: „Нека има свод среде водата и тој да разделува вода од вода.“
[1:7] И создаде Бог свод; и ја одвои водата од под сводот од водата над сводот. Така и стана.
[1:8] И сводот Бог го нарече небо. И би вечер, и би утро - ден втори.
[1:9] И рече Бог: „Нека се собере водата, што е под небото, на едно место, и нека се појави суво.“ И стана така. 
[1:10] И сувото Бог го нарече земја, а собраните води ги нарече – мориња; и виде Бог дека е добро.
[1:11] И пак рече Бог: „Нека израсте од земјата зеленило-трева, што дава семе, според свој род и вид, и дрво плодородно на земјата, што дава плод и има во себе семе, според својот род и вид!“ И стана така.
[1:12] И пушти земјата од себе зеленило: трева што дава семе според својот род и вид, а и дрво плодородно што раѓа плод, и чие семе е според нивниот род на земјата. И виде Бог дека е добро.
[1:13] И би вечер, и би утро - ден трети.
[1:14] Потоа рече Бог: „Нека се појават светила на сводот небески, што ќе ја осветлуваат земјата за да го делат денот од ноќта и да бидат знаци и за времињата, и за деновите и за годините;
[1:15] и нека светат на сводот небески, за да ја осветлуваат земјата!“ И би така.
[1:16] И создаде Бог две големи светила; светило поголемо да управува со денот, а светило помало да управува со ноќта, и ѕвезди;
[1:17] и ги постави Бог на сводот небески, за да ја осветлуваат земјата,
[1:18] и да управуваат со денот и ноќта, и да ја одделуваат светлината од темнината. И виде Бог дека е добро.
[1:19] И би вечер, и би утро - ден четврти.
[1:20] Потоа рече Бог: „Нека произведе водата лазачи, живи суштества; и птици да полетаат над земјата, под сводот небески!“ И би така.
[1:21] И создаде Бог големи риби и секаков вид животни влекачи, а кои ги произведе водата, според нивниот род, како и секаков вид крилати птици, според родот нивни. И виде Бог дека е добро.
[1:22] И ги благослови Бог, велејќи: плодете се и множете се и наполнете ја водата во морињата, и птиците нека да се множат на земјата.
[1:23] И би вечер, и би утро - ден петти.
[1:24] Пак рече Бог: „Нека произведе земјата од себе разни суштества според родот нивни: добиток, и лазачи, и ѕверки земни според нивниот род“. И би така.
[1:25] И создаде Бог ѕверови земни според родот нивни, и добиток според родот негов, и секакви гадинки на земјата, според родот нивни. И виде Бог дека е добро.
[1:26] Потоа рече Бог: „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие, како што сме Ние, кој ќе биде господар над рибите морски, и над птиците небески, и над ѕверовите – над целата земја и над сите гадинки што се движат по земјата.
...
[1:31] И виде Бог дека е многу добро сè она што го беше создал. И би вечер, и би утро - ден шести.
[2:1] Така се доврши небото и земјата и сиот украс нивни.
[2:2] И ги заврши Бог до седмот ден делата Свои, што ги направи, и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде.
[2:3] И го благослови Бог седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде.

Еден од најважните детали во ова раскажување е следниов: „ И виде Бог дека е многу добро сè она што го беше создал.“ (Битие 1:31). Се работи за тоа дека без тоа сведоштво за Шестодневот не може да се разбере суштината на Евангелието: „Зошто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син...“ (Јован 3:16). Значи, светот е толку реален, а човекот толку вреден, што ја заслужуваат Божјата љубов и грижа. И ако цената платена за зачувување на светот и на човекот е толку висока – распнување на Синот Божји – тогаш какво било происходењето на светот и зошто тој е толку скапоцен во очите на Апсолутот?

За да се разбере спасението на светот, треба да се има на ум дека тој не Му е туѓ на Бога. Шестодневот дава оправдување на космосот (космодицеја): да се биде поинаков од Бога – не е грев. Да се биде материјален – не е грев или порок. За голем број философски и религиозни системи настанокот на материјалниот свет, свет многуобразен и внатрешно расчленет – е последица на нечие паѓање. За Библијата тој свет е, напротив, слободен дар на Творецот. И затоа дојдениот Спасител може да каже дека не дошол да ги ослободи душите од ропството на незнаењето и од соблазнувањето од матреријалниот свет, туку „целиот човек да го направи здрав“ (Јован 7:23).

Изворот на злото и на смртта во светот не е материјата. „Жалоста не излегува од земјата, ниту злото никнува од нивата“ (Јов 5:6). За Платон тои озвор е телото – „темница на душата", а за апостол Павле, верен на Мојсеевата традиција, телото е – храм на духот (1 Коринтјаните 6:9). И ете, се покажува дека самото тело човеково е слепено со рацете на Творецот (Битие 2:7). Така Шестодневот на Мојсеј дава фон неопходен за разбирање на Евангелието.

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети:{moshits}