Едно дете ме праша: За што зборуваш во беседата? Мојата мајка те слуша, ѝ се допаѓа, но кога се враќа дома, повторно го прави истото!

По патот наваму мислев и си велев: Ајде, оди да ги кажеш пак истите работи, пак да кажат: “Колку убаво, оче!” и пак да отидат дома и пак да го прават истото. Беседите се добра работа, но понекогаш си мислам дека ние, проповедниците, кои доаѓаме, изгледа ве зашеметуваме и ве збунуваме, бидејќи еден вели едно, друг друго, слушате различни мислења; но од она што го гледам, секој човек има сопствено мислење, секој е прикован во своите ставови, мајките и татковците продолжуваат така како што се научиле, и ако попот зборува како нам ни е угодно, тој е добар, ако зборува поинаку, велиме: Тој не знае што зборува! Затоа е подобро и ние да бидеме повнимателни. Се прашував што да кажам сега, како да зборувам, да укорам или да погалам. Потоа си реков дека што и да направам, не треба да се обеспокојувам! Животот продолжува, секој дом е различен, секој го има своето семејство, проблеми, свој карактер.  

А едно дете дури и ме праша:

– Што е темата? – Така ме праша едно дете на Фејсбук. Му одговорив:

– “Имам дете во пубертет”. – Тоа ми рече:

– Да ти кажам ли како требаше да ја насловиш?

– Како?

– Имам родители во пубертет!

– Зошто го велиш тоа?

– Бидејќи не сме само ние во пубертет, туку и нашите родители. Моите родители се во поголем пубертет од мене со нивното однесување, размислување, инаетење, лични и душевни проблеми.

И вие, родителите, сега одите да им помогнете на вистинските деца во пубертет! Пубертетот е период кој започнува во средно училиште, иако во Грција (и на Балканот –заб.прев.) се однесуваме како деца во пубертет до старост, т.е. мајката го смета синот за дете додека тој наполни 60 години. Синот на 60 години, мајката е 80, и му вели: “Исчешлај се, дете мое! Среди се малку!“ 60-годишен син, а неговата мајка го смета за детенце. Не може да го надмине тоа. Ова прашање во Европа, во Америка, во странство, во голема мера е решено од гледна точка на независноста. Да ​​имам дете во пубертет значи дека детето се подготвува да ги отвори своите крилја, да полета и родителите се помириле дека ќе останат сами: Ќе останам со жена ми, ќе одиме на скијање, ќе пиеме чај, ќе гледаме телевизија, ќе го палиме каминот.

Кај нас, сепак, кога детето ни влезе во пубертет, почнуваме нови планови за негово покорување – детето сега треба да ми припаѓа уште повеќе, треба да видам што ќе прави со куќата што му ја изградив, како да го опколам со повеќе внимание, треба да го контролирам, да не би случајно да отиде далеку, да не земе некоја девојка која не ја одобрувам. Воопшто, родителите сакаат постојано да контролираат, да управуваат, да чувствуваат дека тие се господарот дома, каде што зборот им станува дело: Реков и пресеков и така треба да биде! Дури ни на ум не ни минува дека тоа наше однесување кон децата е одраз и на нашите сопствени проблеми. Нашите проблеми сеуште не се решени, но точно врз нашите деца избувнува целата наша – како се вели научно – психопатологија, т.е. нашите душевни проблеми ги истураме врз детето.

Завчера читав дека најнесоодветни луѓе да одгледуваат деца се родителите, затоа што се млади. Не разбирајте го погрешно, не е напишано од злоба, туку објаснува дека да можеш да создадеш дете и да го родиш не значи дека можеш и да го одгледаш правилно. Се разбира, така е во животот. Бидејќи зрелиот има мудрост, искуство, сталоженост, рамнотежа во душата, а младиот човек не може да размислува така. Младиот родител, чиешто дете постепено расте, прави толку многу грешки, бидејќи претходно не нашол во себеси што точно сака, без самиот тој да го проживеал својот пубертет целосно.

