Новогодишната ноќ Crvena-Prica.jpg

 

Новогодишната ноќ – тоа е простување со годината што изминува како со стар пријател кој делел со нас и радост и тага, а сега засекогаш нè напушта; тоа е средба со годината што следи, која пак како гостин тропа на вратата на нашиот дом. Новото лето – време на благодарност и надеж: благодарение на Бога за Неговата милост, и надеж за подобра иднина. Како рибата, која наоѓајќи се во вода, а не разбира што е тоа вода, како птицата која се возвишува под облаците, не знае што е тоа воздух на кој се крепат нејзините крилја, така и ние не знаеме за сите добродејствија Божји кои нè опкружуваат.
 
Само во задгробниот живот се открива од какви сè не опасности секојдневно нè избавува Господ, од какви сè не беди нè запазувал неповредени, од какви сè не огнени испитувања и искушенија нè извлекувал; Он нè заштитувал од видливите и невидливите непријатели, нè извлекувал од духовните јами и уредени стапици, ја разобличувал лагата и расипаноста на завидливците и лицемерните пријатели, чудесно нè излекувал од смртоносните болести – за тие добродејствија ние и не знаеме многу, тие ќе ни се откријат во задгробниот живот. Без оглед на тоа што ни се случува, ние сме должни да веруваме дека сето тоа е богатство и да говориме:"Слава му на Бога за сè". Треба да се биде благодарен на Бога за самиот дар на животот. Он нè извлекол од бездните на небитието, ни дал земен живот и ни ветил вечно царство. Ние сме должни да му благодариме на Господа само затоа што го гледаме светот озарен во сонце, само затоа што над нас блеска небото и ние цврсто чекориме по земјата; а колкумина од нашите другари и врсници веќе лежат под земјата небаре под црна прекривка!
 
Новата Година нè учи да му благодариме на Господа за секој ден од животот кој преку покајанието може да стане ден на спасението. Годината – тоа е затворен круг од време, но на духовен начин може да се претстави како лествица, скалила кои се возвишуваат нагоре и се спуштаат надолу – во населбите на вечниот свет и во темнината на подземјето, во зависност од нашата вера и дела. Затоа, предвечерјето на новата година – е испит на проживеаното време. Должни сме да се преиспитаме пред сопствената совест: какви грешки сме извршиле и во какови сè гревови сме паднале, какво сè не добро сме можеле да направиме и не сме направиле, што треба да исправиме и извршиме во следното ново лето.
 
Новата година – тоа е надеж дека светот, наговестен од ангелите во Витлеем, ќе пребива во нашите срца како оган во светилник. Нова година – тоа е средба со пријателите во знак на духовно единство. Мнозина од нив повеќе не се со нас: тие го завршиле земниот живот претекнувајќи нè на патот кон вечноста, и ние сме должни молитвено да ги споменуваме, како би можеле со нив, молитвено да ја споделиме новогодишната трпеза. Љубовта е посилна од смртта. Небаре очи на небото – ѕвездите - гледаат на земјата, така погледите на упокоените се устремени кон нас: тие нè напуштиле телесно, но не се разделиле духовно со оние кои ги љубат.
 
Нова година – време за размисла за смислата на животот, за вечноста и времето. Смислата и цел на животот – единство со Бога, влез во Неговата предвечна светлина. А време за христијанинот – е богатство за кое се задобива вечноста. Ние живееме во времето. Секому му е даден рок на пребивање на земјата. Сепак, времето кое што е така вообичаено за нас, во суштина – е таинствено и недостижно.
 
Големиот ум на древноста, Аристотел говорел дека од сето што го опкружува човекот, најзагадочно е времето. Блажениот Августин сметал дека тој знае за времето тогаш кога за него не размислува; а кога започнува да размислува за времето, тоа се губи, збунува и восхитува. Платон пишувал дека времето – е космос во движење, тоа проникнува заедно со вселената и исчезнува со неа. Хераклит го споредувал времето со поток во кој не треба да се влегува двапати. Тој тажел дека земното битие е тоа полубитие - единство на животот со смртта. Човекот живее и не живее: живее, затоа што реално постои, и не живее, зошто времето уништува небаре гори сè и самиот човек, дека сегашноста е невозможно да се запре и да се задржи – возникнувајќи од бездната на иднината, тоа тука веќе тоне во бездната на минатото.
 
Средновековните алхемичари го барале еликсирот на бесмртноста кој би им дал власт над времето, риболов на сеништа и потера по прелестни сништа. Волшебникот Фауст ја продал душата на ѓаволот за способноста мигот да стане вечност по своја желба, но бил измамен од злобниот дух. Ниту на ангелите ниту на демоните не им е дадена власт ниту господство над времето.
 
Човекот се наоѓа во времето како во невидлив поток; таа река е невозможно да се огради и задржи. Човекот често заборава на времето, но времето никогаш не заборава на него. Секоја година се менува лицето на човекот, секое столетие се менува ликот на земјата. Времето е слично на бисерен конец, исткаен од мигови, кое што, искрејќи, исчезнува. Но во тоа е неговата таинствена смисла: миговите не можат да се вратат, и затоа времето треба да биде особено вредно и драгоцено за човекот. Времето за живите, по волјата Божја се претвора во метафизичка светлина; времето, испоразгубено во гревови и суети – во метафизички мрак.
 
Новата година за христијанинот – тоа е нова етапа на духовна борба со демонските сили, обичаите на полупаганскиот свет со своите страсти – невидливи змејови кои се прпелкаат на темното дно на душата. Секој човек е должен да осознае и да ја идентификува својата главна страст и да востанови начело на борба со неа.
Новата година – е секогаш подарок и радост. Таа со својата светлина ги озарува и замоците, и бедните колиби, ги загрева срцата и на богатите и на сиромашните. Нека новогодишната радост за христијаните стане предворје на иднината, неминлива радост на Небесното Царство каде што времето ù го отстапува своето место на вечноста!
 

Архимандрит Рафаил (Карелин)
Карелин-Р.Ru
17 января 2013 г.

Превел Пантелеј Кондратјук
Со благослов на отец Горан Тасески


27-ми декември. лето Господово 2014