„Без духовен живот не може да се постигне успех во спортот“

✤✣✤

Интервју со протоереј Николај Соколов

✤✣✤

Денес спортот е една од најважните компоненти на општествениот живот. И не само тоа, спортот е професија, спортот за жал е дури и бизнис, а понекогаш спортот е и политика. Спортистите што постигнале високи резултати стануваат национални херои, идоли на милиони: ним луѓето им се восхитуваат, со нив се гордеат, сакаат да им се угледаат. А дали меѓу нив има многу верници? Дали спортистот со своите резултати може да Му служи на Бога? До што доведува спортот повеќе – до обединување или до поделба на луѓето? И воопшто, дали спортот, не само професионалниот, туку и аматерскиот, секојдневен, се спојува со христијанскиот живот?

-Често гледаме како спортистите се прекрстуваат пред натпреварот, како носат крстиња. Според вас, какво место во животот на спортистот зазема верата во Бога?

-Секој човек во својот живот Го среќава Бога. Оваа средба се одигрува на различни начини: понекогаш во детството, понекогаш во младоста, некогаш и во зрелите години, а некогаш и на смртната постела. Во близок контакт сум со светот на спортот и гледам како Господ ги повикува нашите спортисти да Му служат преку спортот. Преку духовниот живот кој кај нив почнува со тежок труд – скоро кај сите уште од раното детство. Уште не ни тргнале на училиште, а веќе тренираат во спортските секции: тоа понекогаш се секојдневни тренинзи од по неколку часа, станување во 6 наутро, натпревари, кои за детскиот организам претставуваат многу сериозно оптеретување. И гледам како скоро сите спортисти се чувствуваат: не се осамени во овој живот, и покрај сите тешки ситуации можат да се обратат кон Бога во молитвата. И сите доаѓаат до мислењето дека без помош одозгора, без Бога, не би можеле да постигнат добри резултати.

-На некои од нив верата им ја всадиле самите нивни родители, кои уште од детство ги воделе во храмот. Воспитани се како верници и ја сочувале верата и кога пораснале, занимавајќи се со спорт сега како олимпијци. Други, пак, во храмот ги водел тренерот кој бил човек – верник. А се случува и самите животни околности да се такви, така што самите спортисти, сега како возрасни луѓе, си наоѓаат духовник. Навистина, кога влегов во светот на спортот, во годините на застој, кога попушташе Советската власт, не секој сакаше да признае дека е парохјан на овој или оној храм. Бидејќи патувајќи во странство на Олимписките игри, на овие или оние натпревари, тие требаше, да речеме, да бидат идеолошки исправни. Затоа што сите беа комсомолци... Никој не сакаше да го истакнува својот верски живот. Но имаше меѓу нив и верници.

-А како спортистот може да Му служи на Бога?

-Чесно натпреварувајќи се, не користејќи допинг и забранети препарати, потпирајќи се на спортското искуство и постигнатите резултати, со Божја помош, која безусловно ги следи оние што Му се обраќаат. Тие дури и прават своја мисија, настапуваат како мисионери. Бидејќи во многу интервјуа новинарите прашуваат: „Дали сте верник?“ И ако олимпискиот шампион каже дека е, верува во Бога, има духовник, на овој натпревар е дојден со благословот на овој или оној епископ, или свештеник, луѓето почнуваат да помислуваат: „А зошто јас немам духовник? Зошто јас не одам во храмот?“ Така самиот живот на спортистите потврдува дека спортот е пат кон духовниот живот.

-Се покажува дека успехот на спортистот ги поттикнува и обичните луѓе?

-Да. Многу луѓе ми се обраќаат како на старешина на храмот, како на свештеник којшто духовно раководи со олимписките делегации, со нашиот Олимписки комитет и прашуваат: „А дали кај вас доаѓаат тие и тие олимписки шампиони? Да?“ И почнуваат и тие да доаѓаат во храмот.

-А дали се случува спортистот да си замине од Бога? И ако се случува, во кои околности?

