За воспитанието на децата и младите

КАКО ДА ГО ЗАЧУВАМЕ СЕМЕЈСТВОТО?

Сте помислиле ли дека темата за значењето или дефиницијата за семејството во текот на историјата никогаш не била предмет на интересирање, мотив за дискусија и анализа? И тоа од причина што до неодамна ниедна идеологија или тоталитарен режим го нема нападнато семејството како што тоа се случува денес.
Семејството не само што му дава значење, туку и го структурира социјалното ткиво и преку децата ја храни иднината на народот. Во секое општество семејството е тоа што ги подига ѕидините на природната нормалност, се грижи за иднината и ја негува моралноста. Така, ниеден лидер, колку и да не бил добар, не можел да се бори против тоа што ја сочинувало основата на државата што ја водел.
Ненормалноста започна од моментот кога човекот ги презеде уздите на историјата во свои раце, заборавајќи дека постои Господ. Така, војната што дарвинизмот Му ја објави на Создателот, всушност, во историјата ја започна војната против сите традиционални вредности. На почетокот на 20 век веќе беа изработени проектираните идеологии во дистопиите на Хаксли и Орвел, имајќи ги за цел уништувањето на семејството и институционализацијата на децата. Болшевистите ја испробаа таа работа во првите години од заземањето на Русија, но се откажаа, едноставно светот сѐ уште не беше подготвен. Денес, медиокритетот, восовршувањето на психолошкиот и социјалниот инженеринг го овозможуваат тоа.
За новите комунисти, кои идеолошки го контролираат поголемиот дел од западните земји, семејството претставува најголемиот непријател. Тоа најлесно се согледува во статистиките и не се однесува само на процентот на разводите, кои во тие држави достигна и до 70%, туку и на процентот од популацијата што страда од различни психички болести. Се однесува и на депресивниот синдром, на немирот што го погодува поголемиот број од децата кои се лишени од присутноста и грижата на родителите. Тоа во иста мера ги погодува и адолесцентите, кои во потрага по љубов ќе заглават или згрешат во сексот, кој во толкава мера е грабливец и истоштувач на духовните ресурси, колку што на почетокот изгледа примамлив. А да не зборуваме за разводите, кои станаа речиси секојдневна работа на возраст по четириесет години, како и за безнадежното прибежиште во секаков вид задоволства: аналгетици, антипсихотици, алкохолот или каква било дрога, од кои најдостапни се телевизијата и Интернетот, социјалните мрежи и порнографијата.

Зошто уништување на семејството?