И знаеш ли зошто сме такви со нашите деца? Бидејќи како мали деца бевме “добри” деца. Овде се ставам и себеси, за да не ме гледате како противник – сите правиме грешки, исто така и свештеникот. И тој не е подготвен да исповеда со самото тоа што е ракоположен. Ако јас сум станал свештеник на 25 години, а на 30 години исповедник, зарем можам да ги исповедам луѓето правилно? Не зборувам за благодатта на Таинството што ја имаш дури и на 20 години да си ракоположен за свештеник, туку мислам на тоа да дадеш совет. Каков совет можам да ѝ дадам на една 50 годишна госпоѓа? Ќе направам грешки, бидејќи не сум се испекол во животот, не сум бил испитан, не сум искусил болка, не сум плачел.

Ние сме збунети во нашиот однос со младите, бидејќи кога ние бевме млади, бевме многу добри деца. Тоа не е баш природно. На наше разочарување. Бидејќи не е можно да се биде млад, а да не се биде малку бурен. Некои ми велат:

– Имам многу добро дете! Тоа е толку мирно!

– Колку години има?

– 18 години.

– И што прави? Малку врева, малку бунт, малку анти?

– Ништо.

– Ох, – велам. – Света Богородице!

На 30 години тоа ќе избие. Но, на 30 години тој веќе се оженил, а потоа го истура врз децата. Бидејќи природно е кога човекот расте, да минува низ противење, нервози, желби, бидејќи тие работи постојат во нас и се во нашата природа. Во одреден момент тие мора да се пројават. Јас не реков да се пројават и изразат на бесрамен начин, но не може воопшто да ги немаш во животот. Ние, меѓутоа, сме многу добри деца во нашиот младински живот, но резултатот е, кога ќе се ожениме и создадеме наши деца, нашиот пубертет и раздразнителност избиваат и децата плаќаат за тоа. Да му помогнам на своето дете, да се зафатам со него, да го спасам! Да му зборувам каде ќе оди, како ќе се облече, со кого ќе разговара, да му го проверувам телефонот, неговите пораки, ако му ги знам лозинки и сум ги зел од неговиот брат или сестра, кој скришно ми ги кажа и илјадници трикови за да не ја почитувам слободата на детето и да не го изгаснам мојот страв. Се плашиме, мислејќи дека ако јас го земам во свои раце животот на другиот, ќе го спасам.

Христос знаел што зборува кога рекол дека никој не треба да нарекуваме татко или мајка на земјата. Јас сум. Еден е вашиот Отец. Многумина од нас велат: Без мене, детето загинува! Ако јас не сум до него, тоа ќе загине! Тоа е грешка. Без разлика дали си до твоето дете, тоа ќе порасне душевно и телесно. Исто како што кога ќе ставиш домат во земјата и го поливаш, ќе порасне и ќе стане домат, а не лубеница, така и твоето дете ќе го најде својот пат. Не е потребно постојано да висиш над него. Тоа самото ќе го најде својот пат. Тоа не е само, туку го има својот Ангел-чувар, светото Крштение, светото Миро, светата Причест, светите Таинства. Заклучок? Ние на дело не веруваме во ништо од тоа. Затоа што, ако веруваме, ќе спиевме многу поспокојно, со доверба во Бога за нашето дете. Ние немаме некој лош човек до нас, туку едно дете, кое сака да се пронајде себеси и се бори со себе, со својата душа, со своите хормони, со своето тело, со својата околина и наместо околу себе да најде благопријатна средина за развој, наоѓа една рака, која укажува, казнува, вриска; воопшто, средина која врши притисок врз него. Што ќе постигнеме? Многу едноставно. Ги губиме нашите деца. Едноставно е. Децата не се занимаваат со своите родители, не комуницираат, постојано се кријат, колку поумешни станувате за да ги откриете сите нивни работи, тие толку поумешни стануваат да ги скријат и да не ви ги кажуваат своите тајни. Бидејќи начинот на кој го правите тоа не е добар.

Еден човек отишол да го види старец Пајсиј. Тој бил студент и ќе учел во САД, се занимавал со рок музика, современи трендови во музиката и така натаму. Тој отишол да го чуе мислењето на старецот и го прашал:

– Оче, одам во САД. Што велиш, да одам ли?

– Зошто да не одиш?

– Таму има светски, грешен живот, многу луѓе, врева, сообраќај, разни теории, девојки, момци, свет, ќе се отклонам! А и со рок музика се занимавам. Зарем овие работи не се опасни?

