Сите светители во рајот

Сите светители во рајот

Имам рак!

Денешниов ден ќе беше вообичаен. И многу подобар од претходните. Работата добро одеше денес, имавме многу планови за празниците. Сè до мигот кога заѕвони телефонот. Карцином. Така просто го рече тоа. Малку пред тоа имаше плачено, не сум сигурен. Имам рак, Коста, – ми рече. Ракот има „традиција“ во нашето семејство. Пред 3 години татко ми беше удрен од оваа љубов Божја. Се упокои на 14 октомври 2005 година, во „Свети Сава“, на денот на Покровот на Пресвета Богородица. Го прославивме Бога во оној ден и ѝ заблагодаривме на Пресветата наша што го зеде во нејзиниот ден. Сите овие нешта звучат „лудо“… Го славите Бога затоа што … го зел вашиот татко!!! ДА! Татко ми беше неверник. Помина окупации, војни, измачувања во домови за бегалци, прогон на островот Свети Евстратиј, напади, се откажа од бродската трговија поради многуте грижи и се вработи во градежништво и работеше 50 години. Безбожник го нарекуваа, но едноставно тој беше нерелигиозен. Велеше дека е безбожен и се кикотеше, сè додека…

Сè до денот кога ги допре раните на Господ. Сè до часот кога тој негатор на Натприродниот го виде присуството на Господ. Се сеќавам, со зорт го однесов во болница. На лекарот не му требаше многу време за да ми каже. Рак, – рече едноставно. Татко ми се насмевна и нервозно го удри весникот – секогаш го купуваше уште рано, чиниш се плаши да не нема. Ракот се задржа 4 години. Татко ми Го запозна Христос со едно чудо. Отидовме во храмот на Свети Партениј (исцелител на болните од рак) и се обиде да го запали кандилото на светителот. Не се палеше. Помисли да отиде во возилото за да земе друга запалка. Штотуку го сврте грбот кон кандилото, од кандилото излезе пламен висок еден метар. Татко ми занеме… сите го видовме тоа што се случи. Тој не проговори ништо. Но беше подготвен. Побара ИЗВИНИ од Христос. Го прими во своето срце. Поверува во Господ. Во последните денови ни говореше светоотечки зборови, без да има поим од светите отци. Татко ми се упокои и е во рајот Христов. Го знам тоа. Не можам да ви покажам. Но го знам тоа. Во денот кога замина кај Христа празнуваше нашата Пресвета Богородица. Симболика? За некои наивни како мене – Да. Се сеќавам во соседната соба се упокои некој друг брат. Неговата жена ја хулеше Пресвета Богородица што и го зела сопругот. Ние во другата соба славословевме. Некој заминал од овој суетен свет и отишол во неговата вистинска татковина. Не е ли тоа причина да Го славиш Господа?

Мојата сестра има рак. И тоа го дознав денес, на пладне. Не отидов кај неа. Претпочитав да се помолам. Не знаев дали треба да се молам за неа или за мене. Имаме уште пат за одење пред нас, Елена. Ќе бидам со тебе. Никогаш нема да го заборавам она што го кажа денес: „Христос знае што прави“, ми рече. „Знае што прави, за да ме спаси“, ми рече. Се сеќавам на старецот којшто рече:

„Бог не дозволува да се најде лек за ракот, бидејќи ракот го наполни рајот“. Држи се цврсто, сестро. Со тебе сум. И Христос.

Господи Исусе Христе, помилуј ме мене грешниот.
Превод од грчки јазик:
Свештеник Јани МулевИзвор:Ортодоксија и ортопраксија

 ДРУГО:

 Sample Image

 Sample Image

 osiosnikiforoslepros.jpg