од писмата на св. старец Јован Крестјанкин

Драга И., Стар сум и не можам да раководам со вашиот живот, а и никој друг нема да го живее [Вашиот живот] освен Вас. Добро би било да не се ослонувате на словото на Законот, туку да живеете во неговиот дух. Верувајте, во тој случај не би ја оттргнале ќерка Ви од себе, и би умееле да ја разберете, затоа што тоа не би било тешко за Вас, кои до неодамна сте живееле со истите тие интереси кои сега ја привлекуваат неа. А љубовта и разбирањето би ја дале таа златна средина, која сега Ви е потребна во односите со ќерка Ви. Досега никој не постигнал нешто добро насилно.

Ако христијанството се садеше со тупаница, одамна ќе исчезнеше од земјава. А Господ е љубов и љубовта ги разбира и чувствува сите. Со тие методи што сте ги превзеле во врска со ќерка Ви, ќе успеете единствено долотрајно, ако не и вечно, да ја одвратите од Бога и од Црквата. Умудрувајте се. + + + Т., Потсети се како си учела на училиште и примени ги тој метод на себеобучување и во духовниот живот. Не брзај, не биди во грч и немој да се скршиш себеси и семејството, туку постапувај промислено во секоја животна ситуација. И уште не заборавај да велиш: „Господи, помогни! Господи, вразуми!“ Така и ќе правиш. Во оваа наука главно е да се владееш, не другите, туку себеси. Бог е љубов и оној кој во љубов пребива, во Бога пребива. Ете ја целата наука. Учи се да ги љубиш другите, да ги жалиш другите, и радоста ќе се всели твојот ум и срце. + + + Во Господа драга Л., Треба да живеете со мајка Ви дотогаш, додека не ја измолите за Бога, додека и таа со Вас не дојде на црковниот праг. Умудрувајте се во одаите на вашето срце да живеете напорен христијански живот, и тоа само во одаите, додека Вашата љубов кон Господа не ја изведе и мајка Ви на патот на спасението. Дотогаш, ниту збор, ни помисла за манастир. Трудете се. Доколку се устремите да го попречите духовниот развој што Ви го одредил Бог и го тргнете она што Господ Ви дал да го преживеете, ќе ја погубите мајка Ви. А нејзе ѝ треба помош да го најде патот кон Бога. Тоа се прави само со љубов. + + + Драга во Господа Е., Духовниот живот е упорна работа без крај, за цел живот. Во таа борба се случуваат и победи и порази. И сето ова можеме да го надминеме со името Исусово. И тешко на оној човек кој по непријателски наговор се гледа како среќен и задоволен. Така е и со Вас, добро е во потполност да ја видите својата немоќ – отсуството на љубов. Во тоа трудете се, и не го нарекувајте Вашиот труд и напор „лицемерие“. Не, тоа не е лицемерие, туку искрена желба да го имате тоа што го немате, а што ви е крајно неопходно. Прочитајте го Првото послание до Коринтјаните, тринаесеттата глава, за љубовта. Натерајте се во умот постојано да ја имате пред очи. И уште: првото скалило кон љубовта е жалоста. Сожалете се врз децата кои ги учите, оти тие од мали се испоранети од возрасните кои на ништо не ги научиле и нема да ги научат, немајќи за тоа ниту желба, ниту разбирање. О, несреќни дивјачиња, подготвени за погибел доколку Господ не погледне со милоста Своја [на нив] и не влезе, било кога, во нивниот живот. Имате потреба за внимание. Не е ли таа потреба многукратна поголема кај децата? Ете, заменете го стравот пред децата со внимание кон секое од нив, не општо и кон сите, туку кон секое посебно. Љубовта кон човештвото е словесен блуд. Љубовта кон човекот, конкретен, на нашиот животен и од Бога даде пат е практично дело кое изискува труд, напор, борба со себе и со својата мрзеливост. И така, Л., не смутувајте се, трудете се. Вам и на Т. Божји благослов.


Извор: http://agapi.mk/za-ljubovta-kon-boga-i-bliznite/