– Слушај, бре, дете! Јас не знам за рок и х-рок. Јас го знам ова: Го сакаш ли Христос? Оди насекаде и од ништо нема да пострадаш! Не Го ли сакаш Христос? Каде и да си, и тука да останеш, ќе бидеш во опасност.

– Значи, оче, ми дозволуваш и покрај тоа што слушам рок?

– Ти реков: не знам за рок и х-рок.

Тајната е да го научиш твоето дете да го сака Христос и она, што си му го дал, да го прифати во себе, да го доживее, да го живее, а не да му наметнуваш и постојано да го следиш. Синот ти отишол да учи во Лондон и мама од Атина се јавува за да види дали си сварил јајце. Си го свари ли јајцето? И детето без проблем кажува една лага: Да, како што ми кажа!, но тоа, всушност, си порачало храна, зашто си вели: Кој ќе се занимава со неа сега!, т.е. тој не те гледа сериозно, затоа што не може да те зема сериозно – на 22-годишен маж да му велиш да си свари јајце!

Сè што сега велам, знаете накаде води. Малку по малку темата оди некаде, затоа што гледате дека темата за децата не ги засега самите деца. Да имам дете во пубертет значи реално она, што го рече тоа дете на почетокот – дека имам родители во пубертет. Темата е за родителите: дали тие се ОК помеѓу себе? Кога сакам да разговарам со родителите за децата, зборувам за самите родители и им велам: најдобрата помош за вашето дете е вие да биде среќен пар. Сè друго се само зборови, колку да кажеме нешто. Дали се согласувате? Среќен пар значи 24 часа деноноќно да им дава на своите деца жив пример за тоа што е среќна семејна врска и семејна топлина, т.е. не проповед, туку живот и доживување. Не е потребно да го кажуваш, тоа те гледа.

Старец Пајсиј вели дека неговата мајка ги научила да се молат без никогаш да им рече да се помолат! Таа постојано се молеше и ја гледавме. Миеше садови и се молеше. Готвеше и се молеше. Зарем е потребно таа жена да ти каже: Чедо мое, помоли се! Вие им велите на децата да читаат, држејќи го далечинскиот управувач за телевизор во рака. Ги менувате каналите и велите читај, бре, дете мое! Читај! И во исто време му велиш на сопругот: Пушти го другиот канал, филмот почнува! Дома имаме многу аршини – половината живеат во нивниот опуштен, убав свет, а во исто време сакаш да го ставиш детето во друг систем на живот. Ти се караш и се колиш со маж ти или жена ти, и сакаш децата да ти бидат како овчички. Не бива, тоа е болест. Тоа е дефиниција за шизофренијата во која сите живееме. Јас не се исклучувам себеси, бидејќи сите страдаме. Од суштинско значење е да си го признаеме тоа и да престанеме да велиме: Детето е виновно!, а да речеме дека, на крајот од краиштата јас не постапувам добро! Некаде и јас не постапувам добро.

Зoшто децата постојано кажуваат за своите родители дека не можат да ги истрпат? Не можам! Не ги поднесувам! Таква мајка и таков татко! Едно девојче плачеше во лицејот и ми рече:

– Не можам да издржам, оче! Мајка ми е црковен човек, но начинот на кој таа живее не е утешителен ни за неа, ни за нас. Бидејќи, Христос рекол да се научиме од Него, затоа што Тој е кроток и смирен по срце. И на друго место – дојдете да Ве утешам. Јас не гледам таков мир дома, туку само викотници, хистерија, нервози и едно однесување – тоа го рече зборот – каприциозно. Едно вели наутро, друго напладне, трето навечер. Наутро има нервози, секој ѝ е виновен, мора да испие 50 кафиња и да испуши пет цигари за да се соземе, потоа ми зборува поблаго, напладне е ем така – ем вака, навечер ме милува и ми подготвува слатки работи, а наутро сè се повторува. Тоа однесување ме умори. Не знам што се случува. Напротив, татко ми не оди многу често во црква, но тој е нормален човек. Односно кога му кажавме за една сиромашна соученичка на училиште, тој извади 50 евра и ми даде да ѝ ги дадам.

