Светоотечка ризница

Преподобен Паисиј Светогорец


НОВА ГЕНЕРАЦИЈА: ИСЧЕЗНА ДУХОТ НА ПОЖРТВУВАНОСТА

                 Денешните луѓе, барем повеќето од нив, никогаш не ја почувствувале радоста на пожртвуваноста, зашто не го сакаат трудот. Завладеала мрзеливоста, удобноста, изобилието на олеснувањето. Исчезнала грижливоста, пожртвуваноста. За успех се смета кога човек ќе постигне нешто без труд, кога му е удобно. Нема ли удобност, нема радост. Но, кога кон сѐ би се поставиле духовно, луѓето би се радувале токму на таквите можности, зашто токму со нив би им се овозможила можност за борба.

                  Сега сите, и млади и стари, бараат олеснување. Верниците се трудат со што помалку труд да достигнат светост. Луѓето со светско настроение – како да се здобијат со што повеќе пари, и тоа без работа. Младите – како да ги положат испитите без учење; како да добијат дипломи без да ги напуштат кафулињата. И ако е можно, телефонирајќи оттаму да ги добијат резултатите од испитот. Да, дотаму сме дојдени! Многумина од нив ми влегуваат во ќелијата и говорат: „Помоли се да го положам испитот“. Не учи, а ми кажува: „Бог ќе ми помогне“. „Само ти учи“, му велам, „и моли се“. А тој на тоа: „Зошто, зарем Бог нема да ми помогне?“ Односно, Бог треба да ја благослови неговата мрзeливост. Не може така. Ако учи, но не може да запамти, Бог ќе му помогне. Постојат млади што не памтат или не разбираат баш најдобро, но се трудат. Бог на таквите ќе им помогне да станат генијалци.

                  Среќа, постојат и исклучоци: едно младо момче од Халкидики полагаше приемен испит на три факултети, и на сите помина ; на едниот факултет беше прв, на другиот – втор, но повеќе сакаше да се вработи за да го растерети својот татко кој работеше во рудник. Така не почна со студии, туку веднаш се вработи. Оваа душа за мене е лек. За такви деца би умрел, во земја би се претворил. Меѓутоа, на повеќето млади им влијае духот на овој свет, поради што [духовно] страдаат. Навикнале да се грижат само за себе; воопшто не мислат за својот ближен, туку само за себе. И колку повеќе им помагаш, толку повеќе денгубат.

                   Ја набљудувам денешнава млитава младина. Едно осудуваат, за друго немаат волја, и нивните срца не можат ниту да се уморат, ниту да остарат. Да се замонашат – немаат волја. Да се оженат – се плашат од [одговорности]. Доаѓаат кревки момчиња, и повторно доаѓаат на Света Гора... Говорат: „Ах, и монах да се биде е тешко; секој ден треба да стануваш сред ноќ! И тоа не еден или два дена...!“ Лутаат по светот. „Што да правам во ова друштво; со кој ќе се вплеткам ако се оженам? Ма, сѐ е без врска“, кажуваат, и повторно доаѓаат на Света Гора. Ќе поседат малку, па повторно: „Овде е тешко“. Младите денес личат на нови мотори во кои маслото е заледено. Потребно е маслото да се загрее за моторите да проработат. Поинаку не оди. Неретко ми доаѓаат сироти момчиња и ме прашуваат: „Што да правам, оче, како да го поминам времето, досадно ми е“. Најди, бре, некоја работа. „Имам пари“, ми вели. „Што ќе ми е работа?“ „Но апостол Павле вели: ’Ако некој не сака да работи, нека не јаде‘ (2. Сол. 3, 10). Треба да работиш за да јадеш, иако имаш пари. Работата му помага на човекот да се одмрзне маслото во неговиот мотор. Работата е создавање. Донесува радост, а ги изгонува стресот, досадата. Така, бре, момче: најди некоја работа која барем малку ти се допаѓа, и почни. Пробај, па ќе видиш!“

