Исламска држава ја презеде одговорноста за вчерашните напади во Париз во кои до сега неофицијално загинаа 160 лица, а над 200 се повредени и ранети.

 

„Со Божјата помош на наша страна, ќе победиме во Ирак!“, објави Џорџ Буш пред почетокот на војната. „Борете се, како Самиот Бог да ви наредува!“, ги бодреше Садам Хусеин војниците во спротивниот табор.

Водачи кои се повикуваат на Бога за да ги оправдаат своите експанзионистички планови. Војски кои ја просат Божјата помош пред почетокот на воени дејствија и кампањи. Но, која е улогата на Бога во една војна? Дали религиите и религиските разлики се вистинските причини за војна?

Речиси сите верски војни во себе кријат политички и финансиски интереси и се водат за територии, според истражувачите од Одделот за мировни студии на универзитетот Бредфорд. Во едно скорешно истражување се покажа дека вооружените конфликти ретко кога (а најверојатно никогаш) не се засноваат на нечија вера. Иако се водат во име на некаква виша сила, нивните корени се многу… повалкани: економски, политички, борба за природни ресурси и територии, национализам, идентитет…

Кога САД и Британија подготвуваа терен за нивните воени операции во Ирак, на сцена стапи поврзувањето на религијата и војната… „Света војна“, „праведна војна“, „судир меѓу цивилизации“, беа само дел од зборовите што изобилно се користеа. Но, според истото истражување, инвазијата на Ирак е војна која само вербално била опишана како верска: и тоа, според религиозната совест на само еден човек – Џорџ Буш.

+ + +

Општо прифатено е мислењето дека бројот на организации или групи кои се вклучени во конфликти од верска природа е значајно зголемен во втората половина од ХХ век, по завршувањето на Втората светска војна: од 26 во периодот 1945-49, на 70 во деведесетите.

Сепак, во последниот век, автентични верски војни имало многу малку. Израелско-арапските војни кои започнаа во 1948г., а кои во средствата за јавно информирање се претставени како верски војни, се всушност последица на националистички тренд, [војни за] ослободување на територии или дефанзива. Исламскиот тероризам што Ал-Каеда го предводи со години е најмногу поврзан со политичкиот статус на арапскиот свет и присуството на американски сили во муслиманските земји, а не верски прозелитизам врз странци или територијална експанзија во името на Бога.

+ + +

Нападите на Ал Каеда, како и судирите меѓу индусите и муслиманите во Гуџарат, Индија во 2002г. се најсвежи примери за верски иницирано насилство во 21 век. И двата случаи докажуваат дека религијата може да биде причина за војна само во случај кога религиските и државните водачи стануваат сојузници. Во Гуџарат, инцијална искра за насилство беше нападот, наверојатно од муслимани, врз воз со патници – индуси. Резултатот: 58 жртви. Последиците беа моментални: следните денови, муслимански семејства, домови и бизниси станаа жртви на вооружени напади. Резултатот: 2000 убиени муслимани. Што се однесува до војната во Ирак: секако, тоа не беше верска војна; таа само беше накитена со верски зборови и изрази…

Чиновниците од Белата куќа терористите ги нарекуваат „грешници“, додека следбениците на Садам Хусеин американските окупатори ги нарекуваат „неверници“. И двете страни се повикуваат на Семоќниот, очекувајќи од Него благослов за победа.

Но, како што еднаш рекол Абрахам Линколн, пред повеќе од еден век: „При големи конфликти, секоја од страните тврди дека постапува според Божјата волја. И двете страни веруваат во тоа, но сепак, едната од нив мора да греши… Бог не може истовремено да е против и за една иста идеја“.

 

Редактирано од: Πόλεμοι θρησκευτικοί ή με πρόσχημα τη θρησκεία;
Извор: http://agapi.mk/verski-vojni-ili-vojni-so-verski-izgovor/