Потоа тоа се сврте и ми рече нешто, што нејзината мајка би требало самата да го разбере, но сèуште не го разбрала, ниту ќе го разбере. Затоа на почетокот ви реков дека е тешко да се разбудиш. Девојчето ми рече:

– Оче, мајка ми, што е можно побрзо, треба да оди на лекар! – таа не мислеше на ортопед. Јас ѝ реков:

– Зошто го велиш тоа?

– Па, бидејќи проблемот не се решава така! Не може така да се однесува дома.

Дозволете ми да ви кажам од моето мало искуство во училиште со деца и со многумина сопрузи, со кои разговарам – јас не сум им помогнал, но слушам што ми велат. Сум видел исклучително многу проблеми, за кои е потребна помош, и помош не само од свештеник, туку и од училиште за родители, од некој психолог, со кого ќе зборуваш, некој лекар, кого ќе го посетиш, за да разбереш зошто се однесуваш така со детето, што се случува, та се добива таква врева дома.

Сега ве разочарувам, бидејќи велите: Добро, толку време зборуваш, нема ли на крај да ни кажеш како треба да се поправат нашите деца? Ние затоа дојдовме тука, за да слушнеме како ќе се случи тоа, а ти зборуваш дека… Да, но прашањето не се децата. Што да му кажам на едно 15 годишно дете? Веднаш штом ќе почнам да му кажувам и ќе прочепкам по неговиот живот, тоа ми дава таков одговор, со кој те здрвува. Го прашувам зошто не е добро дете и.т.н., а тоа ми одговара:

– Зошто не ѝ го кажете тоа на мајка ми, која веќе 5 дена не разговара со татко ми и се мурти? Зарем јас сум им виновен, заради тоа што не одам на црква? Тие не зборуваат меѓу себе дома веќе пет дена. – Се јавувам на мажот и го прашувам:

– Зошто се однесуваш така со жена ти?

– Јас ли? Одам да ја допрам, а таа не сака и мисли дека сум нејзин непријател.

Имам дете во пубертет. Потребна е огромно трпение додека го одгледате детето и додека вие го имате, но треба тоа да го направите правилно. Тоа е прашањето. Пет дена не ми зборува, не ми дава да ја допрам, постојано го става Бога напред, за да оправда некакви нејзини проблеми, сака да живееме дома како да сме на Света Гора, постојано кажува колку е прекрасен тој подвижник! Колку е убав тој начин на живот! Да, но ние не ги читаме подвижниците за да живееме со нашите деца и со нашиот сопруг како да сме подвижници, бидејќи живееме во Атина. Така детето ја прима пораката дека ‘моите родители не се сакаат, не се среќни, соединети, вљубени’. Тогаш свештеникот што да прави? Црквата што да прави? Бог што да прави, откако Бог те поставил да бидеш Негов образец за детето дома? Односно, првиот татко што детето го знае не е Отецот (Таткото) од молитвата Оче наш, туку си ти. Првиот татко за него е таткото и мајката со кои живее. Ако тоа те засака тебе, и Бога ќе го засака. Јас ќе му кажам дека Бог е добар, бидејќи тој е наш Татко (Отец), и веднаш ќе го чуе зборот ‘татко’ и неговото срце ќе помисли на неговиот дом. И сега ти му кажуваш за татко му и тоа се сепнува. Вака му реков на едно дете:

– Бог те сака како татко!

– А, добро, го познавате ли татко ми? Немојте да правите споредба!

Следствено, ние ја расипуваме претставата во децата за она што е таткото, што е мајката, што е Бог, а потоа Бог тука ништо не може да стори.

Јас не сум видел лош човек или лош родител. Вие сте многу добри луѓе, но имате вина, затоа што живееме во време во кое можете да научите многу работи. Вашите родители се виновни спрема вас, но не можам да одам сега во селото за да ја земам бабата, која одамна починала, и да ѝ кажам зошто така ја воспитала ќерка си или сина си! Тие немале ниту вишо образование, ниту пак учеле, па така знаеле, така и правеле. Но, вие – знаете.