Се чини дека равенката на модерниот свет е решена од манипулатори, кои стискаат на копчињата за консумација, забава и порнографија. Останува уште семејството целосно да биде разорено преку напади врз неговата основа, односно врз идејата за основање на брачна заедница меѓу маж и жена, како и раѓањето деца. Легализацијата на брак помеѓу хомосексуалци, како најголема злоупотреба и измама насочена против семејството од Адам и Ева па наваму, е само природна последица на сето тоа. Очигледно, станува збор за промена на дефиницијата за семејството, а кризата во којашто тоа денес е доведено го овозможува тоа.
Од каде желбата за уништување на семејството? Нема ли светот потреба од луѓе, од моралност, од заедница и од љубов? Дали технологијата го прави непотребно постоењето на човекот? Или, пак, самите луѓе, со нивната бројност или со очекувањата што ги имаат од светот и од општеството, го ставаат во опасност изобилието на малкумината во чии раце се сконцентрирани моќта и богатството на светот? Или, едноставно, виртуозното човечко постоење преку семејството е исклучено од атеистичката безлична логика на моќта, затоа што таа самата претставува логика на злото или лукавиот? Можеме да најдеме многу објаснувања, но сепак, барањето причини сега и не е толку важно, колку што е важна одлуката да сториме нешто.
За жал, денес семејните луѓе или се презафатени со стекнување материјални средства за егзистенција или се окупирани со дневните вести, со монденските скандали, или пак, се западнати во којзнае каква зависност, во поголема или помала бенигна форма. Социјалните инженерии знаат дека човекот станува опасен кога има доволно време. Затоа е и присилен да работи што е можно повеќе – или, доколку има материјални средства, е намамен постојано да се забавува. Затоа постојат толку многу вештачки потреби, ненаситни желби, фрустрации што воведуваат (и посредуваат) во заблуда, и многу други нешта што потполно ни го затвораат разумниот видик, за да не забележиме дека самото семејство или животот ни се ставени во опасност.
Во сето тоа постои задоволство, но во иста мера е очигледно и очајничко бегство од болката, од самотијата, од какво било страдање, па дури и од смртта. Притоа, како општество, колектив или заедница повеќе немаме опит од страдањето што ни е дадено, немаме опит од воздржание, од сеќавање на смртта, од трпение и пожртвуваност, односно од вистински христијански живот, кој нѐ избавува од стапиците на егоизмот и психологизмот, од депресија и очај.
Вистина е дека без Христос, Живиот Бог, од опит познаен во аскетската молитвата, почувствуван во скрушеноста на срцето и покајанието на вистинското благочестие, не може да се замисли одбраната, сочувувањето и опстанокот на човештвото. Затоа, борбата против семејството – создадено како добро од Божјата рака , или против каков било општествен поредок, е особено нагласена и е поврзана со борбата против Црквата Божја. Затоа и дневниот печат лае при повикот на нивните атеистички лидери против свештенството, загадувајќи ја околината со валкани работи. Затоа и социјалните политики проектираат законодавство, за да ја стават Црквата во узди колку што е можно повеќе, за да можат на крајот да ѝ го зададат последниот удар, не сфаќајќи дека Црквата никогаш нема да падне.
Но, сето тоа не треба да нѐ обесхрабрува и обезнадежува, туку напротив. Жестокоста, гневот и суровоста со кои „силните“ денес се борат против Христос претставуваат најдобриот доказ дека им е страв од Црквата Божја, дека им е страв од силата Негова, од Неговата голема милост, која може да го подигне од гревовната кал и најлошиот меѓу нас, за да го направи маченик и исповедник, и да му ја спаси душата преку покајание.
Знам дека онолку време колку што Христос се жртвува во светите олтари, тие се далеку од победа. И за сета оваа работа не сакаат да бидеме свесни, за да не се бориме и да не се утврдиме уште повеќе во Бог, туку што побргу да паднеме во очај. На овој начин победува лукавиот денес. Ни го полни умот со лоши помисли, со застрашувачки вести, ни ја загадува душата со сомнеж и со чувство на немоќ, за да нѐ парализира преку страв и терор, и на тој начин да нѐ исфрли од борба.

Црквата е жива и активна

Да започнеме да се будиме како општество од хипнотичкиот сон воведен од средствата за масовна комуникација, да се разбудиме за да Го посведочиме Христос, затоа што ќе дојдат многу потешки времиња, а ако денес не можеме да сториме толку малку, придобивајќи го како народ  правото на семејството да постои, подоцна ќе ни биде многу потешко да си ја сочуваме христијанската свест, да му се спротивставиме на одрекувањето од Христос – во најмала рака и во маскирана форма. Но, доколку не се бориме за да посведочиме кога сме повикани, дали тоа не е веќе начин на откажување од Оној што се жртвуваше за нас? Тоа претставува нешто за коешто многумина од нас би требало да размислуваме и да водиме сметка, посебно кога комфорот или стравот од загубата на удопствата и ризикот да станеме стигматизирани нѐ прават пасивни, убедени дека е доволно само да ја сочуваме верата во нашите срца. Мачениците од сите времиња и исповедниците од комунистичките затвори не размислуваа на ваков начин, туку многу пострадаа и затоа сега се со Христос.

Види: 1 Бит. 1, 31.

д-р Виргилиј Георге
биофизичар и доктор по биоетика,
заменик-претседател на Институтот за психосоцијално истражување и биоетика,
Букурешт, Романија

извор: „Familia Ortodoxă“, 104, октомври 2017 г.
превод од романски: о. Константин и Анка Митеви

 

Преземено од: ПРЕМИН бр 125/126

Јануари 2018 лето Господово