porfirij_mar
Свети Порфириј Капсокаливит

porfirij_marЕднаш старецот ни рече: Страдалните души, измачените, кои се мачат од страстите, се удостојуваат со поголема љубов и благодат Божја. Таквите луѓе стануваат свети, а ние често ги осудуваме. Спомнете си што вели апостолот Павле: Каде што, пак, се умножува гревот, благодатта се јавува во голема изобилност (Рим. 5,20).

Кога ќе се сетите на ова, тогаш ќе почувствувате, дека тие, кои страдаат од страсти, се подостојни и од вас, и од мене. Ние ги гледаме како немоќни, но кога тие ќе се отворат за Бога, тогаш ќе се исполнат со љубов (агапи) и ќе се преполнат со Божествена љубов – привлечност кон Бога (еротас).

Иако тие се навикнале на друго, но потоа тие сите свои сили на душата Му ги оддаваат на Христа и од љубовта Христова стануваат оган. Така настанува чудо Божјо во таквите души, кои ние ги нарекуваме пропаднати.

Да не бидеме мрзоволни, да не брзаме, да не судиме според површни и надворешни нешта. Ако, на пример, вие гледате жена разголена или непристојно облечена, не се задржувајте на надворешноста, туку навлезете во длабочината, во нејзината душа.

Можно е таа да е многу добра душа и таа да се наоѓа во потрага по смислата на животот, што и го покажува со својот надворешен изглед. Во неа постои динамичност, демонстративна сила, таа сака да ги привлече погледите на другите луѓе. Од од незнаење тоа го прави на неубав начин.

Размислете, а што ако таа Го познае Христа? Таа ќе поверува и сета своја енергија ќе ја насочи кон Христа. Таа ќе стори сѐ, за да ја привлече Божјата благодат, и ќе стане света!

Еден од видовите на нашето покажување на себеси, на егоизмот, се состои во тоа, да бараме од другите да станат подобри. Во стварноста самите ние сакаме да станеме подобри, но бидејќи не можеме, тогаш истото го бараме од другите и настојуваме на тоа… Неретко, наместо да ја поправиме состојбата со молитва, ние често се огорчуваме, се збунуваме и осудуваме.

Превод од руски: Свештеник Јани Мулев

Изворник: Агиоритико вима (руско издание)
24/01/2014 Uncategorized.

 Извор: Амнов