                Гледаш, повторно, некои момчиња се уморуваат, а некои со заморот се одмораат. Ќе ми дојдат неколку млади луѓе во ќелијата, седат и се изморуваат од седење. Други со голема усрдност  ме прашуваат: „Што можеме да направиме за тебе? Што да ти донесеме?“ Никогаш ништо не барам. Ноќе ги завршувам сите обврски со ламба на батерии; носам дрва, зимно време ги ложам двете печки, средувам. Многу посетители оставаат сѐ во неред: кал, мокри чорапи. Им давам тенки чорапи, кои луѓето ми ги праќаат, а тие своите ги расфрлаат наоколу. Им давам салфети за да ги завиткаат, но и тоа го расфрлаат. Трипати сум барал нешто во животот. На едно момче еднаш му реков: „Ми требаат две кутии кибрит од Кареја“ – иако имав четири запалки, но така постапив за да го израдувам. Отрча радосен, целиот се задиша за да ми ги донесе, но тој умор го одмори, зашто ја вкуси радоста на давањето. А едно друго момче седеше, и од седење се измори. Сите бараат да почувствуваат радост, но за да може да настапи радост, човек треба да се жртвува. Радоста се раѓа од жртви. Вистинската радост доаѓа од усрдноста. Да се негува усрдноста, тоа е вистинско празнување! Човековата мака е саможивоста, самољубието; тоа никој не промашува.

                Двајца млади официри дојдоа на Света Гора, па ми велат: „Сакаме да бидеме монаси“. „А зошто сакате да бидете монаси?“, ги прашав. „Од кога ве привлекува тоа?“ „Од сега“, ми велат. „Ја посетивме Света Гора и мислиме тука да останеме, зашто може да се случи да избие некоја војна!“ „Море, како не ви е срам!“, им реков. ‘Може да избие некоја војна!’ А како мислите да ја напуштите воената служба?“ „Ќе најдеме некој изговор“, ми велат. Што ќе најдат? Или ќе се направат луди, или... во секој случај, нешто ќе измислат. „Ако сакате да станете монаси, а така размислувате, од самиот почеток ќе бидете неуспешни“, им реков.

                Други, пак, иако од порано се подготвувале за женидба, да основаат семејство, доаѓаат за да ми кажат: „Зошто би се женел? Зарем да основам семејство и да гледам деца во вакво тешко време?“ „Добро“, им велам, „зарем животот престанувал за време на гонењата? Зарем тогаш не работеле, не се женеле? А тебе, можеби, да не ти е од сѐ здосадено?“ „Сакам да бидам монах“, вели. „Но тебе сѐ ти здосадило! Баш би бил ти некој добар монах!“ Разбирате? (...) Тоа ви изгледа чудно? Верувајте, постојат и такви луѓе. Знајте: оној што напредува, во сѐ ќе напредува. Грижливиот семеен човек и во монаштво би бил успешен, како што и грижливиот монах би бил успешен и кога би основал семејство.


***

               Денес владее дух на млакост; никаде мажественост, никаде пожртвуваност. Сѐ е изменето со оваа денешна расипана логика. И гледаш, додека некогаш во војска одеа доброволно, денес вадат потврди дека се луди, за да не служат во војска. А како било некогаш? Имавме еден капетан; имаше само дваесет и три години, но беше вистинско јуначиште! Еднаш му се јави татко му, офицер во пензија, и му кажа дека тој ќе се погрижи да го преместат од првата линија во позадина. А капетанот извика: „Срам да ти е, тато, зарем од тебе да чујам такво нешто? Само мрзливите седат таму“. Беше искрен, чесен, херој над секоја мера; секогаш одеше напред, пред сите. Шинелот му беше изрешетан како сито, но, сепак, не загина. Кога го отслужи воениот рок, го понесе шинелот со себе за спомен.

извор: „С болом и љубављу савременом човеку“,
Манастир Св. првомученика и архиђакона Стефана, Врање, 2015

5-ти февруари 2016 год.

Извор: ПРЕМИН

 pp