Многу ценам еден брачен пар, кои вчера ми рекоа: Оче, видовме дека, на крајот од краиштата, не можеш само ти да ни помогнеш и затоа се  јавивме кај еден брачен советник, за да отидеме да позборуваме како сопружници како да ни помогне да го сочуваме нашиот брак и детето. Бидејќи нешто во тој дом не оди добро. Друга девојка, која се подготвува да се омажи, го фатила својот вереник и му рекла дека ‘оваа приказна нема да продолжи вака, да се караме на секои три дена. Треба да видиме како ќе продолжи нашиот живот’. Она што ние не го правиме, т.е. вашата генерација. Вие сега велите: половина од нашиот живот помина… Ајде… нека оди цел! Не е така. Ги ценам оние луѓе, кои одат на специјалисти, читаат книги, заинтересирани се, отвораат интернет, бараат и читаат совети. Што, ќе рече, примам совети? Ќе рече – докторе, кажи ми што да променам? Јас не видов некоја мајка да дојде и да ми каже: Оче, поправи ме!, туку постојано велат кажи му на син ми! Кажи ѝ на ќерка ми! Кажи му на маж ми! И мажот исто: Кажи ѝ на жена ми! Никој не вели: Кажи ми каде не постапувам добро, да се променам! Затоа не се менуваме.

Ако децата го гледаат тоа дома, ќе имаат многу убав живот. Постојат такви семејства. Постојат среќни семејства, кои не прават ништо посебно, а живеат убаво и прекрасно. Таткото се враќа од работа, ѝ дава топол бакнеж на својата сопруга, таа му одговара, го љуби, вечераат заедно, разговараат. И обратно, додека мажот оди да ја бакне, таа му вели: Мирисаш! Оди подалеку, измиј се, преоблечи се! Погледни каков си! Постојано ропот, ропот, ропот и пораката што ја давате на вашето дете е дека животот е постојано жалење и незадоволство, дека нема среќа во овој свет.

Знаете ли дека многу млади луѓе не сакаат да стапат во брак токму поради оваа причина? Зошто да стапам во брак? – ти велат. Моите родители стапија во брак, и што видов од нив, за и јас тоа да го посакам? Зошто да стапам во брак? Да правам што? Целта на човекот – вели родителот и почнува да зборува. Остави ги тие работи, вели момчето на својата мајка. Покажи ми ги! Она што го велиш, покажи ми го во нашиот дом! Во последните пет години, вие секои три месеци барате адвокат за развод! И сега ми велиш да создадам убаво семејство? Вие  зошто постојано зборувате за развод во овој дом? Детето постојано слуша кавги, караници, таткото спие во дневната соба, мајката во спалната соба, едниот има сопствена каса, и другиот исто.

Оче, мојот син не оди на црква! Што да прави во црква? Ако оди, повеќе ќе ти се спротивставува, ако дознае какви се работи, уште повеќе ќе се нервира. Затоа децата го прават она што можат. За среќа, Бог постои, ги просветлува и им помага. Но, детето прави грешки. И што се случува, кога ќе направи грешка? А вие што сакате, да не прави грешки? Кое дете сакаш да го одгледаш како ангел? Никогаш да не направи грешки? И јас правев грешки, и правам, и ќе правам; не се радувам, но тоа е животот. Некој ми рече: подобро да правиш грешки, отколку да седиш и безработно да не правиш ништо. Правењето грешки значи дека се обидувам и паѓам во неуспех. Не сум во застој. Само мртвите не прават грешки, кај нив што се случило, се случило. Ние се обидуваме и вложуваме напори.

Ама мојот син се вмешал некаде, пуши, зема дрога – дури и преку тоа Бог може да го најде. Бидејќи причината, поради кој тој зема опојни материи, е тоа што ти не си го напоила со твојата љубов. Зошто доаѓаш и плачеш? И мене да ме разнежиш. Реалноста е следната, драга госпоѓо, којашто плачеш, и господине, –  кажувам нешто споредно – постојат и свети родители, чии деца, покрај тоа, се замешале во нешто. Добро? Тоа е слободата на секоја личност, но има родители кои со својот начин му покажале на своето дете дека ‘тука од мене љубов нема да видиш’! Затоа детето го побарало тоа на некое друго место, и бидејќи во мајка си не ја нашол градата што ќе го храни и неговата душа да се насити со љубов, тоа го нашло шишето, т.е. наместо града, го нашло шишето и пие и се опива. Младите деца се опиваат. Зошто? Тие се досадуваат дома. Затоа се заплеткуваат во разни нешта. Меѓутоа, Христовото слегување во адот ни покажува дека каде и да пропаднеш, и во најлошиот мрак да слезе младиот човек, Христос и таму ќе оди да му помогне.