- Отворено откажување од духовниот живот, или така да се каже, разочарување, не сум видел. Но имаше случаи на тешки духовни состојби при порази на натпреварите, во случај на тешки повреди... Меѓутоа, токму тогаш молитвата станува посилна. Една од задачите на духовниот на олимписката репрезентација е на спортистот кој паднал во тешка духовна состојба да му влее нови духовни сили, да го поддржи. Животот продолжува и спортот е спорт, како што се вели. Победува посилниот, таква е и волјата Божја. Но дури и кога спортистите не освојувале први места и испаѓале од екипата, немало случај некој да ми каже дека ја напушта Црквата. На тоа не сум наишол. Напротив, таквите уште почесто доаѓаат во храмот за да добијат поддршка и утеха. И на Олимписките игри тие се повеќе на број отколку оние што доаѓаат да се заблагодарат за своите награди.

-На сите ни е позната поговорката: „Во здраво тело - здрав дух“, и тоа токму во овој изменет облик, оригиналната употреба е токму спротивната. Дали се согласувате со тоа што се тврди во оваа популарна изрека?

-Господ ни дал дух, душа и тело. Духот и душата се единствени, а телото треба да се потчинува на движењата на душата и духот. И сметам дека човекот во спортот, тренирајќи го своето тело истовремено ја тренира и својата душа, и својот дух, бидејќи без духовен живот малку се оние кои можат да остварат големи достигнувања во спортот. На пример: во боречки вештини – таму во самата суштина постои духовната компонента! И резултатите се постигнуваат не толку благодарение на силата, колку што благодарение на внатрешната енергија која Господ му ја дава на човекот, а за тоа треба да се има подвигот на вистински духовен живот. Затоа „во здраво тело - здрав дух“, е онаа синергија која треба да постои во идеален случај. Човекот своето тело и здравје да ги прифаќа како скапоцен дар Божји. А тоа може да се постигне само преку занимавање со спорт уште од детство. Или барем така што наутро ќе правиме вежби.

-Во црковните средини постојат различни

тивречи на духовниот живот. Ако станува збор за луѓе кои физички се развиваат, да се сетиме на монашката работа. На Атон и во другите манастири... кога треба да се исечат голем број на дрвја, да се изделкаат, да се исцепат дрва, да се донесат, однесат, да се поправи храмот, манастирот, ѕидовите... сето тоа претставува тешка физичка работа. И тоа се напори налик на оние што спортистите ги вложуваат за да би можеле да остварат некакви резултати во спортот. А овде духовното се преплетува со физичкото.

-Но во спортот е поинаку. Таму овој труд се плаќа, а монасите не добиваат пари.

-Да, во спортот постои материјалната компонента. Има и опасности: се појавува извесна гордост. Понекогаш луѓето достигнувајќи врвни резултати забораваат дека за сѐ треба да Му заблагодарат на Бога и да продолжат да работат. И имало случаи кога спортистите откако ќе ја освоеја одредена титула, награда, или медал, вклучително и златен, почнуваат да водат, така да се каже, еден испразен светски живот. И после извесно време го напуштаат портот сметајќи дека постигнале сѐ што сакаат и дека од дивидендата што ја стекнале ќе можат безгрижно да живеат. Ова по правило се завршуваше ако не трагично, во секој случај жално. Затоа што луѓето почнуваат да злоупотребуваат одредени работи... Освен тоа, и ова спортистите треба секогаш да го имаат на ум, кога ќе престанеш професионално да се занимаваш со спорт, без разлика дали е тоа бокс, или пливање, или гимнастика, или некој друг спорт, ако твојот организам и твоето срце повеќе не се подложени на ова сито оптеретување на кое биле навикнати, ако нагло престанеш да тренираш, тогаш болестите се неизбежни. За да може човекот да го сочува здравјето треба постојано да вложува напор. И ако наместо физичкото оптеретување се подложиш на оптеретување во вид на алкохолизам, сѐ добива спротивен ефект.

Извор: Бигорски манастир