Зошто преподобниот старец Порфириј ги привлекувал младите кон себе? Зошто? Бидејќи тој не се фаќал за моторите, искинатите панталони, обетките, тој не го коментирал тоа, туку одел во душата; а ние: не, не бива, треба да му кажете, оче, да не го прави тоа! Си ја исфарбал косата! Зарем не е подобро да ја видиш причината, којашто води до тоа однесување? Да влеземе во длабочините на неговото срце, да се успокои неговата душа и после тоа да нема потреба ниту да си ја кине облеката на партали, ниту да си става обетки на носот, ниту да прави чудни фризури. Но, ние тргнуваме по обратниот пат. Другиот кашла и ние му велиме да не кашла! Да, но кашлицата покажува дека има вирус, затоа види му ги белите дробови, за да дознаеш зошто кашла. Ти велиш – не сакам да слушам кашлица! Односно, ние постојано ги гледаме симптомите, но никогаш коренот на проблемот, т.е. зошто тоа дете стигнало до таму? Дали разбирате?

258042.p

Ако размислиш за овие работи и ги побараш, ќе најдеш многу убави вистини, каде првично ќе плачеш, зашто гледаш дека имаш одговорност, но кога тие работи ќе се решат, живот ти станува толку слободен и среќен, така што сѐ оди многу добро. Но, кога овие работи не се решаваат и постојано се прикриваат, состојбата, како што рековме, се овековечува. Детето ќе го пренесе тоа врз својот сопствен дом, врз внуците и.т.н. Ако не го најдеме коренот на проблемите што го нарушуваат нашиот добар однос, ништо нема да се промени.

Им завидувам на брачните парови, кои создале семејство, поради можноста што Бог им ја дава да доживеат многу убави моменти во домот, квалитетни моменти, а не лицемерни и псевдо-добри. Но, тие мора да ја побараат причината, да разберат што се случува, зошто така се случува, зошто не комуницираме. Само тогаш заслужуваш да имаш семејство, да имаш дете, да стане тинејџер, да стане бунтовен итн., бидејќи тоа ќе го најде својот пат, ќе се врати како што блудниот син се вратил. А тој зошто се вратил? Зашто, каде и да одел, во своето срце го носел печатот на љубовта, имено, дека ‘татко ми некогаш ме возљуби’!

Ти велат: зошто, оче, јас не си го сакам ли моето дете? Го сакаш, но понекогаш ги имаш твоите бубачки, сакаш да ти угоди, за ти да бидеш спокоен. Го сакаш, но му велиш бре, магаре! Сега што ќе кажам на соседите, откако не те примија на факултет? За резил ме направи! Но, тоа го рече. Го сакаш детето, но го похули и кажа тешки зборови. Следствено, зарем ќе речеш си го сакам детето? И кога му удри шамар завчера, не го направи од љубов, како предниот пат – од болка, туку зашто насобра нервози преку цеиот ден и – детето направило грешка на тестот, на тебе ти се насобрало и изеди еден шамар и крај! Детето разбра дека неговите родители имаат свои проблеми и со нив го товарат и него. И што си вели? Нема ли да пораснам, нема ли да наполнам 18 години? Нема ли да избегам? Ќе видиш! Тогаш ќе си го живеам мојот живот! Односно, наместо да ги намалиме растојанијата во нашите души, ние успеваме да отвориме бездна меѓу нас со начинот на којшто се однесуваме.

 

18.01.2018 год.

Извор: Родители в пубертет – Архм. Андрей Конанос

Преземено од: https://maranata0.wordpress.com/2017/12/01/%d1%80%d0%be%d0%b4%d0%b8%d1%82%d0%b5%d0%bb%d0%b8-%d0%b2%d0%be-%d0%bf%d1%83%d0%b1%d0%b5%d1%80%d1%82%d0%b5%d1%82-%d0%b0%d1%80%d1%85%d0%b8%d0%bc%d0%b0%d0%bd%d0%b4%d1%80%d0%b8%d1%82-%d0%b0%d0%bd%d0%b4/

 

Друго:

. архим. Андреј (Конанос): Големо нешто е да го живееш животот коj ти се допаѓа